Интровертен, уникатен, слободен и духовно исполнет – нашиот моден дизајнер Ненад Секирарски веќе 3 години живее една поинаква реалност на островот Бали, опкружен со оризови полиња, долги морски хоризонти и тропски шуми.
„Внимавајте што посакувате, да не ви се оствари“ е точно она што му се случило и на него – желбата да живее на тропско место тлеела во него со години, па кога дошла понудата за работа со македонскиот дизајнер Марјан Пејоски на брендот KTZ , не му требало многу размислување пред да го отвори срцето за оваа нова авантура и да се пресели на другиот крај на светот.
Влегувајќи во едно сосема различно поле во модата, овој пат реализирајќи ги идеите на другите дизајнери во сферата на машката мода, Ненад неосетно започнува и една себе-трансформација, едно соочување со своите стравови, како и себе-рефлексија на она што значи да носиш дел од македонскиот фолклор во своите гени насекаде низ светот.
Незаробен од физичките граници и свесен за фактот дека сите доаѓаме од еден ист извор, Ненад максимално ги ужива убавините и благодетите на островот. Утринското кафе му е ритуал кој му дава поттик за денот, а зајдисонцето на бескрајниот хоризонт – надеж дека секој нареден ден ќе е подобар од претходниот.
За Ненад во Македонија не треба многу да објаснуваме, тебе и славејот на гранка те знае, затоа ќе почнеме од почетокот на последнава авантура – Што најпрво си помисли кога ја доби понудата да заминеш за Бали?
– Да се биде дел од јавниот живот во Македонија и дел од модната сцена носи и големи одговорности или барем мене ми носеше. Кога дури и славејот те знае тогаш со секоја своја постапка а секако и со секоја нова колекција, во мојата перцепција треба да се одсликувам најдобриот Јас и создавајќи да влијаам на подоброто за сите.
Така и дојде понудата за работа како одговорен во делот на развој на производи (Garment Product Developer) во KTZ. Понудата ја добив во кафана (Тренд) и првата помисла ми беше “Ооо таму не сум бил!”
Кое чувство ти преовладуваше на заминување, а што те обвиваше првиот период во новиот дом на островот?
– Јас многу ја сакам Македонија, патриот сум во душа и тој дел тешко ми падна, дека заминувам после 45 години. Од друга страна, го имав чувството дека е тоа нов почеток, период на нови искуства и нови создавања кои ќе ме променат и како човек и како дизајнер.
Кога патуваш некаде на одмор и кога таа дестинација ти е е новиот животен простор – секако не е исто. Ми требаше добри 3 месеца да се адаптирам на нештата тука бидејќи се е различно, од работната средина и луѓето до јазикот, начинот на живот, поимањето на нештата и секако храната.
Скоро секој ден после работа го поминував покрај океанот учејќи ги новите навики за да ја прифатам енергијата и ритамот на Бали како свои. За среќа, многу нишки во мојот карактер се блиски до тоа што се живее тука и успеав да се пронајдам.
Дали мислиш дека, како интроверт каков што си, полесно можеш да живееш “по свои правила” на Бали отколку во Македонија?
– Интровертноста е предност кај креативните луѓе, разговарајќи со себе ги создаваат убавите нешта во тој свој свет. Така создадени, полесно е да ги материјализираш да бидат видливи за сите.
Убавината на Бали е што отвара многу пошироки пространства бидејќи самите Балинежани се интровертни по природа. Да се биде Хинду, што е најголемата религија тука, подразбира долги разговори со себе, молитви и церемонии кои водат кон подоброто Себе. Од таа причина животот тука, после 4 години, ми е полесен бидејќи никој не се оптеретува со другиот, што е спротивно од животот во Македонија каде и “славејот има потреба да знае што правиш” – ова како повикување на воведното прашање.
Го надмина стравот од стаорци со тоа што немаше избор, па се соочи и научи да живееш со истиот. Со што друго “мораше” да научиш да живееш таму?
– Соочувањето со сопствените стравови е нешто што нѐ подобрува како луѓе. За да постои вистинско соочување, мораме да го најдеме коренот на сопствениот страв и причините зошто тоа толку влијае на нас.
