Интервјуа

Маја Стојчевски: „Ако не се мрднеме ние во насока на раст и развој, ќе не` помрдне животот со разни предизвици“

Интервју со Маја Стојчевски, coach за родители на посебни деца од Neuss, Германија

Јоана со мама Маја
Везилка Магазин

Храбра, непоколеблива, борбена, а сепак нежна – ова е Маја Стојчевски, coach за родители на посебни деца, мајка на прекрасната Јоана, која во потрага по најдобри услови за својата ќеркичка, веќе 5 години со семејството живее во Neuss, Германија.

Поминувајќи и самата низ лична трансформација за прифаќање на својата реалност, во мисија е своите научени лекции да ги пренесе на најлесен начин на сите оние родители на посебни деца кои се „борат“ со себе, со околината, со предизвиците, како и со желбите, фрустрациите и стравовите.

Предизвикувајќи ги да излезат од тој магичен круг на тага, гнев, збунетост и себе-сожалување, со сето свое битие пробува да го извлечи најдоброто од секоја ситуација, да живее со сегашниот момент и да не размислува премногу за „што ако беше“ и „што ќе биде“.

 

Маја Стојчевски – приватна архива

 

Автор на текстовите на македонски за поддршка и помош на родителите на посебни деца во Везилка Магазин, овој пат Маја ги замени улогите и во интимно интервју ја раскажа својата лична борба и животна приказна.

 

Која беше Маја до 2015та година?

 

– Бев некој кој е удобно сместен во својата комфор зона, со некоја друга дефиниција за успех, со предвидлива иднина, веќе насочена во одредена кариера, сопруга и тазе мајка. Се` се случуваше совршено испланирано во мојот свет – без големи тектонски поместувања и без многу простор за промени.

Марта Бек во нејзината книга „На патот кон вашата ѕвезда Северница„* има многу добра реченица: „ Кога ќе стигнеш онаму каде што сакаш да бидеш, можеш таму да останеш само ако тоа дозволува иновативност и личен раст“. Во смисла, дури и кога ќе постигнеме врв на кариера или друга значајна цел, нема долго да ни трае задоволството ако тука сопреме да креираме и создаваме. Ако не се мрднеме ние во насока на раст и развој, ќе не помрдне животот со разни предизвици.

 

Маја во Египет – приватна архива

 

Маја до 2015та година не ни сонуваше колку далеку од својата комфор зона ќе го продолжи своето патување.

 

Што значеше за тебе раѓањето на Јоана?

 

– Како да опишам во една реченица? Неизмерни среќа и љубов, експлозија од убави емоции. Од првата секунда почнав да уживам во улогата на мајка, возбудена за она што ќе донесе секој нов ден. Си ги замислував сите фази на нејзиното растење, како ќе ѝ бидам ментор, како ќе ја воспитувам и ќе ѝ всадам самодоверба дека може да биде и постигне се` што ќе посака. Си ветував дека нема да дозволам да стане лигаво дете, дека нема да ја ставам во стаклено ѕвоно, но ќе ѝ бидам најголема поддршка во се`.

Оваа среќа многу брзо се замати и сметав дека ми се случила некаква трагедија. За жал, така размислував тогаш.

Сега знам дека наместо јас, таа мене ми стана ментор и ми даде вредни лекции за тоа како може да се живее среќен и исполнет живот и од друга перспектива.

 

Маја и Јоана – приватна архива

 

Велам, за жал не го гледав тоа така уште од почеток, и за тоа цел живот ќе и се извинувам на мојата прекрасна Јоана.

 

Која ти беше првата помисла кога дозна дека имаш специјално дете?

 

– Не беше една помисла, туку милион одеднаш. Неверување, тежина на душата, страв дали воопшто ќе преживее, страв каква ќе ѝ биде иднината, страв дека премногу ќе страда и дека луѓето ќе не` отфрлат. Дополнително, грижа на совест, лутина и чувство на неправедност и едно чудно чувство на срам, и во ова верувам ќе се пронајдат поголемиот дел посебни родители.

На само два месеци ги доби првите епилептични напади и наскоро се најдовме на неочекувано поинакво патување.

 

Маја со сопругот и Јоана во Грција 2018 – приватна архива

 

Од цел свет, зошто баш Германија?

 

– Во Детската клиника во Љубљана ни кажаа дека на магнетна резонанца се гледа мозочно оштетување и дека се работи за веројатно некоја ретка дијагноза, штом првичните испитувања не дадоа резултат. Во тој момент две реалности ни станаа јасни со сопругот: 1. Јоана е дете со ментални и физички предизвици и 2. Ако е ретка дијагноза или некакво генетско нарушување, ќе бидат потребни многубројни и многу скапи испитувања додека не откриеме име на дијагноза.

