Интервјуа

На светот очајно му требаат жени што ќе водат со срцето

Интервју со Горица Фотова од Gold Coast, Австралија

Везилка Магазин

Горица, вие се селевте неколку пати во последните 3 години. Прво од Скопје во Мелбурн, па во Бризбејн, па Голд Кост. Каде ти беше мирот?

 

Пристигнавме во Мелбурн, заради тоа што најголемиот број од Македонците што ги познаваме живеат во Мелбурн, а имам и чичко и братучед во таму. Таман го засакавме и се привикнавме на градот, сопругот најде работа во Бризбејн. Наши луѓе помогнаа со препорака, за што сме им вечно благодарни.

Во Бризбејн живеевме скоро две години, јас се шегувам дека секогаш кога одам во Бризбејн ја чувствувам истата возбуда како кога одам во Скопје, како да ми е роден град. Таму водевме градски живот, исто како и во Скопје. Сакавме да живееме покрај океан, а енергијата на Голд Кост како град ептен ни се допадна и затоа се преселивме. Повеќе од година како живееме на Голд Кост и сега засега сме тука. Утре – којзнае.

 

Во Австралија дојде со банкарско искуство, но никогаш не влезе во овој сектор локално. Дали не се случи понуда, или едноставно реши дека корпоративниот свет не е веќе за тебе?

 

Намерата од Македонија ми беше дека ќе најдам работа слична на таа што ја имав дотогаш. Работев во Халкбанк скоро 10 години. Меѓутоа за мене заминувањето во Австралија беше како духовно патување – како кога луѓе одат во Индија со намера да се спознаат себеси. Дојдов со еден куп стравови за кои не бев ни свесна дека постојат во мене, а почнав да ги живеам во Австралија.

Горица со синот Максим – приватна архива

Првата година го чував Максим и работев на себеси – на ослободување од сите стравови и стеги од минатото. Не тргнав со намера да направам бизнис од тоа, туку да си помогнам себеси. Бизнисот дојде како резултат на тоа.

 

Водиш здрав вегански живот, практикуваш јога и позитивен пристап на животот. Колку сонцето и околината има удел во сето ова, и дали истото го правеше и во Македонија?

 

На Голд Кост има сонце барем 300 денови во годината. Зимата изгледа како пролет во Скопје, како најубавите денови во мај.  Живееме покрај плажа.  Денот ни почнува и ни завршува на плажа. Тоа го немавме со Скопје. Сонцето дефинитивно придонесува за здрав живот и за добро расположение, иако би рекла дека расположението првенствено доаѓа одвнатре. Јога и вегански начин на живот почнав да практикувам уште во Скопје. Тука дополнително го имаме бенефитот да сме блиску до природата, да дишеме чист воздух, да живееме во чист град.

 

На што се сеќаваш од тие неколку први месеци во Мелбурн? Што најмногу те изненади, а за што не можеше да замислиш дека постои во една држава како Австралија?

 

Кога се преселивме во Мелбурн, не почувствував дека сме се преселиле, постојано бевме во друштво на Македонци, кои пак не запознаваа со својот круг на пријатели и беше многу забавно. Со чичко ми се поврзавме и како семејството и како пријатели кои долго чекале да се запознаат. Веројатно тоа е причината што некако Мелбурн секогаш ни останува како опција на која радо би и се вратиле.

Семејството Фотови – приватна архива

Но не сакам да се врзувам за ниту едно место. Сите опции се секогаш отворени. За Мелбурн најмногу ме изненади неговата убавина, не го замислував толку убав. И таму живеевме покрај плажа. Многу интересен баланс на природата со урбаното.

Она што не го очекував да го доживеам тука ми беше топлината на луѓето, не мислам на Македонците туку на Австралијците. Не забележував разлика меѓу луѓето тука и во Македонија, единствено што можеби превземаат поголема одговорност за себеси, затоа што и општеството тоа го налага. Тоа ми беше првиот впечаток и се уште го мислам и чувствувам истото.

 

Што „мораш“ да направиш бар еднаш во денот со синчето Максим?

 

Да одиме на прошетка. Обично е тоа во нашата населба. Освен физичките бенефити, прошетката дополнително ни служи за зближување и за разговор на теми за кои не разговараме кога сме тројцата заедно. Едноставно е тоа наше време за наши теми – негови и мои. Истото го има и со татко му.

Синот Максим – приватна архива

 

За што се чувствуваш „врзана“ и те фрустрира најмногу?

 

Се чувствував врзана за Скопје и за се што имав таму, а морав да го оставам позади себе за да продолжам понатаму. Тоа ми создаваше нелагодност долго време, иако ни самата не си го признавав тоа. Подоцна сфатив дека секоја нелагодност е дел од еволуцијата на личноста. Од сегашна перспектива,моето заминување за Австралија ми изгледа како одлично изрежирано сценарио за да пораснам како личност, да прејдам на следното ниво.

Откако се “одврзав” од Скопје, решив дека нема да се врзам за ниту едно друго место. Нема нешто што ме фрустрира, сфатив дека секоја фрустрација е огледало за одредена неразрешена работа во себе и веднаш ја адресирам. Тоа го научив откога дојдов тука, тоа го применувам и во мојата работа.

Семејството Фотови – приватна архива

 

Започна нешто (Love Hub) што нема допирна точка со твојата претходна професија. Кога ја доживеа трансформацијата?

 

Мојата филозофија е дека секое страдање што човек го доживува е повик за да се ослободи од минатото – да ги научи лекциите од минатото и да го остави зад себе, да порасне како личност. Во тоа се состои трансформацијата.

Откако јас ја научив својата лекција, решив да им помагам на жени кои тој повик за личен развој го имаат во форма на предизвик во нивниот приватен живот. Низ процесот разбрав што значи човек да се пронајде во работата што ја работи, да му биде инспирација и движечка сила во животот. Претходно не верував дека такво нешто постои.

 

Спремаш нешто ново, жената ќе биде во фокус. Што откри низ овој процес?

 

Спремам нов проект кадешто жената има централно место и ја превзема одговорноста на спиритуален (духовен) лидер којшто го води својот парнер низ мистериите на љубовта, во свето заедништво меѓу жената и мажот. Жената го поседува клучот на љубовта, иако често не е ни свесна за тоа. Кога ќе стане свесна за моќта што ја поседува, бракот добива сосема нова димензија.

На светот очајно му требаат жени што ќе водат со срцето.

Горица Фотова – приватна архива
Везилка Магазин