Јас сум голем љубител на животни и немам страв од змии и други видови кои луѓето често ги избегнуваат, но секогаш кога во просторот се сретнувам со стаорци тоа ми предзвикува вознемиреност, не знам како да реагирам. Од друга страна имам впечаток дека дури и ги привлекувам со својот страв, па некако имам побројни разни искуства од, да кажеме, моите пријатели.
Ако тоа не е познато за пошироката јавност, живеењето на остров подразбира и живеење со една поголема популација на стаорци, посебно на Бали каде што, поради бројните туристи и ресторани, има изобилство на фрлена храна. Но Бали не би било тоа што е ако уште еднаш не пружи животни лекции за навек.
Имено, тука како редовна навика е практикување на верска церемонија со којашто во мал сад од палмини листови се дава понуда на Бог за благослов. Таа понуда содржи малку ориз, неколку цветови, едно колаче, запалено миризливо стапче и се попрскува со миризливо масло.
Обично понудата која се нарекува Canang Sari (во буквален превод би било Корпа на најнужното) се остава пред влезната врата. Луѓето поминувајќи ја вдишуваат миризбата и со тоа се поврзуваат со духовното на Бали, птиците кои живеат во населените места ќе се нахранат од оризот, а колачето најчесто ќе биде оброк за верверичките или стаорците.
Токму секојдневното сведочење на овој настан и гледајќи како тие мирно ќе си го изедат колачето и ќе продолжат понатаму, ме учи како да ги прифатам и мојот страв е сѐ помал.
Кој е Ненад кога никој не го гледа?
– Ги сакам разговорите со себе, да се исклучам во некој свој свет и да го истражувам. Ако според многумина овој свет е материјализација на нашите мисли, стравови и копнежи, тогаш ја имам можноста да создадам уште еден свет каде нештата се поинакви, можеби на момент и поспокојни.
Веројатно би било тешко да го правиме тоа кога имаме некого до нас, но кога сум сам никогаш не сум осамен, убаво ми е со себе.
Очигледно преселбата од Македонија значеше менување на правецот и за Ненад, модниот дизајнер. Колку ти беше лесен овој премин од гледна точка на креативност и дали постоеше одредена доза на сомнеж/страв дека можеби нема да ја најдеш правата инспирација?
– Секоја промена што ни се случува во животот е за нешто добро. Ако ја поставиме перспективата дека добиваме, а не губиме, тогаш и тој премин секако се случува кон подобро.
Мојот ум секогаш функционира креативно и ако како дизајнер се соочував со предизвиците мислата да ја доведам до материјална реализација, сега предизвикот е да се доведуваат мислите на другите (дизајнери) до реализација во финален производ. Овие соработки ми овозможија разговори со други креативни умови од различни поднебја и со тоа проширување на видиците за тоа како се перципираат нештата.
Што сакаш да правиш кога си сам и дали има нешто што токму на Бали започна за прв пат да го правиш/учиш?
– Од секогаш сум бил вљубеник во природата и Бали тоа токму и го овозможува. Прекрасните плажи, кротките, секогаш насмеани луѓе и бројните преплети од оризови полиња, шуми од бамбус и палми те полнат со бескрајна енергија.
Дружењата тука се многу едноставни, никој не се оптеретува со формата, не е многу битно како си облечен, можеш убаво да си поминеш за малце пари и за многу пари.
Кој твој талент е непознат за јавноста?
– Имав можност да растам во семејство каде уметностите се секојдневие и секако тоа создаваше можности за откривање на своите таленти. Исто така како најмал, со постари брат и сестра, ми олеснуваше да следам некои веќе проодени патеки. Од мал открив, а веројатно моите биле свесни за таа дарба, дека сум добар пејач.
Следејќи ја сестра ми на пробите за тогаш многу популарниот фестивал Распеано детство во Куманово, добив можност да настапам како 4 годишен и да бидам најмал настапувач на фестивалот. И денес се уште ја имам сликата од сцената, јакото светло, главата крената нагоре бидејќи не можеа да го спуштат микрофонот пониско и огромната чоколада со лешници што ја добив со наградата, која веројатно беше 200 грамска, ама јас бев мал. Пеењето подоцна често ќе биде можност за нови пријателства и прекрасни моменти.
Што мораш да направиш секој ден?
