ИнтервјуаНие низ светот

Наташа Милиновиќ: „Моето битие се ослободи кога се освестив дека сум секогаш на право место, во право време“

Интервју со Наташа Милиновиќ, научник за истражување на вакцини од Њу Џерси

Везилка Магазин

Борбата за чедо е велат најтешка се` додека не се исполни, а потоа започнува нов живот, нов пат, нова љубов. Наташа Милиновиќ цели седум години ја водела оваа борба, за на крај, во 2017, на туѓо тло, да ги победи научните предвидувања за минимален успех и да го добие “поклонот од Бога” – Теодора.

Оваа дама, молекуларен биолог од МАНУ, ги завршила своите магистерски студии по молекуларна биологија во Софија и во 2013 година, решавајќи да го искористи својот новооткриен авантуристички дух, со сопругот се селат во Њу Џерси, Америка, но она што на прв поглед го затекнала – не ѝ ги исполнило очекувањата. Денес, 7 години подоцна и многу трансформации и работа на себе, прифатила дека се наоѓа токму таму каде што треба да е и дека секоја одлука ѝ е во согласност со нејзиниот одбран пат.

Наташа обожава да учи за здрава исхрана, фитнес, емотивно здравје, духовност и родителство. Кога е сама, обожава да пее, да игра балет, да ги споделува своите мисли во својата Фејсбук група „Еволуирај на свој начин“ пробувајќи, на нејзин уникатен начин, да им помогне на оние кои сѐ уште се бараат себеси во вртлогот на времето.

Свесна дека секој еден, со кого животот ја доведува во контакт, е само уште една лекција од која меѓусебно учат и двете страни, Наташа е во мисија да се поврзе со колку е можно повеќе истомисленици, за масовно да се промени енергијата која во моментов нѐ обвиткува сите.

 

Со ќеркичката Теодора на плажа во Њу Џерси – приватна архива

 

Како и зошто, еден молекуларен биолог од МАНУ, пред 7 години реши да ја напушти Македонија и да започне нов живот во Америка?

 

– Во МАНУ, каде работев како волонтер во лабораторија за генетски испитувања и ХПВ тестирање, го доживеав за прв пат она што сум си го замислувала дека ќе го работам кога ќе дипломирам, а тоа е истражувачка работа. Работев повеќе месеци во МАНУ, чекајќи да се отвори постојано работно место, а претходно работев на проект за развој на земјоделството, како и консултант за медицинска опрема. Во МАНУ ми беше интересно бидејќи работев со колеги кои ги познавав од Природно-математичкиот факултет и научив многу за како да го применувам знаењето во пракса.

Во меѓувреме добив прилика да заминам на двомесечен семинар во Пекинг, Кина, со една колешка кога за првпат се запознав со мојот авантуристички дух. Во Кина имав можност да учам и почувствувам една сосема различна култура од нашата и да се дружам со колеги од цел свет. Тогаш и таму ми се проширија видиците и согледав еден сосема поинаков, интересен правец во нашата струка, што беше од голема помош во периодот кога работев како консултант за воведување меѓународни стандарди во прехрамбената индустрија.

Кога работев во МАНУ почувствував дека ми е потребен повисок степен на едукација во доменот на молекуларна биологија, која ми беше доста интересна гранка уште додека студирав. Тогаш решив да го продолжам образованието во Софија, Бугарија, каде се запишав на магистерски студии, на кои во две години повторно имав можност да се впуштам во нова авантура која ми овозможи не само повисока едукација и пракса, туку и запознавање на нови пријатели и колеги.

Тоа беше животна лекција која ми покажа како е навистина да живееш подалеку од Македонија. Ми се допадна многу животот во Бугарија и доколку добиев понуда од некоја фирма, сигурно ќе останев.

Со колеги од цел свет на тренинг за безбедност за храна во Пекинг, Кина – приватна архива

Кога се вратив во Македонија, почнав да работам во една консултантска фирма каде уживав неколку години, но сонот да работам во лабораторија како научник и да живеам во некоја развиена земја, продолжуваше да расте во мене секој ден сѐ повеќе. Пред да заминам во Америка, се сеќавам имав променето многу различни компании и не бев среќна и исполнета, како во кариерата, така и во другите сфери од животот.

