Стандардната „среќна“ приказна на млада девојка излезена од Македонија можеби теоретски изгледа како оваа, но како што вели самата протагонистка – во случајов е само во очите на набљудувачот.
Излезена од Македонија пред нецели 13 години, во надеж дека ќе се „спаси“ од ситуацијата во која се наоѓало нејзиното семејство во Прилеп, Јосипа ни за момент не помислила колку овој чекор ќе ѝ го промени животот, во секоја смисла. Она што мислела дека ќе се само магистерски студии, продолжиле во докторски по компаративна и европска политика, па сопруг, дете, промена на три држави за време на светска пандемија, изолација, себе-испитување, повлекување и целосно фокусирање на активностите во македонскиот центар за делиберативна демократија.
ДИЈАЛОГ, ко-основан од Јосипа во 2016 година во Прилеп, го интегрира сето она што таа низ годиниве го учи и усовршува и во времето на свое најголемо повлекување од околината, истиот ѝ нуди прибежиште за најголема интелектуална продуктивност, а воедно и можност да остане во контакт со својата држава.

Балерина, диџеј, вљубеник во диско светлата, транс музиката и танцувањето, но и автор на сѐ уште необјавени пишани дела, смирена мама, зависник од бројки и статистики и страстен борец против корупција, во и надвор од Македонија, се само мал дел од личниот мозаик на Јосипа.
Доволен е само еден разговор, за да сфатите со колку прекрасна личност сте имале среќа да се сретнете, макар и само онлајн, а ние таа чест ја добивме преку ова интервју за Везилка.
Што значеше во 2008 година, за тогаш 24-годишната Јосипа, одлуката да се напушти Македонија за магистерски студии во Италија?
Спас. Во тоа време воопшто не помислував дека Универзитетот во Болоња ме предизвика на првиот чекор кон моето заминување од Македонија. Го гледав како можност за професионална надоградба која ќе ја инвестирав дома по враќањето, што и навистина се обидов одредено време.
Целосната стипендија која ја добив од италијанската влада не претставуваше само моја отскочна даска во кариерата туку и подадена рака за испливување од длабока финансиска криза во која беше моето семејство веќе пет години.

Моите заштеди ги покрија кредитите и извршителите поради стечајот на колонијалната продавница на моите. Успеаја и да го спасат станот кој банката се закануваше дека ќе го земе доколку не се подмират обврските од договорот; договор потпишан во едно друго време, пред стечаите и отпуштањата, кога во семејството имаше двајца вработени и две дечиња, наместо двајца невработени и две студентки.
Во секој случај оваа материјална стабилност е само едната позитивна страна. Новиот поглед на светот, интернационално богатство од пријатели, пристап до нова литература и екскурзии по волшебната Италија се придобивките на долг рок. Преку ова второто се градев и како личност и како професионалец и затоа секому би препорачала едно такво бегство во непознато за време на школувањето.

Во 2012 повторно се враќаш во Италија, сега на докторски студии. Дали тоа значи дека таа земја првиот пат те исполни на начин каков што бараше или едноставно понудените шанси се надоврзаа една на друга?
Иако во тоа време ретко пропуштав шанси за нови предизвици, добивањето на тригодишната стипендија за докторски студии по компаративна и европска политика беше исполнување на мојот сон. Тоа што се совпадна да биде на Универзитетот во Сиена беше наградата.
Сиена беше љубов на прв поглед при една од екскурзиите за време на магистерските студии и знаев дека ќе ѝ се вратам еден ден, но не можев да знам дека ќе ѝ се закотвам на подолго. Мојата кариера во Институтот за демократија во Скопје одеше во прилично нагорна линија и работата (иако понекогаш исцрпувачка) ме исполнуваше, но докторските студии беа посилен предизвик.

Центарот за студии на политичките промени таа година доби признание за најдобра програма за докторски студии по политички науки во Италија, а фокусот на квантитативните методи на истражување во текот на студиите се покажа како вистинското место за мене. Богатството од луѓе кои останаа во мојот живот и прекрасната Тоскана се заслужни за мојата прекрасна приказна за Сиена.
Досега најсреќната верзија на Јосипа, длабински исполнета и во полет, е сиенската.

