ИнтервјуаНие низ светот

Наташа Пандазиева: „Германија, земјата која не ми дозволи да се вратам на Балканот“

Интервју со оперската певица Наташа Пандазиева од Штип 

Везилка Магазин

 

Кога еднаш ќе ја отворите вратата кон „белиот свет“, враќањето назад е тешко. Особено ако сте млади и амбициозни, полни живот, енергија и отворен ум. А ако имате и златен глас, тогаш нема да ви дозволат да се вратите дома. Наташа Пандазиева, оперската певица од градот под Исарот, својата магија моментално ја живее во Германија. За Везилка раскажува за нејзиниот животен и професионален пат.

 

Како те донесе животот во Германија?

 

Скоро секој музичар од браншата на класичната музика, со кој што имав разговарано на темата “Успех и напредување во кариерата”, имаше неостварен сон, или цел да запеe на германската сцена. Зошто? Во Германија има категоризирање на класите на оперските куќи и театри. Во првата класа оперски куќи припагаат оние од поголемите градови. Тие се делат на 1А и 1Б (истото категоризирање важи и за втора, трета класа оперски куќи).

 

Die Physiker – 2016 – photo credit: Daniela Faber

 

Особено во првата класа оперски куќи (имав чест да запеам неколку пати во една од нив до сега, класа 1Б), вработените се на исклучително високо ниво (неверојатни пијанисти, оркестар кој секогаш кога ќе засвири предизвикува ежење на кожата и солисти, кои што кога ги слушам, ми даваат сила и мотив да продолжам понатаму). Во однос на категоријата на нивниот рејтинг, соодветно и платата е повисока или пониска, а музичарите се исто така на различно ниво.

Јас лично, никогаш немав желба да дојдам во Германија. Јазикот ми се чинеше премногу тежок и комплициран. Бев задоволна од мојата кариера што ја имав во неколку оперски куќи во Бугарија.

Решив да се обидам со неколку огласи за работа во Германија, најмногу поради љубопитност.

 

Во Dorian Gray 2019 – приватна архива

 

Ме извикаа по првиот пратен е-мејл. Аудицијата беше во Сарбрикен. Не победив, поточно не ја добив работата, меѓутоа после такво искуство дека можам да се носам со останатите кандидати, не се вратив на Балканот. Едноставно се роди желбата, да се пробијам и борам на западната сцена. Јазикот со текот на времето го совладав и сфатив дека ништо не е невозможно и сосема се пронајдов и интегрирав во германската културата и нејзиното секојдневие.

 

Каква магија нуди Германија за класичната музика?

 

Германија нуди огромен избор кога станува збор за класичната музика, но и не само за неа, туку воопшто за уметноста од било каква насока. Понекогаш може да биде вистински како некоја бајка/приказна што сме ја читале како деца: замок од 16-17ти век, прекрасно осветлен, со кралски ентериер, одлична акустика, одлични музичари, раскошни фустани, измешани мириси на парфеми… напад на секое човечко сетило, едно потполно доживување.

 

Во улога на Октавиа, Монтеверди 2012 – приватна архива

 

Покрај опери, оперети, мјузикли, германската сцена многу често нуди и камерни концерти. Кај нас не толку популарни, се изведуваат многу ретко, но овде многу слушани се и месите, ораториите, кантатите… (стил, на кој што се оддадов последните три години).

 

Има ли слух германската публика за класика?

 

О, да. Фактот дека уште од мали се подучувани да свират барем на еден музички инструмент (без разлика дали детето ќе продолжи да се занимава со музика понатаму), ги прави одлична публика, која што на некој начин може подобро да не` разбере нас артистите, кои што се издржуваме од уметноста.

 

Во улога на Сузуки, Пучини – 2010 – приватна архива

 

Огромен дел од децата имаат настапувано пред публика, без разлика на нивниот музички квалитет, професионални идни желби и намери. Другиот важен факт, е дека скоро во секој град има театар или оперска куќа.

 

Што ти недостасува од Штип?

 

Од Штип ми недоставува штипската пастрaмаjлија, бурекот и сочните, огромни домати на баба.

 

Кој е твојот незаборавен настап?

 

За време на мојата последна сезона во Бугарија, настапував неколку месеци по ред во операта Хензел и Гретел, или по наше кажано, Ивица и Марица. Повеќето од тие настапи беа за деца со попречен вид. Тие беа најтивката и најдисциплинираната публика која што во мојот живот сум имала чест да ја искусам.

 

Во улога на Хензел -2013 – приватна архива

 

По завршувањето на настапите, имавме можност да бидеме меѓу нив, за тие да можат да не допрат (нашите лица, нашите сценски костуми…) и преку допирот да создадат една целосна слика за нашите сценски карактери. За подарок, ние артистите добивме честитки кои беа напишани со Брајова азбука, нивна благодарност кон нас и нашата изведба.

 

Имаш ли неостварен сон во професијата?

 

Претходно имав повеќе неостварени соништа, но во моментов се фокусирам само на две нешта. Најважниот проект во овој период за мене е да пеам за македонската публика. Поради тоа, во моментов соработувам со Адриан Павлов (композитор, диригент и пијанист) од Бугарија, со којшто приготвуваме проекти за македонската и германската сцена. Исто така работам и на сопствена веб страница.

 

Die Physiker -2016 – photo credit: Daniela Faber

 

Една од целите, за која што ќе биде искористена веб страницата е да создадам мој блог, преку кој што ќе бидат опишани ситуации од мојата кариера и воопшто целиот мој творечки пат. Се надевам, дека описот ќе биде од полза не само за артисти (кои што се стремат кон кариера на Балканот и во Европа), но и за сите останати, кои што од било каква причина заминале од матичната земја и чекорат по еден поинаков, нов животен пат – странство.

Доколку читателите пројават интерес за гореспоменатиот блог, и за информации во врска со неговото стартирање, може да ме следат на мојот Youtube канал, или на Facebook, каде што ќе бидат објавени подетални информации.

 

Во Дориан Греј 2019 – photo crfedit: Thomas Leuthold

 

На читателите на Везилка им посакувам многу здравје и оптимизам во ова тешко време. Време, кое што чиниш застанало, или бавно се движи. Особено тешко е за уметниците.

Единственото творештво од последниве неколку месеци, кое што можам да го презентирам во моментов е во дигитална форма. Улога, која што ја изработив за време на короната и решив да ја документирам. Се надевам ќе уживате.

Везилка Магазин