Ме гушеа општествените норми, менталитетот на луѓето, атмосферата, меѓучовечките односи. Мојата визија беше да пробам како ќе се чувствувам доколку живеам во друга земја, желбата за подобар живот беше огромна. Ги секирав моите родители кои се чудеа зошто не мислам дека можам да имам убав живот во Македонија и беа против мојата визија, но сега ги разбирам…

Мене ми стана јасно зошто сум имала голема желба, сега знам дека тој пат бил дел од мојата цел во животот што ме прави да сум онаа што сум денес и воопшто не се каам за одлуката, иако многупати сум си замислувала како би било доколку не заминев и сум се покајала повеќепати зошто не сум ги послушала родителите. Справувањето со предизвиците, посебно кога си сама надвор од дома, не е воопшто лесно.

 

Колку почетокот на таа авантура ги исполни твоите очекувања за тоа каков ќе биде животот во странство?

 

– Кога дојдов во Њу Џерси комплетно се разочарав, зошто мојата слика за Америка беше сосема поразлична. Исто така носталгијата за дома и почетокот ми дојдоа премногу зошто ова беше сосема нов систем за мене, па дури и англискиот ми беше туѓ.

Од друга страна конкуренцијата е голема и се додека не се докажеш, создадеш искуство или не завршиш факултет, не си влезен во системот и тешко да те повика некој на работа. Тој почеток тука ме научи на тоа што значи упорност и, сакала или не, несвесно се впуштив по трнливиот пат на успехот кој носи многу откажувања, но и трансфомација на моите дотогашни верувања.

Наташа со сопругот во Хобокен, Њу Џерси – приватна архива

Откако прифатив и волонтирав во центар за истражување на ракот во институт на една голема болница, за само една година добив понуда за работа во светска фармацевска компанија во одделот за тестирање на вакцини, токму она што си го замислував десетина години претходно, во времето додека студирав.

Така да, долго време помина, во мојов случај 7 години, додека се навикнам на системов, да сфатам како функционира и да се прилагодам, да не го барам сѐ она што сум мислела дека ќе го најдам, ами да го прифатам она што ми се нуди, движејќи се чекор по чекор до успехот. Успехот е неминовен доколку веруваме во своите квалитети и никогаш не се откажеме.

Најважно е да сфатиме дека кога менуваме земја никогаш не можеме да бидеме сигурни како ќе биде во новата средина, само имаме проекции како би требало да биде и сѐ додека не се впуштиме во таа авантура, никогаш вистински и нема да дознаеме. Во тој момент имаме два избора: да се разочараме, зошто не е онака како што сме замислиле или да прифатиме, онака како што е во новата средина, да ја најдеме нашата цел согласно условите и да продолжиме да чекориме и кога имаме предизвик пред себе.

 

Што те разочара, а што импресионира на почетокот во новата средина?

 

– Кога дојдов во Америка сфатив дека ќе треба да почнам од нула, дека има шанси да не ми се допадне тука и покрај големите очекувањата, дека можеби нема да ја најдам работата за која мечтаев и дека ќе биде тешко на почетокот, но тоа не значи дека ќе нема и убави моменти.

Наташа во Grand Canyon National Park – приватна архива

Моето очекување беше дека ќе се снајдам за кусо време и воопшто не се надевав дека ќе се чувствувам невидлива во системот, аплицирајќи долго време без никаков резултат. Сфатив дека можеби ќе треба да ја продолжам едукацијата во УСА, па ја разгледував можноста да продолжам на докторат или целосно да ја променам професијата и да почнам од почеток.

Од друга страна, ме воодушеви системот на вредности и можности за секој, кој на еден или друг начин, влегол во системот. Тоа го почувствував кога ми се укажа првата можност да волонтирам и да работам на интересен проект, каде за неполна година издадовме резултати во врвно списание, што за мојот понатамошен пат кон успехот во кариерата значеше многу.

Работев една година во центар за истражувања на ракот во институт на една голема болница. Тоа искуство буквално ме катапултираше да влезам, прво преку агенција привремено, а потоа и постојано, во една од светски најдобрите фармацевтски гиганти Фајзер.

Во Америка ме израдува сознанието што без разлика кој си и од каде си, дали си политички определен или на каква функција се твоите родители, знаат многу добро да го ценат човекот по неговите квалитети и да го задржат квалитетот на кадар овозможувајќи им највисоки бенефиции, што е многу значајно за компаниите да напредуваат, бидејќи се свесни дека најважен дел на секоја компанија е стручноста на кадарот.