Сопругот Антонио го запозна во Италија, но тој набрзо по започнувањето на врската се врати во Шпанија и имавте врска на далечина сѐ додека ти не отиде во Барселона, каде веќе работеше Антонио. Колку те изненади Шпанија и тамошните луѓе и услови во споредба со дотогаш за тебе познатата Италија?
Антонио беше најголемата приватна придобивка од докторските. Заминувањето на студентска посета при Автономниот Универзитет во Барселона и почетокот на нашиот заеднички живот таму промени многу нешта. За прв пат знаев дека се оддалечував од мојата цел за градење кариера во Македонија.
Благодарение на тоа што никој во фамилијата на Антонио не зборуваше друг јазик, за неполни три месеци веќе го имав прилагодено мојот италијански во шпански. Ова многу би ми сметало кога би била сама во друга држава каде никој не сака да ми зборува на англиски, но Антонио беше трпелив и ме поддржа во усовршувањето на шпанскиот без притисок.

Од паста преминав на морска храна и ибериски специјалитети на месо. Мурсија, од каде што е Антонио, е градината на Европа и од таму се извезува многу зеленчук и овошје во Европа. Тоа подоцна го посведочивме и со преселбата во Норвешка каде купувавме мурсијски марули, лубеници и домати. Кога видов палми и дрвореди од портокали по улиците ми се причини така егзотично, топло. Иако ми се допадна храната, не ми се допадна тоа што вечераат многу доцна.
Тоа што се слични културолошки со Италија овозможи многу понежна адаптација и прифаќање на сензибилитетот на Шпанците. Со нив секогаш имате чувство дека се расправате, а всушност таков ви е разговорот. Тоа важи и за нас Македонците, па немав голем културолошки шок. Со тоа што станав дел од шпанска фамилија многу полесно ја научив политичката клима и сличност со Италија, и таму корупцијата и злоупотреба на должност на јавни функционери беа првите теми со кои се запознав.
Она што ќе ми остане во сеќавање беше мојот прв бадник со тамошната фамилија и исчекувањето на говорот на кралот за време на бадниковата вечера. Го доживеав како некоја бајка.

Што ти беше најтешко да прифатиш во Шпанија, а што позитивно те изненади?
Сѐ уште ми е најтешко да прифатам како политичарите се спремни да манипулираат со чувствата на гласачите и да ги радикализираат по етно-регионална и националистичка основа, имајќи ја предвид деструктивноста на шпанската граѓанска војна која сѐ уште не е излезена од јавниот дискурс. Од друга страна, иако има доста политика во секојдневието, има и доста дебата. Тоа е позитивното изненадување.
Она што не можам да го „сварам“ се телевизиските забавни програми. Во текот на денот на повеќе канали има таканаречени дебати на теми од шоубизнисот каде таканаречените “соработници” на телевизијата (едни те исти) ги коментираат животите на јавните личности до степен на плачки и донекаде агресивни расправии. Сѐ уште не можам да го разберам концептот, пораката и емоциите на сето тоа надвикување.

Следна станица ви беше Норвешка, каде и се роди синот Марко во 2019 година. Дали северот достојно го замени југот и дали со враќањето во Шпанија, набрзо по пороѓајот, ја доби очекуваната поддршка и помош?
Ако Сиена беше љубов на прв поглед, Трондхајм и Норвешка беа како ново заљубување секој ден. Норвешка е комплетна спротивност на Медитеранот, што мислам дека во моментот кога се преселивме и на двајцата ни требаше.
Таму пред сѐ постои општа доверба, доверба во институции, систем и луѓе. Толку е мирно што ние (кои живеевме на плоштадот во центар) речиси и да не забележувавме разлика за време на викендите и деновите преку неделата. Спокој. Тоа е зборот што асоцира на Норвешка.