Двајцата речиси едногласно изговоривме: Се селиме во Германија.

При тоа, не го зборувавме јазикот, не сме ја посетиле никогаш таа земја и воопшто не знаевме како функционираат системот, администрацијата и здравството. Се` што имавме беше силна интуиција дека таму ќе ги најдеме сите услови за нашето дете кои, за жал, не постојат во Македонија.

 

Маја со сопругот и бебе Јоана – приватна архива

 

Од сегашна перспектива, не сме можеле да донесеме подобра одлука. Тука најдовме се` што ни требаше за Јоана и многу повеќе. Еден одлично организиран систем од болници, терапии, ортопедски помагала, сето тоа водено од професионалци кои темелно си ја вршат работата.

Наидовме на инклузивно општество и всушност две нешта паѓаат веднаш во очи: прво, колку е чист воздухот дури и во густо населени градски средини и второ, колку се внимавало на лицата со попреченост. Секое парче јавна површина е уредено во функција на овие лица. Се`, од тротоари до јавен превоз, пристап до институции, рампи и ескалатори, секаде каде што е потребно. Во Германија не е невообичаено лица со попреченост сами да живеат, затоа што има услови за тоа.

 

На Galileo терапија – приватна архива

 

Поради сето ова огромен број на семејства кои имаат член кое е лице со попреченост се селат во Германија. Постојано се запознаваме со новo-преселени нашинци и мислам дека тој тренд нема да запре во скоро време.

 

По професија банкар/економист, но твојот нов избор тргна во сосема друга насока. Што те натера да бидеш “гласот” на овие родители/деца?

 

– Мојот внатрешен глас кој не ми даваше мир, дека знам како можам да им помогнам на посебните родители да излезат од лавиринтот од негативни емоции (кој се движи од страв, лутина, фрустрации, грижа, тага, вина, срам и се така во круг). Јас бев порано тој родител кој се чувствуваше така и тоа не траеше кратко време. Речиси четири години поминав на тоа неубаво место, додека не ми се случи целосно прифаќање на состојбата на моето дете и потоа трансформација.

 

 

Повеќе не се ни обвинувам што ми требаше толку долго. Тоа беше мој процес низ кој морав да поминам за да можам сега да бидам слободна. Кај секој родител е различно. Некои успеваат за кратко време да си дојдат на себе, да прифатат и да продолжат понатаму. На некои им требаат неколку години. А некои, за жал, целиот живот остануваат во некоја огорчена состојба и не можат да го препознаат благословот во нивната ситуација.

Во еден од моите блог-текстови ја обработував оваа тема и дојдов до заклучок дека доколку семејството се наоѓа во напредно општество каде постои инклузија и свесност за лицата со попреченост, периодот на тага може да се надмине за пократко време. Но ако се наоѓате во општество каде попреченоста е табу, не постои јавен интерес за олеснување на животот на овие семејства кои се ранлива категорија и нема инклузија, тогаш не е ни чудо ако тагата и негативните емоции останат многу долго.

 

Маја и Јоана на терапија со кучиња – приватна архива

 

Што значи coach за специјални родители и нивните специјални деца, и што требаше да направиш за да се квалификуваш како таква?

 

– По дефиниција life coaching е форма на личен развој во која искусна и професионална личност, наречена coach, поддржува клиент кон остварување на специфични лични и професионални цели, преку соодветен тренинг и водство.

Life coaching за родители и coaching за посебни родители е процес кој пружа поддршка низ сите предизвици, укажувајќи на предностите на родителот, откривање на скриени потенцијали, како и методи и техники кои ќе му помогнат во постигнување напредок, целосно прифаќање и подобрување на секојдневната динамика. Паметен и свесен родител работи на себе, ја усовршува својата личност и со тоа директно влијае врз благосостојбата на своето дете.

 

 

Никогаш нема да заборавам како Јоана речиси веднаш ја почувствува мојата трансформација и прифаќање. Веќе имав донесено одлука дека ќе гледам на нашата ситуација со други очи и дека наместо да поставувам прашања „Зошто јас и зошто моето дете?“, ќе се фокусирам на се` што е убаво.

Таа ноќ Јоана плачеше долго, ја земав во раце, ја гушнав и ѝ шепнав дека ѝ верувам, дека ја поддржувам и дека веќе нема да се обидувам да ја поправам. Се смири и заспа за две минути. Таа не разбира зборови, но може да почувствува енергија. Кога родителот е смирен, ефектот се пренесува и на детето.

