Разговараме со Владо Јаневски, еден од добитниците на наградата за филмско сценарио на Скрипт фест 2021, кој е и уредник во „Везилка“.
Владо, од каде идејата да почнеш да пишуваш филмски сценарија?
Владо: Пред да се објави романот „Под друга капа“ (во 2019 г.), лекторката во издавачката куќа Магор ми рече дека читањето на романот е како да гледаш претстава. Тоа е веројатно така затоа што во моите романи дејствието честопати го доловувам преку дијалози. Затоа беше релативно лесно романот да го преточам во филмско сценарио. Се разбира, беше предизвик сето тоа да се смести во околу 120 страници, што е вообичаена должина на сценарио за долгометражен филм. Ми беше особено важно да нема голема разлика меѓу романот и сценариото. Мразам кога си ја прочитал книгата и потоа го гледаш филмот и си разочаран од тоа колку многу се разликуваат. Затоа се трудев во сценариото да не ја нарушам приказната и мислам дека успеав во тоа. Се надевам дека можеби некој од македонските режисери ќе биде заинтересиран да го сними филмот според сценариото.
За што се работи во сценариото „Под друга капа“?
Владо: „Под друга капа“ е авантура и казопат за луѓе изгубени во своето минато. Главниот протагонист, Смарто, e своевиден македонски Кристофер Колумбо, кој – случајно или не – открива еден нов свет што можеби ѝ недостига на секоја земја што сè уште се измачува со својот идентитет. Смарто е новопечен морепловец кого силна бура го исфрла на навидум пуст остров сред Индискиот Океан. Тој и неговиот мал екипаж бидуваат пречекани од необично племе – изгубено или не – во некој друг свет. На тој свет му се туѓи секојдневната борба за престиж, глад за власт, алчност и криминал. На домородците не им треба многу за да го прогласат Смарто за свој крал. Смарто им се препушта на задоволствата на кралскиот живот, но како и секој мудар владетел што се грижи за своите поданици, предадено се обидува да ги „просвети“ и цивилизира островјаните. Откако ќе му паднат во очи знаци на врска меѓу островјаните и најславното минато на македонскиот народ, Смарто се оддава на просветителско-политичка дејност. Бидејќи никогаш не се знае до каде ти допираат националните корени, Смарто е на мисија да го заштити идентитетот и автентичната култура. И да не ги оддавам сите заплети и разврската, прочитајте го сценариото кога ќе биде објавено на веб страницата на „Македонија презент“.
Нешто повеќе за наградите и за наградените:
Фондацијата за културна и научна афирмација „Македонија презент“ од Скопје, која традиционално го организира Меѓународниот фестивал на филмски сценарија Скрипт фест, наградите за најдобро сценарио, пристигнати на конкурсот во рамките на фестивалот, одлучила да ги додели на авторите: Владо Јаневски, Васил Михаил и Гоце Ристовски.
Владо Јаневски е награден за филмското сценарио за долгометражен игран филм „Под друга капа“.
Васил Михаил наградата Скрипт фест ја добива за трите сценарија за краток филм и тоа: „Кујна“, „Паркинг“ и „My god, it’s full of stars“.
Гоце Ристовски е награден за сценариото за игран филм „Гола вода“ и сценариото за краткометражен игран филм „Кардинална грешка“.
Сите три награди се рамноправни. Наградените филмски сценарија заинтересираните наскоро ќе може да ги прочитаат на сајтот www.macedoniapresent.mk. Инаку, Фестивалот Скрипт фест годинава ќе се одржи со поддршка на Програмата за култура при Собранието на Град Скопје.