Книжевно творештвоРазно

Нејзиното височество: Негативна селекција!

Везилка Магазин

Текстов што следува го напишав пред повеќе години. Денес го прочитав пак и ме натера на размислување: дали оттогаш во Македонија нешто се променило на подобро или работите станале уште полоши…?

Додека го скицирав дечкото претставен на цртежот, седнат на улица како свири на гитара, го слушав како пее за лагата и вистината. Повремено вака ќе наидам на нечие размислување во стилот –  лагата станала вистина, неморалот станал морал, и сѐ во тој стил. На темава неодамна правев муабет со добар пријател и дојдовме до заклучок дека во основата на ова е нешто што би можело да се нарече негативна селекција. Всушност, веќе подолго време во Македонија (и пошироко на Балканот) како да се врши засилена негативна селекција. Таквиот вид на селекција најстрашен е колку се оди повисоко – се чини дека намерно се бираат неспособни, несоодветни или неискусни кадри, само за после истите да можат полесно да се контролираат и манипулираат.

Позитивната селекција, за оние што ја прифатиле еволуцијата како научно потврден пат да се напредува, е нешто што подразбира давање на шанса на оние што се поспособни, креативни и така натаму. Таа шанса не треба да им се даде како поклон, напротив, на таквите треба да им се даде шанса да се докажат и покажат и сигурно е дека ќе успеат ако во општеството не постојат сили што ја фаворизираат негативната селекција – а во Македонија таквите сили се сѐ посилни и ги има на сите нивоа, вклучително и меѓу обичните луѓе.

 

Дали сме станале општество што слепо претпочита негативна селекција наместо прифаќање на фактот дека некој е подобар од нас, подобар од нашето дете? Дали свесно претпочитаме стагнација, дури и уназадување наместо прифаќање на оние што можат да донесат прогрес, свежи идеи, различно размислување…?

 

Сите тие форми на корупција, избегнување на одговорност, јалова бирократија, вработување со партиска книшка, напредување со врски и со пријатели се всушност видови на таа негативна селекција. Резултатот е трулост на системот и распад. Таа негативна селекција ги пушта своите лигави пипци насекаде, исто и во секојдневниот живот. Ако на овој или оној начин размислуваш поинаку од мнозинството или ако те обележат како попаметен, како некој што размислува со своја глава и слично, тогаш бидуваш изолиран, игнориран, т.е. и врз тебе се врши негативна селекција. Постепено бидуваш заобиколуван од своите довчерашни пријатели, се обидуваат да те тргнат од нивниот и онака штур живот. Таквите не сакаат да бидат во друштво со некој што тие мислат е поинаков, попаметен, комплициран, откачен, неразбран, итн… Едноставно бараат друштво меѓу такви што се на нивно ниво или најчесто нешто пониско од нив. Тогаш се чувствуваат посигурни, па макар и кога се свесни дека тоа само уште повеќе ќе ги затупи – всушност за нив затупувањето е речиси како еден вид на нов имиџ изграден на извитоперени, полуписмени, полни со предрасуди и нетолерантност основи.

Носителите на овој нов вид на имиџ, ќе го наречам турбо имиџ, не се стеснуваат отворено да крадат од другите што со својот ум создале нешто и да се прават паметни со празни зборови и со искривување на сликата на преостанатиот нормален свет некаде таму далеку зад границата на нивниот сѐ повеќе заслепен и затупен ум. И потоа на таквите им се верува. Извесен дел од твоите/моите (можеби и повеќето) довчерашни пријатели се вртат кон нив. Таквите турбо имиџ фаци стануваат cool, the best, тие велат f*ck you а другите подзинати ги слушаат, ги следат и сакаат да бидат како нив. Сето тоа за нив е јако, закон, преубаво, царски.

За нив ти, изолираниот и игнорираниот, стануваш кисело грозје и најрадо би те виделе да се исушиш на својата гранка или да исчезнеш од нивниот живот. Не сакаат веќе од тебе да чујат некој паметен збор или прогресивна, различна мисла, поинаков поглед на светот. За нив тоа станува вознемирувачко, те потиснуваат на маргините и сѐ повеќе се вртат кон оние со турбо имиџот и се препуштаат, свесно или несвесно, на погоре спомнатата затупеност. Негативната селекција си го прави своето и во секојдневниот живот.

Што можеш ти да сториш против тоа? Си размислувал/а ли?

Текст и илустрација: Владо Јаневски

Везилка Магазин