Оваа прекрасна дама, неверојатен доктор и продуховен патник се чини дека, преку многуте падови и трансформации кои ги доживела до сега, успешно ги искомбинирала сите аспекти од своето постоење во овој даден живот. Во 1996 за прв пат се запознала со јогата и од тогаш води активен живот, балансирајќи ги четирите столбови на својот живот – тело, ум, емоции и дух.
Наташа Брашиќ – Дуриданска е докторка по нуклеарна физика која веќе 22 години живее, студира и работи во Австрија, а последните 15 е медицински физичар на клиниката за Радиологија при Универзитетската болница во Виена. По искушувачките моменти на разделеност од ќерките и развод, како и долгогодишна борба да се докаже на професионално поле во Австрија, таа го открива патот на себеспознавањето и во 2019 година заминува на најважното патување на своето дотогашно постоење – Индија.

Во 2018 година Наташа добила сертификат од „Виена јога училиште“ за јога учител, а подоцна и сертификат од австриска академија за јога со кој се здобила со право да создава индивидуални јога програми, по што го основа своето школо Carpe Diem yoga.
Што значеше за тебе понудената двомесечна пракса во 2000 година во Меѓународната агенција за атомска енергија во Виена и пред да тргнеш имаше ли во план да останеш?
Наташа: Отсекогаш некако мечтаев да живеам надвор од Македонија, заради поголемите можности за професионално исполнување, заради диверзитетот, испитување на моите внатрешни граници. Понудата некако дојде во „погрешно време“, ако воопшто можеме да кажеме што е погрешно, а што вистинско време. Не бев сама, имав семејство и одлуката едноставно беше потешка. Но, сепак има веројатно негде нешто запишано за тоа како генерално нашиот живот тече. Точно е дека ние одлучуваме, но сепак негде во ѕвездите е запишано. А ние одлучуваме после за финесите.
Проектот беше на две години и не знаев што ме чека. А и искрено некако не размислував што потоа. Младост лудост 🙂
Следната година ги повлече ќерките и тогашниот сопруг во Виена. Што значеше за тебе, како мајка, жена и сопруга, повторното соединување со семејството и колку паралелните постдипломски и докторски студии имаа удел во промената на семејниот живот?
Наташа: Веќе бев „докажана“ мајка и сопруга со седум годишно искуство. Три месеца без нив ми се чинеа како цел живот. Бев навикната да се будам покрај нив, да припремам доручек, да пиеме кафе заедно со сопругот…и сега сѐ беше поинаку.
Тешко беше одвојувањето, затоа кога ги видов повторно и сите пак бевме заедно, срцето ми се исполни и врати на место. Не сум била никогаш личност на која професионалното исполнување ѝ било сѐ во животот…нешто фали.
Од една страна беше преубаво чувство на повторно спојување, но од друга преголема одговорност за сите со промена на живеалиштето (друга култура, друг менталитет, јазик, сѐ беше ново).
Сопругот на почеток не работеше, така да јас повеќе се сконцентрирав на стекнување на дипломи и знаења со цел да бидам конкурентна на австрискиот пазар. Покрај тоа, немав воопшто познавање на германскиот јазик, па сѐ морав од почеток…
По 7 годишна борба низ универзитетските и клинички работни ходници, во 2007 се вработуваш со полно работно време во АКХ – Универзитетската болница во Виена, како медицински физичар на клиниката за Радиологија. Што научи за себе за време во текот на тие години?
Наташа: Тоа беше борба, борба за опстанок. Не можам да кажам дека не уживав во восприемањето на новите вештини, бидејќи секој ден учиш нешто ново. Но, сега кога ќе се сетам на тој период, го чувствувам тогашниот страв за егзистенција, неизвесноста дали после проектот ќе можам да останам на тоа место, стравот дали можеби не поминував доволно време со моите ќерки, дали бев добра сопруга и илјада други прашања.
Но, сепак тоа беше период на успони и падови, период кога најмногу се учи. Исто така научив и каде ми се границите, границите на моето физичко, но и психичко битие. И првпат во животот почнав директно да се соочувам со прашања од типот Зошто сме дојдени на овој свет, дали треба нешто да оставиме позади себе, што јас правам од мојот живот?
Во меѓувреме децата пораснаа, а ти се разведе од сопругот. Колку беше лесно за една самохрана мајка, доктор со полно работно време, да биде секојдневно квалитетно присутна во животот на своите деца, во земја каде нема никој свој?
Наташа: Тежок период дојде после разводот, бидејќи бев научена сите одлуки да ги правиме заедно со сопругот. Сега си сам и мораш да одлучуваш сам. Мислам дека ние жените не знаеме колкава неоткриена сила лежи во секоја од во нас, сила која се плашиме да ја показеме. Јас живеев во страв, страв да не погрешам, да не бидам окривена од ќерките и повеќето време со грижа на совест дека не сум како повеќето мајки кои успееја да го задржат бракот.