Антонио не го доживеа животот таму на ист начин, нему му сметаше мразот. Нормално, кога прв пат во животот виде снег таму. А јас, навикната на студени зими, уживав во долгите снежни месеци. И на мракот се навикнав. Особено имајќи предвид колку често патувавме за Шпанија и Македонија, мислам дека бевме привилегирани.
Друг таков луксуз беше тоа што многу често навечер од прозор гледавме поларни светлини. Луѓето трошат богатства за да го видат овој феномен и често безуспешно. Белите ноќи пак се уште еден куриозитет кој мене лично ме „купи“. Не може да се пофалиме со многу богат социјален живот, но може да се каже дека таквиот мир мене лично ми овозможи ниво на интелектуална продуктивност како никогаш дотогаш.

Е веќе второто враќање во Шпанија со двомесечниот Марко беше шок. Од една страна се случија турбуленции во фамилијата, болест на мајката и смрт на таткото на Антонио само две недели по враќањето, а од друга страна, осознавме дека сме живееле во неверојатно добри услови во Норвешка (кои таму се сметаат за стандард). Куќите во Мурсија немаа топлотна и звучна изолација, климата е премногу влажна, а преселбите носат промени и нестабилност.
На почеток не можев да имам помош затоа што Антонио беше зафатен со грижа за мајка му, а бебето беше доста поврзано за мене, па не можевме да имаме почеток за каков што нѐ подготвуваше бабицата во Норвешка. Тато да работи по дома, а мама да спие и одмара кога бебето спие….тоа не можеше да се случи. Кога Марко потпорасна се поврза многу со чичко му и тоа ми ги одврза рацете некој саат во денот за да можам да сработам нешто по дома. Повторно не велам за да одморам. Мајките го знаат тоа, ха ха.

Но тогаш пандемијата нѐ затвори неколку месеци во карантини и ги отежна работите уште повеќе. На почеток изгледаше убаво да се посветиме едни на други како семејство и да се изолираме од светот, што норвешкото искуство го направи полесно подносливо, но со тоа што престанавме да патуваме веќе го изгубивме издувниот вентил.
Овој пат таквата самотија беше придружена со изолација и од најблиските, параноја, смрт наоколу и уште поголема далечина од Македонија и татко ми.
Во 2016 година со 4 твои колеги го формиравте ДИЈАЛОГ – Центарот за делиберативна демократија, кој во сите овие скоро 5 години, го водиш скоро целосно онлајн. Колку таа врска со Македонија ти даваше чувство на поврзаност и еден вид стабилност, во годините на преселби и промени низ Европа?
ДИЈАЛОГ беше формиран со цел истражувањата кои ги работевме со мојата колешка да добијат поголем кредибилитет и надежно да можеме да привлечеме донатори и да можеме поефикасно да ги спроведуваме. Не бев ни свесна дека ќе стане така силна алка со Македонија.
Јас, за време на докторските студии, напишав теза базирана на компаративни податоци од повеќе земји и преку неколку трудови се обидов да го проширам опсегот од Источна Европа (што ми е експертиза) на Западна Европа. Но ДИЈАЛОГ ме наноси кон обратното. Се фокусирав на Македонија, а го проширив опсегот на теми. Тимот којшто го градиме во овие четири и пол години е таков што ваквото проширување е возможно заради професионалните теми на интерес и шареноликоста на искуствата.

Денес ДИЈАЛОГ е ѕвезда во изгревање и се надевам дека моето интернационално искуство ќе му носи донатори и проекти. Ако денес вложуваме во тимот и портфолиото, верувам дека за брзо ДИЈАЛОГ ќе прерасне во центар од каде се слуша и гласот на интелектуалната мисла на Прилеп и на Македонија во светот.
Политички образованата Јосипа длабоко во себе ги обожава техно музиката, подиумот за танцување, диџејувањето и диско светлата. Во трката наречена „живот“ ретко кога правиме анализа на делот од себе што сме го запоставиле низ годините. Како остануваш во контакт со своето Јас и колку есенцијално те промени животот надвор?
Магистерските студии беа предвесник на збогувањето со диџеј пултот, но не и крај на врската со електронската музика. Животот во Италија ме доближи до трендовите на денс-културата. Во клубовите во Италија ги “крадев” музичките новитети и ги архивирав во мојата датотека. Сепак, сѐ остана само на плејлиста за долгите патувања, пешачења или џогинг и за во слободно време по дома.
Исто и со танцувањето. Честопати се фаќам себе си (додека патувам во воз или автобус и го слушам мојот транс) како во ум ги разместувам фигурите и распоредот на танчерките од групата за модерен балет, која ја имавме кога бевме на возраст од 11 до 19 години. Пред бременоста одев на зумба за да можам да танцувам, а денес како мајка во карантин единствено прибежиште ми е слушањето музика на слушалки додека ја средувам кујната, а Марко спие, или додека го возам со количката на отворено.

