Книжевно творештвоМузика и уметност

Не е за објавување

(строго доверливо)

Views
Везилка Магазин

Откако знам за себе јас сум била тајна агентка. Отпрвин бев позната само како агентката Подзината. Имав задача да се снајдам во животот. Си мислев ова ќе биде мераклиска мисија, младост лудост што се вели: забави, игри и слично. Барем на почеток изгледаше така, но набрзо добив сигнал од постарите агенти од базата – агентката Мама, а посебно од агентот Тато дека ќе треба малку посериозно да му пријдам на проблемот живот. Од мене се бараше да завршам факултет, а потоа да стапам во брак. Така се запознав со супер тајниот агент Сопруг. За жал, агентот Сопруг внесе немир во нашата тајна организација: не сакаше да соработува со базата, посебно не ја поднесуваше агентката Мама (таа него уште помалку), повеќе сакаше да работи самостојно.

Неговата мисија беше: живот на коцка и брзо трошење пари. Јас бев збунета, но како послушна тајна агентка решив да го следам. Овој потег не беше најдобро примен од базата. Тогаш сфатив ќе мора да делувам како двоен агент – од една страна продолжив да опстојувам како агентката Подзината, но исто така посериозно почнав да работам и како агентка наречена Сопруга. Не беше лесно, од базата доаѓаше едно а бракот си бараше сосем друго. Агентскиот живот стана уште позаплеткан кога со нас дојде да живее и не толку тајниот агент Свекрва. Таа имаше строго зацртана мисија, пикање под кожа. Бидејќи под мојата кожа немаше место и за неа, во првата прилика во најголема тајност си го спакував куферот и се изгубив во западниот блок. Агентката Мама и агентот Тато сакаа да веруваат дека нивната мала агентка заминала на специјализација.

Веќе три години работам сама на своја рака, сега сум позната како тајната агентка Надеж; инаку мојата мисија е сè уште иста – снаоѓање во животот. Можам да кажам дека тука не се снаоѓам така лошо работејќи маскирана како читач на смркнати лица. Заработувам барем колку да се преживее некако. Имам време дури и да се занимавам со малку пишување, тајни писма. Почнав да пишувам колку душата да не ми биде празна. Не, не користам невидливо мастило, нема потреба – се служам со кодирани пораки. Така, допишувајќи се, се спријателив со еден руски емигрант, исто така таен агент, се нарекува Поет. Се израдував кога тој ми ја отвори вратата од неговото станче. Не ни требаше многу за да сфатиме дека најдобрите планови се коваат в кревет. Се чинеше дека со неговиот чекан и мојата наковална ќе исковаме чудо. Меѓутоа, вчера, откако ја запали цигарата, агентот Поет ми откри дека неговата вистинска мисија е барање на смислата на животот. Го рече тоа некако изморено. Ова ме вознемири. Денес цел ден го изгубив во размислување за полезноста на мојата мисија. На крајот сепак решив повторно да почукам на вратата на агентот Поет. Мислам дека вреди да соработуваме, посебно откако изутринава добив строго доверлива вест дека сум бремена.

(краток расказ)
Владо Јаневски: автор на текстот и илустрациите

Везилка Магазин

Напишете коментар