Инаку функциониравме, секогаш повторувајки го слоганот „Што нема да нѐ убие, може само да нѐ направи појаки“.
Личните трансформации, без исклучок, секогаш се случуваат кога сме во „пад“, како одговор на телото и духот дека е време нешто да се промени. Што реши ти да промениш во тој период?
Наташа: Во основа, се променуваш само тогаш кога телото ќе се побуни дека не може повеќе. А нечесто и не мислиш на себеси, како јас што мислев на девојките кои сѐ уште зависеа од мене. И сфатив дека мора нешто да променам, да успорам. Прво се запознав со свесното дишење, кое случајно ми го претстави мојот тогашен ментор, кој исто „случајно“ беше од Индија. Имав проблеми со концентрацијата и кога тој го примети тоа ми рече „Ајде Наташа, седни удобно и ќе те научам како да дишиш“.

„ Да дишам?“ беше моето прашање. По неколку минути свесно дишење сфатив колку е тоа важно во нашиот живот, а сепак, никој од нас не приметува како воопшто дишеме – плитко, длабоко, успорено, убрзано. Застанете само за момент, минутка две, и кје видите колкава е разликата.. После поцнав активно со јогата , медитацијата, и еве ме сега тука…негде на сред пат.
Комбинацијата на духовно и медицинско е генерално неприфатена од докторската фела, иако последниве години се чувствуваат промени и сѐ повеќе се придава значење на холистичкиот пристап на лечење. Имаше ли моменти во текот на ова лично патување кога доаѓаше во конфликт со медицинските факти што си ги учела целиот свој живот?
Наташа: Секоја промена доаѓа после конфликт или спротивставени мислења, па така е и со холистичкиот пристап. Живееме во свет во којшто можеме да разбереме сѐ, сѐ ни е достапно и веруваме дека можеме да дојдеме брзо до секоја информација. Помеѓу нас одат и „земните Богови“ кои мислат дека имаат решение на сѐ, но сите се уверуваме, секој ден, дека тоа не е така, па продолжуваме да бараме одговори на други места.
Не треба да ни е тоа ништо чудно, бидејќи најголемите генијалци во залезот на своите животи одговорите ги барале на далечниот Исток (мислам на источниот мистицизам – индиската филозофија и источните религии). Примери за тоа се Тесла, Ајнштаин, Фром, Јунг и многу други.
А за спротивставените мислења на медицинарите – на тоа сум навикната. Во моето најтесно семејство секогаш имав спротивставени мислења (татко ми е психијатар), но тоа уште повеќе ми даваше сила да продолжам понатаму со моите ставови (балканска тврдоглавост можеби?)
Во болницата во која работам, нема баш разбирање за алтернативата (јога и сл. ), посебно не меѓу физичарите со кои работам, но секогаш се обидувам да им дадам пар совети за како да го намалат стресот, а понекогаш дури и заедно кратко медитираме.
Велиш во тишината се пронаоѓаш себеси, но истовремено и бегаш од истата. Како течеше процесот на станување свесен за себе, за моментот, за мислите и влијанието кое чувствата го имаат врз проектирањето на нашето секојдневие?
Наташа: Имаме тенденција да размислуваме за тишината како отсуство на звук, како голема празнина, како неправење ништо. Но, тишината има своја тежина и квалитет. Кога ја слушате тишината, можете да ја согледате нејзината длабочина и моќ. Одвојувањето време да се биде во тишина го смирува умот и подмладува телото. Тишината е празнината каде можеме да ги слушнеме многуте звуци што ги игнорираме – гласот на нашата интуиција која ни ја кажува вистината, вистината на нашето постоење.
А стравот од тишината? Да, повторно спротивност…има моменти кога се плашам да потонам во тишината, моменти кога стравот повторно доаѓа до мене и ме враќа на моментите коишто ме направија ова што сум…а не беа секогаш пријатни чувства.
Во 2019 година ја посети Индија. Што понесе со себе од тоа патување?
Наташа: Индија беше мојот најголем учител: оттогаш, кога се пакувам го носам само најнеопходното со себе. Сфатив дека можеме со многу малку. Многу ми беше непријатна првата недела на мојот престој во Индија. Цело време се бунев, зошто нема топла вода, зошто имам бубачки во собата, храната не ми одговараше. Европскиот синдром или егоцентричност – со пари можеме сѐ. Но, видов дека не е така. Има места каде што парите не играат никаква улога, и ден по ден се учев дека можам без сето тоа.