Наташа во Лос Анџелес, Калифорнија – приватна архива

 

Што значеше за тебе станување мајка во туѓа земја и колку тоа те промени, како личност?

 

Станување на мајка беше исполнување на мојот долгогодишен сон.  Уште како малечка обожавав деца и копнеев дека кога ќе дојде совршено време и јас би сакала да станам родител. Цел живот бев емотивно врзана и во раце со деца, кога одевме на прослави како малечка ме викаа “учителка” зошто знаев како да ги забавувам.

Со доаѓањето на Теа на овој прекрасен свет, успеавме да креираме нешто за што научно статистиките покажуваа минимални шанси за успех. Обидите да станам мајка се сторија долгогодишна мисија на кој пат имаше загуби, солзи, фрустрации, но и многу верба. Мојата верба беше посилна од сите статистики, но требаше да поминат неколку години на лична трансформација, прифаќање на сѐ што животот ми приредува и поврзување со онаа која сум јас навистина, а губење на старата јас, потисната од нормите, обичаите и убедувањата.

Тогаш почнав да осознавам што значи да се сакаш себеси пред сѐ и без разлика на сѐ што се случува надворешно, да се себеспознаеш. Научив како е да ги прекршиш сите ограничувања на материјалниот свет и на ограничениот ум,  да веруваш во себе и дека вселената е секогаш на твоја страна, да знаеш дека е секогаш онака како треба да биде – совршено по божја воља.

Со другарките на сопствената забава пред раѓањето на Теа – приватна архива

Кога се роди ќерка ми, тоа се разбира, беше една неизмерна среќа за цела фамилија, возбудата и очекувањата од себеси беа преголеми, што беше сосема природно зошто Теа ја чекавме цели 7 години.  Голема поддршка ми беше мојата мајка, која беше со мене во Америка од пред да се роди Теа па до ден денеска. Откога се роди Теа, јас продолжив уште позасилено со мојата трансформација, која сега беше поттикната и од новата улога на родител. Тоа продолжи со усогласување на таа улога со сите останати улоги: улога на научник, улога на жена, улога на ќерка, сестра, пријателка, мотиватор и уште многу други улоги.

Сите негативни потиснати емоции на преголема грижа, поривот да бидеш совршена слика за твоето дете, фрустрацијата што не се раѓаме учени и свесни родители, поривот да ги исполнам сите ветувања што ги испратив до вселената кога мечтаев да станам свесен родител, ме натераа да размислувам во правец како можам јас да им помогнам на другите луѓе на еден поразличен начин од досегашниот за мене.

Сега секој ден, мојата мисија како родител ми станува сѐ појасна, учам да живеам во моментите поминати со Теа, учам да сум што поприсутна во сегашниот момент и независно колку време сме заедно, таа секојдневно ме потсетува дека чуда се можни, доколку веруваме во нив.

Благодарна сум секој ден, иако имаме предизвици како сите родители. Денес дел од мојата мисија е да бидам инспирација, поддршка, верба и надеж за сите оние кои можеби се во слична ситуација и на сличен пат како мојот.

Наташа со мајка ѝ – приватна архива

 

Во моментов работиш во фармацевтска компанија, во делот на испитување на вакцини. Што значи тоа во пандемиски услови?

 

Веќе 7 години работам во светска позната фармацевтска компанија Фајзер, како научник за истражување на ефективноста на вакцини.  Во пандемијава требаше да се навикнеме на новонастанатите услови кои се поразлични од било кога. Потребно беше стравот да се трансформира во надеж, да докажеме дека со помош на науката и човековиот голем потенцијал ќе го надминеме и овој предизвик.

На почетокот работевме од дома, но за многу кратко време увидовме дека тоа, за нас истражувачите, не е опција. Сфативме дека токму сега сме потребни, како кадар, да бидеме во лабораторија и да работиме уште понапорно, или како што на работа сега велиме “со брзина на науката”, за да нашите произведени резултати помогнат да се надмине новонастанатата криза во светот.

Го прифатив тој предизвик на работа со радост и мотивација, но после неколку месечна внатрешна борба…разумот ми велеше дека тоа можеби не е правиот пат по кој треба да се движам, дека можеби не е моја цел веќе, дека можеби не уживам како порано, дека можеби не е безбедно во тие услови за мене и мојата фамилија. Постоеше борба на негативни мисли во мојата глава на почетокот на пандемијата, но по неколку месеци се изборив и си останав на патот, кој сепак се чинеше дека точно во тој момент, е единствено добро решение за мене, мојата фамилија и иднината на човештвото.

