Книжевно творештвоМузика и уметностРепортажиСветот низ наши очи

Мојата Африка – запис од едно патување

Сафари во Африка, секогаш интересно и фасцинантно: прекрасни пејсажи, диви животни, залези, изгрејсонца...

Везилка Магазин
во далечината е снежниот врв на Килиманџаро

Веќе втор ден сме сместени во камп во подножјето на планината Килиманџаро во Кенија. Како и секогаш до сега сместувањето е првокласно, овојпат хотелските соби се во вид на колиби, секоја колиба си има свој клима уред, купатило, ТВ, удобен кревет со мрежа против комарци и се она што ти е потребно да се чувствуваш најудобно иако си некаде длабоко во Африка. Околу хотелската соба има мајмунчиња и разнобојни локални птици. Изутрината после набрзина каснатиот залак кифла и кафе, тргнавме во уште едeн сaфари со џип, но наместо пушки како што тоа се правело порано и како што е прикажано во некои од холивудските филмови, ние имаме само фотоапарати и не ретко се натпреваруваме кој ќе направи поинтересна фотографија. До сега сме биле на повеќе сафари и секогаш е интересно и фасцинантно – прекрасни пејсажи, диви животни, залези, изгрејсонца итн. Џипот е со отворен покрив и секој може да фотографира.

На претходното сафари имавме блиска средба со лавови. Утрово го напуштивме кампот пред изгрејсонце и со џипот повторно се упативме во саваната. Всушност поголемиот дел е пустина со ниска прегорена трева, но има делови што се зелени, тоа е мочуришен дел каде се пробиваат подземни води и тревата е зелена со поголеми вирови вода. Водата доаѓа од Килиманџаро, од снегот што се топи. Прва работа што паѓа в очи е тоа дека има голем број на диви животни што живеат едни покрај други. Најмногу има зебри, потоа слонови, нилски коњи, најразлични антилопи, бафала, чакали, хиени, леопарди, лавови и многу други, има и голем број на птици, вклучително ноеви. Друго што се забележува и ме фасцинира е  што речиси сите животни го следат истиот ритуал, секоја вечер пред залез масовно почнуваат да се движат кон подножјето на Килиманџаро, небаре таму има огромна штала или небаре во планината ги чека бродот на Ное. И секое утро пред изгрев доаѓаат оттаму и се распрснуваат во поголеми или помали стада по саваната или мочуриштето. Ти се чини како просто нешто да ги тера или управува да го прават тоа од исконски времиња. Се разбира, се работи за некаков вроден инстинкт кај сите тие најразлични животни, веројатно многу одамна и ние, првите луѓе, сме правеле така кога сме живееле на ова место пред милиони години. Фасцинантно нешто.

Утрово гледам стадо слонови како преминуваат на неколку метри од џипот и си помислувам на сцени од филмот Jurassic Park. Не знам како да го опишам тоа чувство кога сето ова ти е на дофат, гледаш со подзината уста или правиш фотографии, многу фотографии. Пејсажите се прекрасни, посебно кога изгрева сонцето и кога над нас се издига Килиманџаро, висок е преку 5000 метри и на врвот има снег, каков контраст со пустината наоколу. Всушност токму оваа планина и снегот што се топи ги одржува во живот сите овие диви животни, со илијадници, милиони години. Откако го сликавме изгревот, запревме на дофат на слоница која се грижеше за своето штотуку родено слонче. Потоа наблудувавме стадо зебри што преминуваше пред самиот џип. Во гранките на едно исушено дрво имаше лешинар. Вчера гледавме како два чакала ловат антилопи. Разделија една помала антилопа од стадото и вешто почнаа да ловат. Едниот чакал ја бркаше додека другиот прикриен чекаше да и се фрли кога антилопата ќе му се приближи. За нејзина среќа, ловот беше неуспешен. Утрово видовме многу други животни и за првпат налетавме на хиена. Возачот, искусен следач, ја забележа прв уште во далечината и го запре џипот, го исклучи моторот. Чекавме во тишина. Хиената доаѓаше право на нас. Камерите беа на готовс. Кога хиената беше на само неколку метри од нас почнавме да фоторграфираме. Хиената не ни обраќаше никакво внимание. Беше упатена некаде, помина пред џипот и се изгуби од другата страна.

Хиените се најсуровите животни, затоа речиси и да нема документарен филм за тоа како ловат, на пример како што има за лавовите, леопардите, тигрите и другите предатори. Тоа е така затоа што за разлика од другите предатори кои веднаш го убиваат пленот прекинувајќи му ја вратната жила, хиените буквално го измачуваат пленот и го препуштаат на ужасна смрт. Хиената почнува да го јаде пленот без претходно да го убие. Додека пленот е уште жив почнуваат да го јадат од кај задниот дел и нозете. Затоа хиените ги бие таков лош глас. Тие се буквално како чистачи и јадат се, вклучително и лешеви заедно со коските, не оставаат ништо, што всушност е добро бидејќи благодарение на нив не остануваат трупови на животни што во спротивно би се распаѓале и би можело да дојде до ширење на зарази.

Од сафарито се вративме околу 10 часот, после појадокот се упативме на прошетка по околината. Со нас имаше водач, природо-научник, експерт за локалниот животински и растителен свет. Бевме помала група, испред групата одеше Масаи воин. Масаите се племе што живее во овој дел од Африка. Познати се по тоа што се горди воини и што рипаат високо во место за време на нивните традиционални танци. Нашиот Масаи одеше пред групата и проверуваше дали е безбеден патот. Со себе имаше само копје и нож во појасот. Облечен беше во црвена наметка. Масаите веруваат дека црвената боја ги штити од напад на лавови.

мојот обид да бидам дел од танцот на Масаите

Владо Јаневски
(краток запис од патувања по светов)

Везилка Магазин