Со Маја Стојчевски, life coach и тренер за посебни родители од Германија, имавме интервју минатата година, само неколку месеци пред смртта на нејзината ќеркичка Јоана. Од тогаш нејзиниот живот доби сосема поинаква смисла, изглед и функционирање – Маја помина премногу трансформации, се откри себеси, ги запозна другите, и покрај големата загуба ја пронајде смислата на својот живот и научи храбро да се движи кон секој предизвик за кој чувствува дека е наменет за неа.
Маја започна со групен тренинг курс, го спрема лансирањето на својот поткаст, а во септември оваа година заедно со Ирина од Швајцарија и Радица од Скопје за прв пат ќе организираат retreat на Халкидики за 20 одбрани жени наречен „Патување за лична трансформација“, за кој се сигурни дека ќе им го промени животот од корен.

Што ѝ се случуваше изминатата година на Маја, што промени направи, какви цели оствари и каде се гледа во иднина – прочитајте од интервјуто со Везилка.
Една од најтешките болки за било кој човек е смртта на сопственото дете…во ноември минатата година твојата ќеркичка Јоана физички го напушти овој свет, но нејзината светлина остана засекогаш да свети до вас. Како го помина тој период и што најмногу ти помогна?
Маја: Три месеци откако јас и ти го направивме првото интервју Јоана го продолжи своето патување и физички не е повеќе со нас. Случувањата од нејзината последна година навестуваа дека до вакво нешто може да дојде, но сепак имаше и многу простор за надеж и опоравување.
Во последните денови веќе беше јасно каде одат работите и во истиот момент одлучив дека моите поддршка и љубов ќе бидат на највисоко ниво. На моите тага и болка се фокусирав дури неколку недели по нејзиното заминување. Додека таа беше тука одржувавме смирена атмосфера, многу љубов, многу гушкање, многу ѝ зборував и ѝ кажував дека е храбра – прехрабра. Дека сум тука со неа и дека нашите енергии никогаш ништо нема да ги одвои. Ѝ велев да не се плаши, дека таму некој ќе ја пречека и таа ќе знае што треба да прави.

Во никој случај мојот сопруг и јас не дозволивме хистерија, паника, ниту стресна атмосфера околу неа. Таа заслужи да си замине достоинствено и во мир.
Наредниот период кој следеше, без потреба да објаснувам предлабоко – беше многу тежок и болен. Ми помогнаа книгите Dying to be me, Anita Moorjani (на хрватски е преведена како Ponovno rodzena), и книгите Journey of souls и Destiny of souls од Michael Newton. На англиски ги прочитав и не знам како се преведени на македонски јазик.
На секој кој се носи со болката од губење на сакана личност му ги препорачувам овие три книги.

Јас воопшто не чувствувам дека Јоана е отсутна. Таа е постојано во мене и околу мене и секојдневно ми дава на знаење со разни знаци дека ова е така и дека бев во право кога ѝ велев дека нашите енергии никогаш нема да бидат разделени.
Која лична трансформација ја доживеа најемотивно во тој период и колку тоа те насочи во трансформацискиот тренинг (коучинг)?
Маја: Мојата трансформација започна неколку години претходно, кога Јоана имаше три и пол години. Тогаш нешто нагло се промени во мојата свест и начинот на кој гледав на нашиот голем животен предизвик.
Со личен развој и многу работа на себе излегов од негативните емоции како очај, тага, лутина, беспомошност, вина, срам и сѐ што чувствуваат посебните родители откако ќе дознаат дека нивното дете има некоја дијагноза и нема да има типичен развој.
Читајќи книги, слушајќи видеа и низ работа со коуч за многу брзо време почнав да се чувствувам ослободено од сите негативни емоции. Станав среќна, радосна, мотивирана, инспирирана, благодарна, свесна за како да се живее во сегашниот момент. Станав многу посамоуверена, преполна со идеи и се чувствував незапирливо.