Со колешка на настан на HBA за жените во здравствениот систем во Њујорк – приватна архива

Не беше лесно да се прифати новонастанатата ситуација, мојата улога во сето тоа, како и новото време кога веќе ништо не личи на она што претходно сме го гледале како нормално. Со истрајност, верба и слушање на себе, го надминав тој предизвик и сега свесно давам сѐ од себе на работа и помагам на колегите за сите заедно да успееме во нашата цел како компанија.

Ме импресионира сознанието дека сме секогаш во право време и на право место, што можеби  епонекогаш тешко да се увиди на почетокот. Денес сум горда и среќна што се вработив токму во оваа компанија, во која работиме во правец да помогнеме на човештвото со помош на науката.

 

Личниот раст и развој се главен двигател на твојот живот. Кога и како утврди дека сакаш да направиш нешто подуховно, прво за себе, после и за другите?

 

Надминувајќи ги моите предизвици, и учејќи повеќе за себе и другите, утврдив дека недоволно му служам на човештвото доколку го работам само она што веќе 10 години го работев. Сфатив дека имам многу повеќе да дадам за подигнување на свеста на човештвото. Сметав дека и покрај мојата секојдневна работа во струката, доколку сум добро организирана и ја држам позитивната енергија на високо ниво, ќе можам да дадам свој придонес преку делување на различни медиуми и употреба на моето лично искуство, за да помогнам на сите на кои тоа им е потребно.

Овој порив го чувствувам неколку години, но се решив да почнам во декември 2019, кога го отворив својот канал на Јутуб. Тогаш, како дел од мојата трансформација, решив да вежбам говорење пред камера и слободно изразување на моите идеи, промена на убедувања, нови сознанија и поминати искуства. Беше дефинитивно голем предизвик да ја надминам мојата срамежливост, како и стравовите од критика и грешка, што беа всадени длабоко во мојата психа.

Прекрасно сознание беше кога увидов дека заедно креираме нова реалност каде, тоа што јас тоа го работев првенствено за себе, беше од големо значење и за сите оние на кои им беше потребно да го слушнат во тој момент или во било кој друг во иднина.

Наташа во Доминиканската Република – приватна архива

Мојата лична трансформација започна свесно, кога имав предизвици да добијам дете, а продолжи интензивно и откога го добив. Голем благослов е да ти се исполнат сите желби и да успееш во сѐ што си посакувал. Тогаш имаш можност да ја сфатиш твојата суштина, откога ќе потонеш длабоко во себе по падот на илузијата дека ќе бидеш среќен откако ќе ти се оствари сонот.

На тој мој пат на трансформација ми помагаа многу познати автори, но и непознати, неквалификувани учители, стручни лица како психолози, психијатри, скапи, ефтини и бесплатни семинари и тренинзи. Бев буквално претворена во надеж, која со голема мотивација веруваше во сѐ што ќе ѝ се појави на патот. Не се плашев да пробам и научив да не се плашам од неуспех. Кога сфатив дека неуспех не постои и дека е само илузија создадена во нашата глава, добив голем порив да работам на себе и тоа прерасна во дел од мојата мисија.

 

“Еволуирај на свој начин” на Фејсбук и “Нова шема со Наташа” на Јутуб се родија од потребата за медиум каде ќе ја предаваш својата енергија на светот. Што значат за тебе овие канали на пренос?

 

Двата медиуми се родија сосема спонтано, кога веќе неколку години наназад ѝ се препуштив на играта на лична трансформација. На тој пат на доживеав многу освестувања на најразлични теми што нас, како човекови битија, нѐ мачат секојдневно. Тогаш се запрашав Нели би било убаво да почнам да го говорам она што сум го осознала, а притоа да помогнам, или барем инспирирам, некој друг да се запраша, проба или понатаму истражува, за да го промени она што го спречува да биде најдобра верзија на себе.

На почетокот тој дијалог го почнав со најблиските, но веднаш сфатив дека секој си е на свој пат и никого не треба да се форсира, така што се создаде идејата за најразлични медиуми каде ќе можам да пренесувам пораки за сите оние на кои им е време да ги слушнат.

Прво тоа беше канал на Јутуб “Нова шема со Наташа”, каде снимав видеа за програми кои ги изучував, како на пример Животната книга од Џон и Миси Бучер на Mind Valley едукативната платформа, потоа следеа видеа за моите искуства со јога и медитација, која ја студирав потемелно, како и секојдневни теми поврзани со личната трансформација.