– Денот мора да ми почне со добра шоља кафе, јако без шеќер. Среќа е што Бали е голем произведувач на квалитетно кафе и тоа ми овозможува вистинско уживање. После кафето можам да примам сѐ што носи денот.
Дали ти недостигаат македонските зими или тропската клима сега повеќе ти одговара?
– Никогаш не сум ја сакал зимата и секогаш велев кога ќе одам во пензија ќе живеам покрај море. Коцките некако се наредија тоа да се случи порано и искуството е прекрасно. Тропската клима и во сушниот период и во времето на дождови одлично ми одговара во текот на целиот ден.
Живеам блиску до океанот и скоро секогаш е ветровито, што ја прави климата уште попријатна. Просечната температура на Бали за целата година и подеднаква и дење и ноќе – 26 степени.
Ако смртта не значи крај за нас како честички – дел од Универзумот, дали можеби те плаши крајот како физичка болка и дали напуштањето на конкретниов живот ти создава паника? Можеби жалиш за нешто пропуштено, ненаправено, некажано?
– Пред сѐ сум верник и попрецизно – верувам во повторно раѓање и живеење за стекнување нови искуства. Телото го доживувам како возило на душата, овоземно пакување за полесно функционирање на душата. Душевната болка ја сметам за многу пострашна, физичката болка само нѐ насочува кога достигнуваме одредените ограничувања.
Веќе подолго време како имам научено дека материјаното не носи никакви придобивки, туку само олеснува. Имајќи го сето ова на ум, се трудам да го живеам моментот со фактот дека сѐ што доаѓа во животот е наменето за нешто подобро. Некои лекции се тешки, но сите лекции нѐ учат.
Немам жалење за ништо бидејќи сѐ што требало да се случи – го имам, останатите работи се наменети за некои други луѓе или некои други времиња.
Дали ја гледаш Љубовта во хоризонтот на Бали, и дали е поинаку да се сакаш таму, каде си сам со себе, во мир и тишина, отколку во Македонија, во сиот тој урбан и познат хаос?
– Ако немаме Љубов – не сме луѓе. Човек што не научил да љуби и не осознал што значи да се биде љубен, има уште многу да учи на овој свет и веројатно еден живот не е доволен за тоа. Секако, за Љубовта географската локација е неважна, може да е Македонија, Бали, Тибет, Марс.
Ако постои Љубов тогаш спокојот го наоѓаме во себе и може и да сме во најбучната раскрсница на светот, внатре во тоа Едно од Двајца постои само мир и тишина.
Што успеа да надминеш со преселбата на Бали?
– Во нашите простори, често луѓето се сретнуваат со разни ограничувања кои ги добиваме откако ќе се родиме.
Се бара женско лице….. а зошто е битен полот за некоја работа? Се бара до 35 години….. а зошто е битна возраста за нешто да биде сработено? Те селектираат по изглед, по боја на кожа, по тип на тело, а сѐ со цел на тој што ја прави селекцијата да му бидеме попријатни, не проценувајќи ги другите капацитети.
Тој дел од нашиот менталитет отсекогаш ми пречел и никогаш не успеав да го прифатам како моја животна норма. Сега живеам во средина каде сите се некакви и сите се убави, зошто го живееме животот пред сѐ за себе, а не за другите.
Остварувањето на соновите започнува со првиот чекор. До кој чекор си ти стигнат и дали можеби Македонија стои како можност во позадина некаде?
– Јас одамна го чекорам мојот сон и морам добро да размислам секогаш кога ги барам почетоците. Не ги броев бидејќи храбро грабав напред и од оваа перспектива сметам дека имам уште многу чекори пред себе.
Македонија е корен, не е можност, јас не би бил тоа што сум ако во себе ги немам традициите и вредностите на еден Македонец. Тоа што овој период не сум физички присутен, ни од далеку не значи дека мојата иднина нема пак да ме доведе во Македонија. Тогаш, кога и да се вратам, јас ќе бидам поразличен, изменет и со друг поглед, но и Македонија ќе биде изменета и ќе следи ново запознавање.
Ако за многумина физичкото присуство и физичката борба се единствениот јазик со кој што опстојуваат, за мене постои една многу поголема духовна Македонија од која јас никогаш и не заминав.