Искрено, до ден денес се чувствувам така. Кога ќе почнеш навистина да работиш на себе, кога целиот фокус ќе го ставиш врз својот живот, а не врз другите луѓе, нивните очекувања и како тие прават, се доживува ослободување што не се опишува со зборови. Тогаш остануваш со самата себе и сфаќаш дека огромна вредност и потенцијал носиш како човечко битие и ти и сите други. Едноставно знаеш дека можеш сѐ.
Една година откако го започнав овој процес одлучив да започнам кариера како коуч за посебни родители и да им помогнам да ја постигнат трансформацијата што јас ја постигнав. Многу брзо почнаа да ми приоѓаат и луѓе кои не се носат со предизвикот “посебни потреби“, но имаат други проблеми, друг тип на заглавеност во животот и потребна им е трансформација за да ги надминат.
Кога Јоана си замина си земав неколку месеци за да ги поминам, поточно преживеам почетните фази на тагата. Желбата да ја продолжам мисијата што Јоана и јас ја започнавме и да им помагам на луѓето со сѐ што знам и ми помогна и мене, направи за брзо време да се вратам меѓу моите клиенти и да ја продолжам работата.
Од тој момент интензивно и постојано работам коучинг за трансформација со голем број клиенти, на четири јазици. 😊
Минатата година го започна проектот Кафе со Маја, во кој еднаш месечно бесплатно си домаќинка на ЗУМ собиранка на жени од целиот свет (на македонски и англиски јазик). Какви теми и проблеми најчесто анализирате и какви повратни информации добиваш од учесничките?
Маја: Така е, Кафе со Маја ми е МНОГУ драг проект. Се одржува еднаш месечно на англиски и еднаш месечно на македонски. Ова е време и место наменето за позитивни жени, кои сакаат да работат на себе и имаат толеранција за различни перспективи, различни ставови и се отворени да дознаат и променат нешто ново во некои аспекти од живеењето.
Дружењето ни трае околу еден час и пристапот е бесплатен. Ова е од срце од мене до сите оние кои сакаат да добијат мала претстава како изгледа групен коучинг и за сите оние кои не можат да издвојат во моментов финансиски средства за себе. Несебично се давам на овие состаноци за кои се подготвувам по неколку часа неделно.
Веќе една година и два месеци се одржуваат состаноците Кафе со Маја. Групите растат полека и внимателно го делам пристапот до истата. Пазам многу во тој поглед и дозволувам по неколку нови жени да ни се приклучуваат на секој нареден состанок. На Кафе со Маја не се толерираат кавги, говор на омраза, навреди, ниту осудувања. До сега ниту оддалеку не се случило вакво нешто, но тоа е заради мојата внимателност да не пуштам 100 нови личности одеднаш кои не ги познавам.
Денес и во македонската и во англиската група доаѓаат извонредни жени, со високо развиена свест, со многу голема желба за работа на себе, позитивни, и со голема смисла за хумор.
Дружењето ни изгледа вака: за секое Кафе припремам конкретна тема на разговор. До сега сме имале: Како да се справиме со промените во животот, Како да се избегне манипулација, Стекнување нови навики, Поставување цели, Организација и време, Конфликти со другите луѓе и како да се надминат и многу други теми.
На последното Кафе со Маја на пример темата беше семинарот на Абрахам Хикс на кој бев во мај во Амстердам.
Во одредено време сите влегуваме на линкот на ЗУМ и започнувам со краток вовед. Атмосферата е весела, и јас ја чувствувам енергијата од целата група, особено додека ги гледам нивните насмеани лица на екран.
Околу 30 минути ја предавам темата која што ја подготвувам претходно и потоа се отвара дискусија. Вклучувам многу лични приказни и анегдоти. Тие можат да поставуваат прашања или да даваат коментари на темата. Може да поделат некое свое искуство или да поделат со групата идеја за книга, видео, поткаст или некој друг ресурс на темата.