Пред некој ден се најдов на прометна улица во Лондон, на тивко дожденце и зимско зајдисонце. Светлата од семафорите даваа отсјај на диско подиум а светлата на автомобилите како стробоскопи заслепуваа. На слушалки ја слушав “Трафик” на Тиесто. Ме врати во мислите на журката на Саем во Скопје од пред шест-седум години. Носталгично си попуштив глас иако паметните слушалки ме предупредуваа за штетноста од зголемувањето на тонот.
Ова секако не можам да си го дозволам почесто затоа што не би била одговорна мајка доколку од музиката не слушнам дека детето ме довикува и уште поважно, не би можела да внимавам во сообраќајот. Не верувам дека некогаш ќе занеме тој бурен внатрешен транс во сѐ посмирената мама Јосипа.

Кој ти го враќа позитивизмот во секојдневието и колку ти е важно да имаш контакт со своите луѓе секој ден, макар и онлајн?
Имам тесен круг на луѓе кои знаат да ме кренат во вистинско време (моето балонче за поддршка), а голема мрежа на интернационални пријатели со кои комуницирам често. Оваа година преку проектот на ДИЈАЛОГ „Испразнето Гнездо“ мојот тим ми беше и столбот на менталното здравје. Тие беа поддршка и мотив.
Сестра ми е клучен елемент во сложувалката „среќа“. Во целата оваа пандемија, само со неа изнајдовме начини за да се видиме. Долета од Шведска кога имаше прилика. Почитувајќи ги протоколите, прифативме да се гледаме само со маски, да не се гушкаме и да не се доближуваме премногу, но го прославивме првиот роденден на Марко, си поприкажавме и на некој начин се избавивме од лудилото (тогаш за тогаш).

Најнова алатка за дружење, а истовремено и бегство од онлајн светот е нашиот клуб на читателки, кој нѐ мотивира да држиме темпо на читање и покрај обврските и да се дружиме на поконструктивен начин. Овие контакти се виртуелни, но засега се мојата единствена реалност.
За мене не е голем шок што сѐ се сведува на онлајн врски затоа што и претходно повеќето мои контакти беа такви. Сепак, секојдневно посакувам да може сите овие активности (барем неколку пати годишно) да се реализираат во живо, било каде во светот.
Што е твојот скриен талент којшто светот сѐ уште не го знае?
По однос на ова прашање сѐ уште сум многу несамоуверена и за да не звучам претенциозно, наместо талент би рекла љубов. Пишувањето. Сѐ уште не стигнале ракописите до поширока публика, но последнава година некако се одлучив, освен време, да му посветам и малку студии, па така моментално се самоедуцирам на темата креативно пишување и раскажување.
Еве една секвенца од расказ од мојот роман во изработка, за кој нема да кажам повеќе додека не го реализирам навистина.
„ … утрово долго гледав во твоите бели дланки. Сонцето навлегува низ дупчињата на ролетните и врз чаршафите рефлектира светли плоскати кругови. Ненасетувајќи го новиот ден, ти сѐ уште длабоко дишеш со рачињата доближени еднододруго пред градите што се полнат и празнат во умерен ритам. Над секое конусно мало прсте на дебелкото бело раче, наместо зглопче имаш малечка вдлабнатинка. Не издржав и ги бакнав силно, ти се насмеа во сонот и ја испушти цуцлата.
Деновите веќе немаат име, толку си личат еден на друг што веќе неколкупати оваа недела добив благ напад на паника. Излегувам на прозорец и ја подавам главата надвор. Се плашам дека, како последните од Филипините, оставени сме и заборавени. Чекаме слобода, чекаме мир, но светот веќе заборавил на нас. Зарем си заминаа без нас? Очајно чекам да помине некој по улицата. Но ниту куче да залае. Вдишувам. Панично барам куче. Каде се тие проклети кучиња сега? Изнесете ги кучињата на прошетка! И тогаш зад прозорците во другата зграда забележувам движење. Сѐ уште се сите дома. Мора да е вистина. Три часот е, ручек време. Ќе излезат кучињата подоцна. Сѐ уште чекаме да изумре вирусот. Се бориме криејќи се. Издишувам. Жива сум. Здрави сме. Се умира на друго место.“
Од што најчесто бегаш и дали директно се соочуваш со ситуациите или се повлекуваш и си го заштитуваш својот мир, без потреба да се докажуваш?
Не бегам од проблемите, но директно се соочувам само со проблеми за кои мислам дека има поента да се вложам. Немам проблем со комуникација, па се трудам доколку ситуацијата инволвира луѓе, да се издигнам на ниво на „задачата“ додека да се реши. Сепак, бегам често од „проблеми“ кои или не зависат од мене или сметам дека не ми е местото таму.

