Во ноември 2003 го направивте првиот чекор, и фамилијарно се преселивте во Детроит. Кој беше најголемиот иницијатор, и зошто баш Америка од цел свет?
– Да, дувнавме фамилијарно и некако секој од нас беше иницијатор на свој начин. Татко ми дефинитивно е тој што одлучуваше каде и како ќе идеме – има доста роднини во Детроит и тоа беше некако природна почетна станица.
Јас имав фантазии за идење во Америка уште од дете. Почнав рано да учам англиски, ама мислам дека и поп културата си го направи своето. Особено оние филмови кои прикажуваа како се студира на американски кампус. Браќата сакаа да играат во НБА така што нив беше лесно да ги убедиме. Годината пред да идеме фамилијарно пробав да аплицирам сам, ама ме одбија за виза. Сепак следната година татко ми обезбеди документи и тргнавме сите во пакет.

Во Скопје ги напушти студиите на Економскиот факултет, но таму го продолжи образованието. Кои се разликите помеѓу двата система, сега кога можеш да направиш паралела?
– Навистина е тешко да се спореди овдешниот со системот на студирање во Европа, уште потешко со системот кај нас. Овде се учи континуирано, со многу помали и почести тестирања. Од друга страна се обрнува многу внимание на практична примена на наученото, и има многу, многу пишување.
Во многу аспекти материјалот и пристапот на студирање беа и слични – тешки и чудни професори и таму и тука, непотребно опширна теорија наместо практични примери, долги часови.. сепак студирањето тука беше баш предизвик, особено што сите работевме паралелно. Мислам дека тоа е и најголемата разлика – кај нас мнозинството се професионални студенти. Овде да се работи и студира е сосема нормално.
Дали мислиш дека community college не беше добар колку факултетот за бизнис на кој се префрли во 3та година, затоа што беше поефтин?
– Искрено, квалитетот на community college беше многу сличен на оној од факултетот за бизнис, особено со оглед на тоа што големината на групите беше речиси идентична и професорите имаа шанса на секого да му посветат внимание. Дури и повеќе од професорите во бизнис школата. Разликата беше што професорите во бизнис школата беа луѓе од терен, со практични искуства во предметот што го предаваа.
Сепак мислам дека системот на учење на локален факултет првите две години, па потоа бркање на специјализација на универзитет, дава не само финансиски простор за маневар, туку и време на студентот да се одлучи и подготви. Многупати во тие први години се случува студентот да реши да смени правец делумно или комплетно. Тоа на универзитет би било многу поскапо и буквално како почнување од почеток. Многумина тој луксуз би го немале и би продолжиле да студираат нешто што не сакаат. Во тој поглед community college е добро решение.

Од Детроит се селиш во Мајами. Што го иницираше овој чекор и што те фасцинираше таму?
– Навистина спонтано се случи. Првпат бев во Мајами во 2006та и реално не требаше многу да ми остане во срце. Следната година дојдов на одмор кај пријател, и тука како да решив дека прва шанса ќе се селам на југ, ама имав уште година дена студирање. Од друга страна нашиот бизнис (продавница и пекара/слаткара за наша храна) рапидно растеше. Останав година дена после дипломирањето во Детроит да помогнам во развојот на бизнисот, ама третото идење на одмор беше фатално:) Првите две години живеев во Холивуд, град на пола пат меѓу Мајами и Фт. Лаудердејл, ама после тоа со брат ми се преселивме во Мајами Бич.
Мајами ме привлече најмногу заради сличностите со животот во Македонија. Тоа е град каде се работи да се живее. Град на убави луѓе, весел живот, преубави плажи, уникатна архитектура.. Во смисла на квалитет на живеење, она што Мајами го нуди е разноликоста – во ист ден може да шеташ во Брикел, налик на Менхетн, да скокнеш до Винвуд – еден од најголемите центри на графитна уметност во Америка и вечерта да се забавуваш низ South Beach.