Ова не е задолжително. Никој нема обврска да зборува ако не сака. Кафе со Маја е најмалку заради кафето. Тоа е состанок за релаксација и уживање во позитивна атмосфера. Тоа е време за жените да си посветат барем еден час во месецот грижа за себе.
Самиот факт што кој дошол еднаш на Кафе со Маја, постојано се враќа зборува самиот за себе. Но, дополнителен доказ дека ова многу вреди се пораките кои ги добивам после секој состанок дека се чувствуваат мотивирани, инспирирани, добиле нова решителност да продолжат со нешто што порано им било сон, но се откажале. На овој линк има кратко објаснување за тоа што е Кафе со Маја. Прочитајте ги коментарите под видеото и ќе видите за што зборувам.
Можете да се пријавите за присуство на mayastoychevski@gmail.com
Која е причината позади креирањето на групниот тренинг курс Kickstart to be in control of your life?
Маја: Овој курс има една страшно добитна формула, а добитната формула не се менува. Јас работам на себе постојано и свесна сум дека на едно исто ниво никој не може да остане долго време. Излегувањето од мојата комфорна зона е спорт со кој што се занимавам веќе четири години. 😊
Организирање групен коучинг ми беше дел од подолгорочните цели, но се случи многу порано од мојот првичен план. Kickstart to be in control of your life настана како резултат на тоа што мојот тренер, со кого работам веќе две години, ме предизвика по не знам кој пат да се пробам надвор од мојата комфорна зона.
Затоа прво седнав и направив увид што е она што го работам на индивидуалните сесии и какви резултати постигнуваат моите клиенти. На таа основа изработив програма во траење од 8 недели и какви резултати сакам да постигнат учесничките на курсот.
Овој курс се покажа како многу ефикасно средство и голем број жени кои веќе беа дел од оваа програма превземаа контрола над својот живот. До сега успешно ја поминаа програмата неколку групи жени на крајот на 2021ва и Kickstart генерација 2 кои беа на оваа програма во февруари и март оваа година.
Во моментов сме на половина пат со третата генерација жени во Kickstart и кога ќе помислам на сите овие групи чувствувам неверојатна исполнетост.
Низ пет мастерклас сесии и три сесии со прашања и одговори, ги водам низ целиот процес за лична трансформација. Работиме на нивните цели и им предавам еден таен сос кој е потребен за тие цели да се остварат. Само посакување и визуелизација не е доволно.
Работиме на усвојување на нови корисни навики, како да се заменат некорисните уверувања со нови, внатрешниот дијалог, организација на времето и како да се искреира да имате време за сѐ, јакнење на самодоверба, како да се справиме со другите луѓе, исполнетост на работно место и ако не се сѐ уште таму – како да дојдат до нивната работа од соништата. На крај развивање љубов кон себе и грижа за себе како една од најважните предуслови за среќа, радост, исполнителност и долгорочно здравје.
Тука можете повеќе да прочитате за содржината на курсот и какви се впечатоците на тие што го поминале.
Од секој Kickstart имам затворена група и со секоја од членките сум во контакт. Напредокот и трансформацијата што и понатаму ги постигнуваат секоја од нив се неверојатни. Што значи дека ефектите од овој курс траат многу долго по завршувањето.
Да не зборувам па и за тоа колкава е моќта на групата и колку поддршка има меѓу девојките. Јас не знам колку пати солзи ми потекувале од милина кога ќе видам што сѐ прават една за друга и како жени поддржуваат жени. Со малку ветер во грб луѓето се во состојба да искреираат извонредни нешта.
Еве што се случува во последната група:
*Две дами започнаа да ги пишуваат своите први книги – план што го имале веќе неколку години, но досега не се осмелиле
* Две дами започнуваат сопствен бизнис. Едната развива нешто што ѝ е голема страст отсекогаш – има врска со работа со деца, а другата започнува една сосема нова и оригинална идеја – прва во нејзиниот град. Едвај чекам да го видам нивниот резултат.
*Една дама одлучи да промени професија и тоа во своите 40ти години.
*Сите до една започнаа да прават работи на неделна основа од коишто порано се плашеле или ги одложувале до бескрај.
Овој курс е отворен за група од 10 жени. Следниот Kickstart четврта генерација ни почнува во Септември и листата на чекање веќе е отворена. Секоја која е заинтересирана може да ми пише mayastoychevski@gmail.com.
Затоа што ја знам моќта на групата и јас сум постојано на некој групен коучинг и гледам тоа да биде барем два пати годишно.
За брзо време ќе заживее и твојот поткаст, а создаваш и видеа на твојот Јутуб канал. Што можат луѓето да научат од твојот бесплатен материјал и кој се решава да плати за да те има само за „себе“?
Маја: Поткастот е нешто што се крчка веќе некое време и ретко зборувам за проект кој сѐ уште не е реализиран. Но, ова сигурно ќе се случи во текот на наредниов месец и многу сум возбудена за новата авантура. На овој поткаст, кој ќе биде на македонски јазик и Јутуб каналот на кој креирам на англиски можат да се најдат вредни содржини за работа на себе.
Јас немам филтер за бесплатна и платена содржина. И она што е бесплатно го давам максимално детално сработено и од срце. Ако сакам да напишам текст за промена на навики на пример, јас сакам во него да дадам максимум на темата и мое лично искуство.

Нема шанси да излезе од мене наслов: Како да креирате корисни навики, а потоа на пола текст да стои – за повеќе информации дојдете кај мене на коучинг. Ако веќе пишувам на темата или снимам видео – во тоа правам комплетна слика на она што сакам луѓето да бидат во состојба да го прават откако ќе го слушнат или прочитаат тоа.
А без да има потреба да објаснувам се подрзбира дека за детално да се навлезе во тоа и за некому да можам да му помогнам во нивната лична ситуација тогаш треба да работиме заедно сесии.
Од целата моја содржина на социјални мрежи, Јутуб и еве сега и подкаст може да се научи дека:
* за секој проблем има решение
*работите кои се во наша контрола можеме да ги доведеме во наша корист
*работите кои не се во наша контрола можеме да ги отпуштиме и тие да не влијаат на нашата благосостојба
*кругот на луѓето околу нас е пресуден за нашиот напредок и има начин да се постават граници
*тајните на успехот се едноставни, но не се лесни да се применат. Потребни се труд и трпение
*постојат проверени и докажани методи и алати за постигнувае на кој резултат и да го посакувате.