Бегам од јавни „дебати“ со Фејсбук експерти. Како политиколог, можеби познаниците очекуваат повеќе од мене во однос на ова прашање, но јас се познавам доволно себе си за да знам дека пакоста и простотилокот на луѓето, кои преовладуваат на интернет, може да ме повреди. За да не се доведувам до такви ситуации, си го заштитувам мирот со бегство од решавање проблеми на интернет.
Врската со Македонија никогаш не ја прекина, иако и твојата сестра се пресели во меѓувреме во Шведска. За време на животот во странство, во 2015 ја изгуби својата мајка, со која не успеа да се збогуваш, а твојот татко остана сам во Прилеп. Колкави се шансите за враќање во Македонија?
Професијата на Антонио не остава простор за враќање во Македонија, иако јас сметам дека мојата кариера беше на голем удар со сите овие преселби. Денес сме во Лондон каде се надевам дека ќе се задржиме и ќе ми пружи поголеми шанси за кариерен развој.
Всушност, луѓето со кои помалку комуницирам, веројатно гледаат на моето заминување како на уште една од тие фамозни „успешни приказни“. Сиромашна, но се извлече, заврши докторат, убаво се омажи. Вака некако би одело сижето. Но, јас сметам дека мојата е повеќе неуспешна приказна со среќен почеток.

Јас не успевам да најдам работа во академија скоро три години по завршувањето на докторатот, но од друга страна успевам да создавам услови за да работам нешто во што навистина уживам. И затоа, немам храброст да речам дека никогаш нема да се вратам во Македонија дури и кога сум ужасната од случувањата таму. Мислам дека тоа што го поседувам може да најде примена во подобрување на ситуацијата таму.
Од друга страна сакам да се држам приземно и да ја избегнам замката од типот „јас ќе бидам месијата што ќе ја спаси Македонија“. Доволно сум политички писмена за да знам дека клучните промени не би зависеле од мене.

Друго прашање што струи по групите на иселеници е дали би помогнал некому кој сака да се исели од Македонија. Нема сомнеж дека би помогнала секому што сака промени во животот, нови искуства и авантури. Но, моето потпрашање е дали таа личност сака или мора да се исели? Јас сакам да ја гледам својата улога во македонското општество преку поддршката што можам да им ја пружам на оние што сакаат да останат.
Оттаму се раѓа и мојата новооткриена пасија за студии на тема миграции, затоа што мотивите за мигрирање се многу побројни од проста потрага по повеќе пари, а последиците се многу покомплексни од проста евалуација за успех на личностите според тоа што успеале да заработат.
