Музичкиот регистар, кој претставува еден вид на онлајн библиотека на македонското музичко творештво, секој ден сѐ повеќе се збогатува со нови песни, за што најзаслужни се луѓето кои стојат позади истиот: Васил Буралиев, Емилија Буралиев, Тони Спасовски, Златко Ангелески, Дејан Соколоски, Ива Зафировска, Марјан Доказа и Бојан Перевски.
Овој регистар има за цел:
- Комплетно евидентирање и забележување на музички изданија од домашната продукција.
- Промоција и афирмација на членови од музичката заедница (изведувачи, автори, инструменталисти, инженери на звук, продуценти, тонски сниматели и останати членови на музичката заедница).
- Препознавање на млади квалитетни автори, инструменталисти и изведувачи и давање помош за нивна дополнителна промоција пред македонската публика како во Македонија, така и низ светот.
Дечките од регистарот започнаа иницијатива наречена „1000 претплатници“, заради што и ги контактиравме, па во продолжение ви го пренесуваме нивното соопштение во целост:
Соопштение до медиуми:
На крајот на месец март членовите од ВБУ Музички регистар креираа иницијатива под име „1000 Subscribes “ (1000 претплатници) со која прават напор да ја поддржат македонската музичка фела во нивните напори да се прилагоди на новите трендови и да ја зголемат видливоста во дигиталниот свет, поточно на популарните музички сервиси за преслушување музика.
Оваа иницијатива има две основни димензии:
- Стратешка: да стимулира слушање и употреба на домашната музика;
- Краткорочна: да се стимулира масовна поддршка на изведувачите, музичките автори и инструменталисти што се обидуваат да добијат поголема видливост на YouTube, а со тоа и можност за монетизација, поточно можност за подобра монетизација;
Целта на иницијативата 1000 Subscribers е да се поттикне јавноста да прави Subscribe на YouTube каналите на домашните креатори на музичка содржина и да се преслушува нивната содржина редовно.
Еден од најпопуларните извори на приходи во модерната музичка индустрија во дигиталниот свет, што веќе го користат помладите генерации изведувачи и автори, е оној што го овозможуваат популарните download и streaming платформи, вклучително и YouTube и нивните системи за монетизација.
Изведувачите, музичките автори и инструменталистите треба да го следат овој тренд, ако сакаат да се адаптираат на новото време и новите услови што ги носи модерното време, а фантастично забрзани последниве 12 месеци поради пандемијата. Прашање е кога ќе се создадат некои пристојни услови за враќање во старата нормалност и дали тоа воопшто ќе се случи. Добар дел од младите генерации добро го разбираат ова и го користат дигиталниот свет за да создааат нови извори на приход покрај настапите во живо, за што добиваат средства, но кои последниве 12 месеци, за жал, ги нема.
Носечкиот елемент на иницијативата е да се поттикне секој интернет корисник од нашата земја, но и дијаспората, да почне со:
- Subscribe (претплата) на YouTube каналите на омилените пејачи/пејачки, изведувачи, бендови, автори и инструменталисти од домашната музичка заедница;
- Редовно преслушување на песните (содржините) поставени од нашите домашни членови на музичката заедница на нивните YouTube канали;
За претплата (subscription) на YouTube каналот на омилениот изведувач потребно е помалку од 2 минути и нема да чини ниту денар и сѐ што треба да се направи е да се отвори корисничка сметка на YouTube (што практично е истата од Google).
На пример, доколку 500.000 граѓани се претплатат на YouTube каналите на нивните најомилени изведувачи, тие би направиле 500.000 претплати.
Основни критериуми за монетизација на YouTube
Доколку YouTube каналот не е означен како официјален музички канал од YouTube (за што има посебна процедура), тогаш сопственикот на каналот мора да исполни два основни критериуми за да може да аплицира за програмата за монетизација:
- Минимум 1.000 Subscribers (претплатници); и
- Минимум 4.000 часа прегледување на неговите содржини во последните 12 месеци;
Несомнено вие како медиуми играте голема улога во музичката индустрија и сте клучни во споделувањето на информациите до јавноста. Оваа иницијатива и во нејзините два клучни сегменти (стратешка (долгорочна), краткорочна) нема да биде успешна ако јавноста од нашата прекрасна држава и нашата дијаспора,не се вклучи масовно со континуиран придонес.
Можеме ли да ги поддржиме оние што ја создаваат и интерпретираат музиката што ни се допаѓа? Нашето убедување е дека ако ја поддржиме музичката заедница, тоа ќе се рефлектира назад на сите нас останатите.
Повеќе за нашата иницијатива прочитајте на следниов линк.
Кратко видео објаснување за “1000 претплатници” – иницијатива за поддршка на оние што ја создаваат и интерпретираат домашната музика, погледнете во ова видео:
Со почит,
ВБУ Музички регистар
