Деветнаесет години носела радост во семејствата во Македонија. Познатиот гинеколог, Марија Хаџи Лега направила мајки од илјадници жени, помогнала на илјадници деца да го земат првиот здив, била поддршка на многу млади родители кои се соочиле со лоша вест.
Веќе две години тоа го прави во Обединетите Арапски Емирати, во престижна болница во Абу Даби. За читателите на Везилка раскажува за патот до Абу Даби, за љубовта кон професијата и носталгијата по татковината.
Во Македонија бевте ценет и познат гинеколог. Долго време и менаџерка на гинеколошката клиника во Скопје. Заради кој предизвик заминавте од земјава?
– Во Македонија работев скоро 19 години. По завршувањето на Медицинскиот факултет целиот мој работен век го поминав на Универзитетската Клиника за Гинекологија и Акушерство во Скопје. Ги поминав сите скалила на таа клиника. Од лекар почетник и специјализант до директор на Клиниката. Во меѓувреме ги завршив специјалистичките студии и субспецијализацијата од областа на перинатологијата.

Секако и научниот развој во областа на медицината е значаен дел од мојата кариера. Долги години бев асистент на Медицинскиот факултет на Катедрата за Гинекологија и акушерство. Докторирав на Универзитетот во Ниш и бев избрана во звањето Доцент на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, Скопје.
Во периодот од 2012 до 2017 , ја менаџирав Универзитетската Клиника за Гинекологија и Акушерство најдобро што знаев и умеев. Цели 5 години ја вршев должноста медицински директор на клиниката. Во тие години се потрудив да имплементираме нови методи во сите области на гинекологијата и акушерство како и да ја опремам клиниката со најсовремена медицинска опрема и истовремено да го менаџирам нејзиното економско работење затоа што, за жал во тој период не беше назначен економски директор.

Моите научни трудови ме промовираа во делот на перинаталната медицинаа посебно во делот на предикција на предвремените породувања. Комбинацијата на медицинските достигнувања и економската корист од моите истражувања ме донесоа во позначајните кругови на еминентните истражувачи од таа област.
Бројните предавања на регионалните и светските конгреси на кои учествував како поканет предавач и многуте позитивни коментари за големиот научен придонес во мојата научна работа, придонесоа моето име да биде препознаено од многу значајни центри за перинатална медицина во светот.
На почетокот на 2018 година ја имав таа можност да престојувам 3 месеци во престижната болница АКХ во Виена, Австрија во одделот за фетална медицина. Тој период го дополнив со адекватна доедукација за повеќе различни методи за откривање на малформации на плодот и навремено дијагностицирање, лекување и третман на бремената жена.

Престојот во болницата во Виена и добрите препораки, а посебно би ја истакнала препораката на професорот Ромеро, кој воедно е и еден од најголемите умови во светските кругови во областа на перинаталната медицина, а пред се во областа на предвремено породување, донесоа и примамлива понуда од болницата Danat al Emarat од Абу Даби, Обединети Арапски Емирати. Понудата беше да го зајакнам персоналот во делот на феталната медицина во овој најголем и најбогат емират,односно етаблирање на еден од уникатните центри за фетална медицина во Обединетите Арапски Емирати.
Скоро две години сум вработена во болницата и во овој период имам извршено повеќе од 8000 ултразвучни прегледи за рано откривање на фетални аномалии, хромозомски абнормалности како и бројни инвазивни фетални интервенции. Во моментов сме еден од најдобрите центри за фетална медицина во цели Обединети Арапски Емирати.

За жал имало и прегледи кога се откриени големи малформации или болести на фетусот како пациент, но можеби е позначаен фактот што и на многу бремени жени сум помогнала да ја знаат вистината за квалитетот на плодот што го носат или за здравото бебе што го носат – секако тоа ме прави многу горда на мојата работа.
Заминавте во држава за која постојат бројни стереотипи за и околу жените. Има ли вистина? Каква е улогата на жената таму?
– Голема заблуда е да се зборува за стереотипите кај жената од арапскиот свет. Па сепак ова е 21-ви век. Жената во Арапските Емирати е почитуван член на ова опшество.

Абу Даби е милионски и космополитски град. Тука живее целиот огромен конгломерат на раси, вери националности и цивилизации. Овој град живее 24 часа на денот, ова е New York на средниот исток.
Ако зборуваме за жената во овој дел од светот мораме да ја земеме во предвид и исламот кој како вера е официјален во оваа држава и ограничувањата што таа ги определува за жените. Квалитетот на живот и големото богатство ја еманципирале жената до еднаквост со мажите. Овдешните жени се образовани, негувани, убави, многу паметни. Се повеќе заземаат значајни општествени и менаџерски позиции во ова опшество.
Посебно во оваа прилика би ја истакнала госпоѓата Eman Ali AlShorafa. Таа е дел од менаџерскиот тим на болницата , едуцирана на светски признаени универзитети, една од поретките жени менаџерки во здравствениот сектор помлади од 40 години, а воедно и многу убава и негувана жена.

Во делот на мојата работа морам да истакнам дека пациентките се од сите раси, вери и нации од целиот свет. За жал мојата работа е да дијагностицирам дали постојат проблеми со здравјето на фетусот како пациент.
Најрадосен дел од мојата работа е кога на крајот од прегледот можам да соопштам на пациентката и нејзиниот сопруг дека мојот пациент, фетусот, е здрав, во добра состојба и дека тие ќе бидат горди родители на убаво мало суштество што го води животот напред.
Се грижат ли арапките за женското здравје?
– Да, и тоа многу. Арапската култура а посебно навиките да се преживее на овие страшни температури и без многу ресурси како вода и храна, ги научила жените да опстојат во чувањето на своето здравје и негата на телото.