Поминав неколку месеци во новото блажено чувство на смиреност, целосно прифаќање и новооткриена среќа, додека состојбата на Јоана остана непроменета. Секако дека тоа допринесе и сопругот да ми се придружи во се` што правев, зошто и тој беше изморен од чувството на заглавеност. Заедно се посветивме на личен развој и прочитавме еден тон книги, следевме семинари на Др. Џо Диспенза (Joe Dispenza), искусивме што значи да се живее во моментот, воведовме утринска рутина и се` почна да се менува во нашите животи на подобро.

 

Маја со сопругот во Берлин – приватна архива

 

Во еден момент ангажирав life coach со цел да поработам на себе и многу ми се допадна. Постигнав јасност и дефинирање на целите кон кои се стремев, и си реков, ова е супер, следно ќе најдам coach за посебни родители. И не најдов. Од толку тренери, никој не е специјализиран за работа со посебни родители.

Тука го препознав повикот кој го носам, да им помогнам на родителите кои се на местото на кое јас некогаш бев, да им помогнам да си го пронајдат патот кон прифаќање, благодарност и радост. Веднаш започнав обука кај Тамара Барош. Потоа учествував на работилница на Др. Брус Липтон (Dr. Bruce Lipton). Ја ангажирав како ментор и Лимба Веселиновиќ од Скопје, која ги прошири моите знаења и ме научи на дополнителни coaching техники.

 

Во Keukenhof Garten, Холандија – приватна архива

 

Во меѓувреме прочитав многу книги од таа област, како и книги за личен развој и во моментов посетувам и Coaching online academy. Никогаш нема да престанам да ги надоградувам моите знаења во оваа област, затоа што уживам во работата и затоа што секогаш може да се постигне понапредно ниво.

 

Како изгледа еден нормален ден со Јоана, и на што најмногу се радувате?

 

– Како прво многу гушкање и бацување. Таква маза не сте виделе?.

Прошетки во парк, ја гледаме Моана-скоро секој ден, дружење со братучетчињата, терапии и масажи.

Како посебно дете имаме многу предизвици. Физички и емотивно е напорно за посебниот родител затоа што детето зависи од тебе, менување пелени, миење, преместување, храна, анимација – се`. Не можам доволно да се заблагодарам на фактот што имаме медицински сестри кои се менуваат во смени кај нас дома. Имаме ноќна сестра која внимава на Јоана, ѝ дава терапија , ја преместува и реагира во ситуација на напад, а преку ден доаѓа и дневна сестра по неколку саати што го прави истото, па можам да се посветам на други обврски.

 

Јоана со братучедите Андреј и Марко – приватна архива

 

Ништо од ова немавме до ноември минатата година. До тогаш сами се грижевме за Јоана, ја носевме во прекрасна градинка и мајка ми многу често престојуваше кај нас, па така се комбиниравме. Но после минатогодишниот напад, потребна ни е медицинска поддршка и ова вака е обезбедено за сите деца на кои им е потребна интензивна нега, да не мора да живеат во болница, туку дома да ги имаат сите потребни услови и да уживаат во топлината на домот, која е незаменлива.

 

Кога би можела да го вратиш времето назад, дали нешто би променила?

 

– Се трудам да не западнам во замка на „што би било кога би било“ зошто може да стане премногу болно. Посебниот родител секогаш се прашува- дали се` направив на време? А што ако пропуштив нешто?

Научив да живеам во сегашниот момент и знам дека се` се случува со причина, па дури и тагата и чувството на беспомошност. Се` што ми се случило ме донело до се` што имам денес, а тоа е мило, слатко девојче, кое е моја инспирација и учител, прекрасен брак, неверојатни пријателства и хармонични односи со целата фамилија.

 

Во Carolinesiel на Северното Море – приватна архива

 

Не се занимавам со минатото, туку сум заинтересирана за сега, какви избори донесувам, на што го трошам времето и што можам да направам за да биде подобро.

 

Што значи Македонија за тебе, сега кога си надвор?

 

– Се уште значи дома, зошто таму се уште се мама, дада и дедо, како и блиски роднини и пријатели. Тоа што со два часа лет можам да дојдам во Скопје многу придонесува да не се чувствувам дека сум далеку.

За жал, Македонија значи и место на кое не можам да се вратам да живеам бидејќи таму нема услови за моето дете.

 

 

* книгата на Martha Beck која ја споменав, не знам дали е преведена на македонски. Јас на англиски ја прочитав и се вика Finding your own North Star. Од срце ја препорачувам.

 

Маја можете да ја следите на   Facebook   Instragram   Website

Везилка Магазин

Напишете коментар