Кратко потоа ја оформив и групата “Еволуирај на свој начин” на Фејсбук. Со неа сакав да создадам една средина, полна со поддршка и разбирање за сите членови, како и место каде ќе ги објавувам моите видеа со најразличните информации кои ги учам секојдневно, а се поврзани со исхрана, вежби, козметика, заштита на природа, емотивна и духовна трансформација. Во оваа група повикувам за мене интересни и успешни луѓе, со кои зборуваме на најразлични теми.

Мојот канал не случајно е на македонски, групата е токму за сите кои разбираат и сакаат да се изразат на македонски јазик. Мојот порив да се изразам на мојот мајчин јазик беше поттикнат од мојата првична реализација дека можеби не постојат доволно медиуми од тој тип на македонски, како и дека ова е нешто единствено што само јас можам да го дадам за нашиот македонски народ.

Оваа година го креирав и каналот на англиски Evolve your way, како и истоимената Фејсбук група, за да допрам до што е можно повеќе луѓе кои не го знаат македонскиот јазик,. Секако дел од мојата мисија е да, на еден суптилен начин, секојдневно поттикнувам промена кај сите луѓе со кои доаѓам во допир .

 

Пееш кога си во кола, а танцуваш кога никој не гледа. Колку музиката има влијание врз човековата психа?

 

Музиката е дел од мојот живот уште кога како малечка прабабами ме учеше да пеам, а потоа уживав и во класичната музика играјќи класичен балет повеќе години. Животниот пат ме одведе подалеку од музиката и балетот професионално, но таа е длабоко втисната во мене и она што сум навистина јас, па секогаш наоѓав прилика да играм. Дали тоа беше учење латино танци, играње со моите другарки по дискотеки или сега играње со ќерка ми по дома, тоа ми предизвикуваше среќа, а сега знам и зошто.

Музиката претставува вибрација и како и секоја уметност, доколку ѝ се препуштиме, со задоволство ќе нѐ доведе во сегашниот момент, каде што сме комплетно поврзани со себе, во еден хармоничен однос со космосот и во единствен креативен занес. Тогаш едноставно немам мисли, танцувањето слушајќи музика за мене претставува вистинска среќа. Се сеќавам на првата песна што ми остави голем впечаток како малечка и кога го почувствував токму тоа чувство на слобода, среќа, задоволство кога ја слушнав Ламбада, а подоцна и кога играв на таа песна на една роденденска забава.

Танцување со ќеркичката – приватна архива

Музиката и танцот ме опуштаат, ми предизвикува позитивни емоции, ме раздвижуваат, ме враќаат во моментот на сегашноста и ми дозволуваат да се изразам на мој автентичен начин. Така да, секој момент кога можам да пејам или играм, го користам и влегувам како што би рекле “во елемент”, што за мене значи – да бидам она што сум и да уживам во моментот. Би сакала да можат сите да го почувствуваат тоа чувство, на еден за нив карактеристичен начин и преку музиката и играта, да се опуштат, да го намалат стресот и да имаат повеќе енергија.

 

Што сакаш да правиш секој ден, а што со радост би избегнала?

 

Посебно задоволтво во последниве три години ми претставува времето поминато со мојата ќерка, кое го планирам да е конструктивно, без разлика колку време поминуваме заедно. Вежбам секојдневно да сум 100% присутна во сѐ она што го правиме заедно, да бидам максимално сконцентрирана во моментот. Научив да уживам без разлика на предизвиците поврзани со родителството, иако сѐ уште секојдневно учам од мојата ќерка.

Обожавам да навлегувам во детали и да истражувам, како теоретски, така и практично, на многу теми поврзани со исхрана, подобар начин на живот, лична трансформација.  Не поминува ден во последниве неколку години, а да не слушам некој автор кој ме инспирира. Во последно време многу ретко гледам телевизија, слушам радио, а кога поминувам време на Фејсбук, Инстаграм и Јутуб имам цел и визија да пренесам порака или да прочитам нешто што ме интересира,и гледам тоа да е ограничено време кое јас ќе го одредам.