Посебно бремените жени во ова општество се ценети. Носат пород, носат надеж за опстанок во овој суров свет. Затоа арапските жени многу внимаваат на својата интимна хигиена и редовно ја контролираат бременоста.
Арапската жена е премногу посветена на својот изглед и здравје. Многу пари троши на лични работи, на убава облека и долен веш. Многу се посветува и на шминката, парфемите и хигиената.
Исто е и со односот кон здравјето на репродуктивните органи. Гинекологот не е табу во овој дел од светот. Иако многумина од локалните мажи преферираат гинекологот да биде жена, но и тоа веќе се надминува. Редовните гинеколошки прегледи, придружени со добрата нега и хигиена е нешто што е повеке од задолжително.

Стереотипите дека арапските жени се покриени со традиционалните наметки се многу застарени. Современата жена во овој дел од светот е убаво облечена, носи скап накит и се повеќе добива и значајни општествени функции.
Што ви недостасува, а на што се восхитувате ?
– Многу добро прашање за деловна жена во туѓина и многу далеку од дома и блиските. Овде е тешко да се живее заради климатските услови, влагата и високите температури. Но брзиот развој на Емиратите и концентрацијата на богатство донела и голема интернационална заедница со многу различни култури, вери и навики. Има многу убави јадења од сите меридијани, има уредени простори за забава, спорт и одржување на здраво тело.
За плажите и убавото море не треба да трошам зборови. Преубаво е ако наутро се разбудите и од 7-миот спрат гледате плажа и море под прозорецот. Ми се причинува понекогаш како да живеам во некој хотел во монденско летувалиште.

Но, секогаш има едно ,,но” – работа, работа и многу работа. Овде се цени работата, знаењето и трудот. Не е лесно да се одговори на сите барања на претпоставените. Не дека немам доволно знaења во областа во која работам, но морам и да внимавам како се однесувам на работното место, како да го подобрам работењето на клиниката во која работам и како да придонесам да дојдат повеќе пациентки.
Факт е дека сите лекари се добро платени, но доколку менаџментот на болницата не е задоволен од тоа колку пациентите го бараат токму тој доктор, може и лесно да се загуби работата. Конкуренцијата е немилосрдна.
Секако семејството е дел кој недостасува. Иако мојата ќерка е со мене и учи во престижно американско училиште, синот остана во Македонија. Многубројните роднини и пријатели овде ги нема и се случува да ме фати носталгија. Носталгија за убавините и зеленилото во Македонија, вкусниот патлиџан и пиперка, пријателите и роднините. Останала старата македонска изрека „Туѓината пуста да остане. Кој на гурбет отишол знае што е носталгија“.

Претходно бевте на бројни обуки, до-едукација во многу земји. Каде е идеално да се работи за гинеколог?
– Во право сте. Поминав низ многу светски билници за гинекологија и акушерство. Знаете, јас сум субспецијалист по перинатална гинекологија и секој ден има нешто ново да се научи. Посебно морам да ги истакнам студиските престои во King’s College Hospital во Лондон кај познатиот професор Nikolaides каде многу научив за пренатална детекција на фетални аномалии, а пред се аномалии на срцето на плодот. Тоа е врвен центар за фетална медицина и многу може да се научи.
Секако во оваа прилика морам да ги нагласам и студиските престои во Детроит, САД, кај професор Ромеро, Перинатален истражувачки центар посветен на истражувања за предикција и превенција на предвременото породување како и рано откривање на вродени срцеви маани. Со Професор Ромеро започнавме и многу значаен проект за предикција на предвремено породување преку испитување на амнионска течност.

Имало и други едукации во Виена, Трст, Токио, Берлин, и навистина може многу да се научи. Сите овие центри се врвно опремени и лекарскиот кадар е на највисоко можно ниво. Досега не сум имала проблем од типот да менторите при едукацијата да сокријат некоја метода, некој лек или начин како да се помогне на жената и плодот. Сите несебично го споделувале своето знаење и безрезервно давале подршка за да се научи нешто ново или да се усвои нова метода. Заради тоа сум им многу благодарна.
Кога станува збор за тоа кое е најдоброто место за работа, можам да кажам дека тоа е многу тешко прашање. Да, убаво е да се работи во овие светски центри каде што научната работа и новитетите се примарни. Но, мора да се има во предвид и земјата, навиките, културата и се она што оди со таквиот живот. Убаво е да се работи и во Македонија, секако убаво е да се допринесе и за развојот на научниот живот во татковината.

Медицинскиот кадар е повеќе од потребен. Би се вратиле ли во Македонија?
– Македонија секогаш ќе ми биде во срцето. Може да го обиколиш светот, но родната земја нема да ја заборавиш. Во Македонија ми е се што имам. Синот кој студира, родителите, сестрата, роднините , пријателите и се што за овие 21 година откако работам сум створила. Медицината во Македонија трпи заради некои други опшествени случувања. Секако лошо е што се повеќе од медицинскиот персонал се иселува и таков готов кадар работи во странство.

Мое мислење е дека треба генерален ремонт на целокупниот здравствен систем. Сум видела различни здравствени системи, но се додека имаме некакво солидарно здравство каде сите плаќаат во еден заеднички фонд, а за жал користат само некои – илузија е дека таков принцип со нефункционален фонд може да опстане на подолг рок, а да се има квалитетно здравство. Нешто ќе трпи, или платите на здравствените работници или квалитетот на здравствената услуга.
Секако, и јас верувам дека и многу други македонски доктори кои работат низ светот би се вратиле пак во Македонија. Тоа е нашата земја и нема друга татковина. Сите сме отидени за некаков подобро платен ангажман за услугата што ја даваме.