Оние што се решаваат да инвестираат време и финансии за индивидуална работа на себе добиваат детално разработена програма адаптирана на нивната животна ситуација, цели и можности. Ме имаат мене како поддршка и некој кој ги држи за збор дека дисциплинирано ќе ги следат сите чекори кон нивниот напредок без никакви шанси да се откажат. Кај мене нема откажување. 😊
На крајот од септември оваа година со Ирина Павлова, Македонка од Швајцарија која е експерт за туризам и Радица Миланова – практичар на енергетска медицина по
методата Тесла, спремате прв retreat за личен развој на македонски јазик за 20 жени на Халкидики, Грција. Што можат да очекуваат оние кои ќе дојдат на овој мини одмор?
Маја: Уф, ова е една огромна манифестација и јас не спијам од радост веќе неколку недели заради ова.
Ретрити за личен развој се голем тренд во светот во последниве години. Секогаш кога ќе наидев на понуди за јога ретреат или ретрит за свесност или нешто слично, срцето ми потскокнуваше со желба да отидам на такво патување, а второ ми се појавуваше идеја во позадина на умот дека еден ден, за некоја година и јас ќе добијам можност да поведам група луѓе на некое вакво патување.
Тука во Германија, а и во цела Западна Европа, луѓето редовно одат на вакви патувања, каде што се препуштаат на професионално организирана програма и каде што доживуваат длабока трансформација.
Ирина ми се јави и ми предложи соработка за ова патување. Таа е експерт во областа на туризам, со огромно искуство во организација на настани и патувања.

Нашата идеја ќе стане реалност во септември, кога ќе поведеме 20 прекрасни дами на патување за лична трансформација. Ќе бидеме сместени во прекрасен хотел на вториот крак, во местото Лагониси. Ќе се дружиме заедно четири дена во кои ќе имаме заедничка утринска рутина, медитации, заеднички оброци, предавања и работилници за личен развој, време за релаксација и слободни активности (плажа, базен, прошетки, дремка) и забави за крај на денот. Сето ова во комбинација со прекрасна околина, море, сонце и добро друштво ќе даде одлични резултати.
Веќе почнаа да се пријавуваат прекрасни жени, а пријавите се отворени до средината на јули.
Ова патување е за сите високоосвестени жени, кои знааат дека многу можат да променат во својот живот ако се отворат за трансформација и работа на себе.
Дома нема да се вратат исти, туку ќе си дојдат инспирирани, мотивирани, охрабрени за конечно да ги спроведат своите идеи и спремни за акција. Ќе се вратат со нови пријателства кои ќе станат долгогодишни затоа што многу се силни врските кои се создаваат на вакви патувања кога си со луѓе на твоја бранова должина.

Од лично искуство знам дека ќе нѐ преплави позитивна енергија, и сето ова ќе се одвива низ многу забава, релаксација и хумор. Нашиот тим осмисли богата програма и сите кои ќе учествуваат треба само да се опуштат и да уживаат во разгалувањето кое ќе им го приредиме.
Во каталогот може да се прочитаат сите детали околу ова патување, датуми, структура на програмот, за кого е наменето патувањето, линкови до хотелот со слики и видеа (таа убавина која ќе ја уживаме и во живо може да се види и на ова едноминутно видео), цени и услови на плаќање.
Колку е личниот фокус важен и каде ќе е насочен твојот во блиска иднина?
Маја: Животот е прекрасен и може да се постигне уживање во баланс, радост, љубов и среќа во секоја животна ситуација. Ова го тврдам и покрај сите надминати предизвици.
Тука е мојот фокус веќе четири години. Порано само читав и слушав дека е возможно да се надмине секоја животна тешкотија. Можно е да се живее поубаво после секој удар и препрека во животот. Само ако се превземе одговорност за своите постапки и само ако сме отворени за фактот дека ако нешто многу сакаме да го имаме, но сѐ уште не ни доаѓа, дека тоа е само затоа што не знаеме како тоа да го направиме.
Сега веќе имам и свои докази од лично искуство дека ова е така. Мојот фокус ќе биде и понатаму да учам како да го подобрам секое животно поле: брак, семејство, пријателства, бизнис, здравје, успех и забава. Фокусот ќе ми биде кон тоа да си го смирам егото кое скока при помислата: Го немаш тоа и тоа сѐ уште затоа што не знаеш како. Учи!
Ова не е лесно да се признае затоа што изговорите се многу гласни: “но немаш време, погледни ја економијата, државата е хаос, немаш среќа, секогаш вака испаѓа на крај, не сум скроена за ова, или се раѓаш таков или ништо..“
Значи во блиска иднина фокусот и понатаму ќе ми биде во насока на учење и личен развој, а како резултат ќе произлезат многу нови соработки, проекти, содржина и сето тоа луѓето ќе можат да го видат на мојата веб страна и на Инстаграм профилот.
Најважно е тоа што уживам и се забавувам во секој аспект од мојата работа, а тоа не може да не даде добри резултати.