Книжевно творештвоМузика и уметност

Месечината во мене

кога за првпат во својот живот почнав да го разбирам брат ми

Views
Везилка Магазин

 

Не можев веќе да издржам. Беше лето, училишен распуст, розите во полн цвет, вишните, речиси зрели, мамат. Требаше да бидам надвор, да си играм „домаќинки и гости” со моите другарки, или да го усовршувам возењето велосипед или да правам нешто подеднакво важно. Но – како животот да ми зависише од тоа – јас бев залепена за малиот црно-бел телевизор во најтесната собичка во нашиот дом, онаа која отсекогаш ја знаев како „соба на татко ми”, иако поминував повеќе време во неа одошто татко ми и моето биро со зелена ламинирана површина зафаќаше четвртина од просторот. (Четири години подоцна, по смртта на татко ми, собичката стана ексклузивно моја, но во тој новоздобиен статус на нејзин сопственик, немаше радост.)

Таа седмица брат ми, 16 години постар од мене, луд по сѐ што на кој било начин е поврзано со науката и вљубен во целиот универзум, до последната негова неоткриена ѕвезда и зрнце вселенска прашина, ја окупира собата без ниту капка пролеана крв. Инвазијата мора да се случила во текот на ноќта, додека сум спиела, зашто инаку ќе пружев отпор со сите расположливи средства, вклучувајќи го тука и специјалниот (за жал непатентиран) маневар на удирање клоца во… знаете што. 

Таксират! Кога се разбудив, моето биро беше прекриено со весници, а подот потонат под морското ниво, притиснат од товарот на книгите на руски, германски и српсо-хрватски јазик, на теми за кои ама баш ништо не знаев. Откако паметам, нашиот дом беше исполнет со книги, повеќето на брат ми. Книги пристигнуваа дневно: во актовката на брат ми, по пошта, во рацете на пријатели штотуку вратени од некаде каде што виреат само дебели книги. Штом еднаш се вселеа кај нас, книгите имаа обичај да се појавуваат изненадно на неочекувани и понекогаш незгодни места: во оставата токму кај теглата џем што беше посвета од икона, под перница, врз клозетското казанче, под некоја од нашите мачки… Мајка ми само одмавнуваше со главата (не забораваше да провери дали е теглата нечепната), но литературата знае да биде тврдоглава и книгите продолжија да се појавуваат насекаде. Особено во последните десетина дена.

Речиси во исто време, брат ми беше опседнат од исклучително здодевен вид на демон кој го тераше да зборува непрекинато, да прави десетици скици, да објаснува формули неразбирливи за нашите збунети мозоци. Го нервираше нашата неинформираност, но најмногу од сѐ го ужаснуваше моето незнаење, манифестирано низ празни погледи и пелтечливи одговори на неговите прашања за материјалот кој штотуку ми го објаснил. Како и нашата мајка, брат ми беше убеден дека од моментот кога некој ќе прозборува – во мојот случај на осуммесечна возраст – мора да се почне со сериозно образование. Тој беше одговорен за развивање на моите математички способности и пренесување на знаења од природните науки и филозофијата. Мајка ми пак, презеде на себе да ме воведе во литературата, музиката, уметностите и калиграфијата. За рамнотежа, единствениот императив на татко ми беше да ме заштити од каква било непријатност, што практично значеше дека никој не смее да упати кон мене ниту збор, ниту гест што би можел да се протолкува како неодобрување, па нека е и најблаго. Бидејќи беше на работа по цел ден, не можеше постојано да патролира и да ги прекорува другите за нивното однесување кон неговата принцеза, па затоа секоја вечер ќе ме прашаше дали некој со нешто ме вознемирил во текот на денот. За волја на вистината, јас бев тивко и чувствително дете, што лесно се вознемируваше од многу нешта, но никогаш не му се жалев на татко ми. Беше полесно сама да се справам со „проблемите” одошто да го гледам како се измачува заради страшните „неправди” што ми биле нанесени. 

Но, да не застранувам. 

Беше тоа, по сите мерила, чудна седмица. Радиото беше пуштено по цел ден и не ми беше дозволено да зборувам додека вестите беа во тек. Татко ми престана да носи хартии со сметки од работа, мајка ми беше позамислена од вообичаено, а демонот никако да ја олабави стегата врз брат ми. Тие тројцата, како маѓепсани, ќе се собереа пред 35-сантиметарското телевизорче и ќе го голтаа секој збор од вестите. Јас не морав да слушам многу внимателно (иако се обидував), бидејќи брат ми и онака ќе ми објаснеше, по што мајка ми ќе го преведеше неговото објаснување на разбирлив јазик. Ноќе, ќе се качев на каучот во дневната соба и ќе ѕурев во небото, сѐ додека мајка ми не помодреше од викање дека ми е време за спиење. На екранот гледав како полетува ракета и, иако брат ми рече дека е тоа невозможно, се надевав дека ќе успеам ја видам над крошните од кајсиите во нашиот двор. Валас и Громит уште не беа родени, но и тогаш Месечината изгледаше како пита кашкавал, иста како онаа од Шара. Сеедно колку ќе пресечеш од неа, секој месец се обнововуваше во цела пита. На големо олеснување на брат ми, јас веќе знаев дека Месечината не е кашкавал, но поетското влијание на мајка ми врз мене беше неоспорно. 

И така… пристигна неделата и атмосферата дома стана опипливо наелектризирана. Го избегнував брат ми на секој можен начин, oд страв oд електричен удар. Тој беше како топка плазма (ништо чудно – Никола Тесла му беше идол), трескавично чекореше од соба во соба, забрзуваше за потоа ненадејно да застане за да препрочита некој напис во весниците или да ги слушне најновите вести на радио. Мајка ми и татко ми како да се движеа без да ја допираат земјата. Се зборуваше малку и тивко, можеби зашто имаше некое густо очекување во воздухот што ги пригушуваше сите звуци. 

Спасението пристигна таа ноќ во форма на џиновски скок за човештвото и уште поголем за мене. Ноќта на 20 јули 1969 ја пречекав Месечината во нашиот дом и во мојот живот. Таа веќе не беше само некаква жолчка на небото, туку дел од нас. Светот стана посветол и поголем, но неговата застрашувачка огромност беше некако поподатлива. Сфатив дека луѓето се способни за незамисливи потфати и дека визијата и упорноста помагаат да се постигне невозможното. Но најважно, за првпат во својот живот почнав да го разбирам брат ми.

(краток расказ)
Автор: Емилија Тодорова

Везилка Магазин

Напишете коментар