Случка со топлата вода…. Имав ајурведски третман, масло по целото мое тело, косата замачкана , маслосана и тоа со најсмрдливите масла што постојат. Доаѓам во соба да се истуширам и гледам нема топла вода. Одам на рецепција, тие љубезни, со прекрстени раце на градите, само повторуваат Намасте, намасте…ќе го сределе проблемот. Одлучив да не се туширам, ќе причекам. Следниот ден истото – Намасте намасте, ќе средиме..
Дојде водоинсталатер, веројатно некое момче кое тој ден требало да готви во кујната, и го отвори целиот бојлер, камења во целото купатило….и сега што???
„Но проблем мам, но проблем…ќе средиме.“
Не знаев дали да плачам или да се смеам. На крај отидов на реката Ганг и со ладна вода се измив.

Насмевката после тоа не ми се симна за целиот мој престој во Индија.
Без сѐ се може, но без турско кафе никако. Се чувствуваш ли поврзана со своите предци, со семејството и Македонија, кога оддржуваш такви ситни ритуали и на што најтешко се навикна во Австрија?
Наташа: Ееее даааа…турското кафе. Никако без турско кафе. Дури и за време на мојот краткотраен студиски престој во Тринидад и Тобаго открив како да си сварам турско кафе на сабајле.
Можеби тоа е она што ме потсетува на мојата Македонија и од што нема никогаш да се откажам. Мирисот на печено кафе наутро, разговор на моите родители, ушушканост, сигурност, мојата детска соба…не знам. Единствено турското кафе ми остана како ритуал, која иронија, турско е, не е македонско…но мое е, наше е.
А што ми смета тука? Не знам…мислам дистанцираноста на луѓето, пробував да помогнам на улица на бремени жени, на мајки со деца, но реагираат чудно, одбиваат секаква помош и повеќе не се обидувам да помогнам… Ова ми беше чудно, бидејќи ние луѓето сме социјални битија и треба да си помагаме едни на други, но тоа чувство полека ме напушта, ако можам така да кажам. Можеби вака е само во Виена, не знам.
На што помислуваш кога ќе се спомене Македонија и постои ли сѐ уште шанса дека некогаш можеби би се вратила назад?
Наташа: Помислувам на она што е најубаво кај нас дома….убава музика, убава храна, убаво вино, убава природа.
Некако срцето ми остана ДОМА.