Може да живееш мирен фамилијарен живот во Key Biscayne & Coconut Grove без допир со журки и ноќен живот. Во ист ден може да вкусиш која било од јужноамериканските кујни, ама и секоја од европските и во последните години, азијски кујни. Може набрзина да се префрлиш во мала Хавана, вистински центар на кубанската култура со огромно влијание во Јужна Флорида. Иако се` уште имам love/hate однос, особено према сообраќајот и недостатокот на јавен транспорт, Мајами е навистина наш тип на град.
Како е да се биде самец и неженет во Мајами?
– Дефинитивно поинтересно отколку во Детроит:) Миксот на нации и култури го прави градот навистина единствен во тој поглед. Потоа напливот на туристи од сите страни дојдени исклучиво за добар провод, особено оние меѓу 20-40 години му даваат на градот таков имиџ.
Локалците помагаат несебично – градот е магнет за привлекување млади луѓе од цела Америка што сакаат да си поживеат хедонистички некоја година. Тоа дава впечаток дека никој не е таму постојано, сите се на проаѓање и мислам затоа и животот како самец таму е фактички нормала. Од лично искуство, тешко е да се биде во врска во Мајами. Премногу искушенија.
Каде е подобар ноќниот живот, Детроит или Мајами?
– Иако не можам да жалам за годините пројдени во Детроит, ноќниот живот во Мајами беше тешко да се спореди со било кој друг град. Можеби само Вегас и ЊуЈорк имаат сличен ноќен живот и понуда на тоа ниво, но сепак Мајами си има вкус и шмек. Во Детроит имаше навистина добра техно сцена, ама моравме да се трудиме да најдеме места да заглавиме прописно:) Во клубовите после 2ам не се точеше алкохол, па мора да го знаеш кодот за вечерта за скришно да добиеш пијачка.

Во Мајами тој проблем го немавме.. од happy hour си продолжуваш до сабајле во after hours. И ако си ептен упорен, утредента можеш да продолжиш на pool party преку ден. Може да заглавиш комотно секој ден од неделата. Дури и позабавно е излегувањето преку недела, претежно со локалците и во помали клубови со селектирана клиентела.
Интересни се и латино клубовите, луѓето идат на танцување без застанување. Во последните години популарни станаа ресторан-клубовите. Си правиш вечера до кај 11 часот и после излегува диџеј до затворање околу 2ам, таман со време да се префрлиш во некој клуб.
Во моментов си во Детроит, таму каде што започна вашата американска приказна. Зошто пак назад?
– Имам сериозен проблем со кичмата и немаше начин како да се организирам во Мајами во случај да треба операција. Тука земав здравствено осигурување и решив да останам додека не го средам овој проблем кој веќе 11 години го влечам. Сепак паралелно со тоа почнав да размислувам за промена, чувствував дека Мајами не е веќе местото за мене. Така да технички сега сум во транзиција, само не знам колку уште ќе трае.
Размислуваш за враќање во Македонија. Иако од мал си се стремел кон спротивното, сега кога го живееш сонот скоро 2 децении, ти сакаш да се вратиш назад. Дали се променија приоритетите, желбите, или едноставно имаш идеја за нешто ново?
– Во минативе година и пол, највеќе заради здравствениве проблеми, скоро половина година го поминав помеѓу Хрватска и Македонија. Проблемот што го игнорирав со години ме дотера да барам лек каде стигнам. Додека во Америка веднаш ме праќаа на операција, нашите доктори направија се да се избегне тоа сценарио. Тој пристап, особено емпатијата и човечноста ме потсетија дека тоа е она што, за жал, во Америка е одамна изгубено, а мене ми фали.

Истовремено, ми се случи едно потполно заситување од професијата. Работам како брокер за недвижности веќе осум и кусур години, работа што ми даваше целосна слобода за патувања, флексибилност да си работам на свое темпо и распоред, ама и навистина непостојан и стресен живот. Полека предностите почнаа да губат на тежина. Одамна чувствував потреба за промена, ама ја одложував со оглед на тоа што животот тука не ти дава шанса за пауза. Никому не му е гајле дали си полупарализиран и не можеш да влезеш во кола. Или имаш ослепувачки болки и не ти е до разговор, ни телефонски консултации..
Да, може да се каже дека се сменија приоритетите минатата година – здравјето е сега пред се`. Покрај физичкото, и духовното – тие патувања дома секогаш ми го полнат срцево. Скоро 17 години сум тука и мислам дека овојпат ми е потребно повеќе од месец – два прочистување на душата..
Не знам дали би се преселил трајно, или на некоја година или две. Ама знам дека животот таму има свои убавини што овде ги имаме заборавено, ги игнорираме или девалвираме. Лично мене ми треба рекалибрација што тука едноставно не можам да си дозволам да ја направам, ниту пак имам желба.