Во последно време сакам и да пишувам дневник, исполнет со сознанија и идеи кои ми се родиле гледајќи инспиративни автори и вежбајќи нешто што советуваат. Во минатото избегнував сѐ она што не ми се допаѓаше, како на пример токсични луѓе, токсична средина, токсична работа, токсичен систем, сѐ што ми предизвикуваше болка, а не уживање, сѐ додека не научив дека убаво е да се прифати со  искрена благодарност сѐ што ни доаѓа на животниот пат. Сѐ додека бегаме од нешто што не ни се допаѓа, губиме голема енергија што може да ја искористиме на подобар начин.

Наташа во Сан Франциско – приватна архива

Сега знам дека ние самите треба да се смениме, за да се променат сите надворешни работи што не ни се допаѓаат. Се сеќавам, што и да променев во мојов живот, ќе се соочев со сознанието дека нешто ми се допаѓа ,а друго не и повторно ќе започнев со планови што да променам следно, за да го избегнам нештото што не го сакав.

На пример, имав желба да живеам во развиена земја и таа желба ми се исполни, а кога се најдов во оваа држава, посакав да се преселам некаде каде што ќе нема зима, бидејќи ми пречеше и сакав да ја избегнам. Морав да научам да бидам среќна каде и да сум, да бидам благодарна на сѐ што ќе ми дојде на патот, прифаќајќи го сето она што не ми се допаѓа, истовремено  потхранувајќи ја мојата визија и моите желби.

Според мене, најдобро е да оставиме вселената да покаже што е најдобрата опција за нас во секој момент, а наше е да веруваме дека секогаш сме поддржани од космосот, без разлика на случувањата во моментот, бидејќи ние не можеме да ја видиме широката слика.

 

Колку се чувствуваш поврзана со Македонија и дали, кога би имала можност, би се вратила да живееш пак таму?

 

После 10 години подалеку од родната земја, сфатив дека секогаш треба да сме благодарни и горди на своето потекло, бидејќи длабоко во себе, Македонија ќе остане дел од нас. Научив дека домот е секогаш онаму каде што сме ние, без разлика на тоа колку сме далеку од земјата од која потекнуваме.

Наташа во Napa Valley – приватна архива

Кога си заминав од Македонија воопшто немав позитивни емоции што ме поврзуваа со земјата, иако сите мои блиски се таму. Ја кривев Македонија поради мојот неуспех, немањето алтернатива за мене, лошиот систем и многу други работи, сѐ додека не сфатив дека не е до Македонија, туку до мене.

Кога се соочив со вистината и ја прифатив одговорноста за сѐ што ми се случува, повторно ја засакав мојата родна земја и сега, покрај моите блиски, ме врзуваат и само убави спомени. Дури и се размислував да се вратиме и да почнам одново во Македонија, блиску до брат ми и фамилијата, но сепак сѐ додека ја имам желбата да работам како молекуларен биолог и сѐ додека сум ѝ потребна на ќеркичката, која е родена токму во овој систем, мојата мисија е да делувам тука кај што сум моментално.

Се радувам на ова сознание зошто овозможува да се освестите дека сте на право место, во право време, што и да одлучите. Доколку во иднина ме однесе патот накај родната земја, ќе го прифатам и тој предизвик со задоволство. Каде и да сме, од нас самите зависи како се чувствуваме. Јас сега во Америка се чувствувам како дома. Кога ќе сфатиме дека ние сме креатор на нашиот живот преку секојдневните одлуки кои ги носиме, навистина ќе сакаме да поработиме на себе за да не бидеме веќе жртва на околностите, туку напротив, моќен креатор на сопствениот живот.

Со ќерка ѝ во парк во Њу Џерси – приватна архива

Научив да не се движам контра од течението на животот, туку секојдневно да се усогласувам и да бидам повторно восхитена и љубопитна за сѐ, исто како кога бев дете.Тоа ме држи секојдневно мотивирана и ми дава право да уживам, без разлика што сум на 8000 километри одвоена од Македонија и моите најблиски.

Живеам во Америка, но со гордост и задоволство им објаснувам на сите што ги среќавам, а што не знаат многу за Македонија. Се чувствувам привилегирана да бидам амбасадор на нашата земја. На работа еднаш во годината се случуваат интернационални културни денови, тогаш носам традиционална македонска храна за моите колеги и пробувам храна од други интернационални кујни.

Се чувствувам привилегирана да работам во мултикултурно општество и мултикултурна средина, каде имам задоволство да учам за другите култури и да ги учам другите за нашата култура, најмногу преку себе и својата лична автентичност.

Со брат ѝ и фамилијата во Флорида – приватна архива

 

Везилка Магазин