ИнтервјуаНие низ светот

Не е необично тенисерите да менуваат локација за живот и игра

Интервју со нашиот тенисер Димитар Грабул од Брисел, Белгија

Везилка Магазин

Спортот бара посветеност и дисциплина, а ако доволно се сака, ништо не е ниту тешко, ниту невозможно.

Димитар Грабул поради љубовта кон тенисот се разделил од Македонија, живеел далеку и од семејството, но никогаш не очајувал, знаел дека блиску е денот кога ќе има вин-вин ситуација, и терен по ќеиф и семејството на куп.

Денес сите се заедно во Брисел, овој пат заради ангажманот на сопругата Елена, а за тоа како се одвиваше животот надвор од Македонија, ни раскажа Димитар во интервјуто за Везилка.

Димитар со сопругата Елена и децата – Приватна архива

 

Кога се „прекрши“ Димитар и реши дека Македонија веќе не може да му го понуди она што тој го бара?

 

Не знам дали понудата во Македонија беше клучното или некој сплет на околности, но факт е дека индивидуалните спортови како тенисот се скапи, изискувачки од секој аспект и бараат енормни лични залагања, кои често ги надминуваат можностите на спортистот. Дополнително, природата на тенисот и си бара многу честа промена на локации, секој турнир посебна точка, често и на различни континенти, па и вообичаен след е да се движиме, да менуваме, да не се скрасиме.

Димитар Грабул – Приватна архива

 

Зошто баш Германија, и како се случи да заминеш таму?

 

Факт е дека Германија е позната дестинација за многу тенисери од Македонија, зашто нуди добри услови за работа како професионален спортист или како тренер. Како дестинација не е многу оддалечена и успевав некако да ги поврзувам професионалните и приватните аранжмани.

Димитар Грабул – Приватна архива

Првиот ангажман, настап за клуб во Германија (Франкфурт) беше пред повеќе од 20 години, и потоа нештата се редеа спонтано. Елена, мојата сопруга го доби првиот мандат во Мисијата при ЕУ во Белгија во 2011-та и поради тоа останавме 3год во Брисел. И тогаш успевав да ги одржам релациите со клубовите во Германија и да настапувам во нивната лига, па не беше тешко да ја преминам границата и да останам во следните неколку години таму.

 

Како професионален тенисер твојот живот веќе имаше ред и дисциплина. Колку тоа се промени со оформувањето на семејството?

 

Нема да ги заборавам првите 6 месеци од раѓањето на Давид, нашето прво дете….им завидувавме на сите што ќе ни кажеа дека нивните деца си спијат мирно во ноќта…ние бевме премалени од неспиење и клатење на дете за да заспие хахахах….тоа ми се одразуваше на кондиција, на ритам и не беше лесно да се вратам во форма. Не се жалам, дури сега си се смееме на сите глупости што ги правевме од умор и стрес, ама тоа е вредност. Веќе следното лето, јас настапував во клуб во Германија и продолжив со тенисот.

Димитар со сопругата Елена и Давид и Дарија – Приватна архива

Во Белгија, во 2014та ни се роди нашата Дарија, но таму имавме голема поддршка од баба и дедо (патуваа секој месец во Брисел), па јас можев да продолжам со натпреварите без паузи и неспиења.  А за ред и дисциплина во тенисот сум многу познат, можев и до 4 сабајле да бидам во диско, во 8 ќе бев нацртан на терен! ?…уште и со храната да бев поригорозен, сите ќе беа пресреќни, особено Елена.

Димитар Грабул – Приватна архива

Помина 4.5год сам во Германија (Грензах), а сопругата Елена остана во Скопје со двете деца заради свои професионални ангажмани. Нема дилема дека децата му недостигаат на секој родител најмногу, но дали мислиш ако бевте сите заедно таму, дека ќе беше исто посветен на тенисот?

 

На тенисот сигурно дека ќе му бев посветен, за фамилијата не знам хахахаха…Никако не е исто кога си целосно посветен единствено на една идеа, ама па тогаш животот е празен. Ми недостигаа многу и децата и сопругата, имаше кризи и падови на духот, ама сакав да истраам на тој пат, за да бидеме сите заедно на кое било место што ќе ни овозможи на двајцата да се реализираме, за и децата да бидат задоволни и среќни.

И кога бевме со една нога тргнати за во Германија, се отвори друг пат и еве сме пак во Брисел.

Димитар и Елена – Приватна архива

 

Кога беше твојот последен натпревар, и на која позиција на АТП листата „заврши“?

 

Последниот АТП меч-фјучерс го одиграв 2017та во Скопје, а последниот професионален турнир ми беше државното првенство во МК, кога го изгубив финалето.  Во меѓувреме направив и операција на коленото и оттогаш почесто сум во мирување од професионалниот тенис, зашто се уште имам последици од таа операција…или од годините ?. Најдобриот ранкинг на АТП ми беше 503 на листата.

Приватна архива

 

Кој меч ти е најомилен, и со кого од светските рекети си играл?

 

Еден од омилените мечеви ми е против Пол Анри Метју, 2014та во Валенсиен, Франција, кој во тоа време беше меѓу првите 30 во светот. Игравме два сета 7:6 6:4, но повеќе од два часа со многу пресврти во резултатот. Таквите победи се најслатки ?.

Инаку низ кариерата, вклучувајќи го и јуниорскиот период имам играно и против Доминик Хрбати, Стив Дарси, Троицки,Штруф….и многу кои не се меѓу извиканите имиња, ама се одлични тенисери.

Лазар Магдинчев, Предраг Русевски – Пецко, Илија Мартиноски и Димитар Грабул – Приватна архива

 

Што јадеше најчесто во Германија, а го нема истото во Македонија?

 

Дурум и вурст салат. Бидејќи бев сам, а и не сум многу вешт во кујната, ова ми беа најчестите јадења, покрај италијанската храна. Среќа често доаѓав во Скопје, па им се пуштав на ајварот, сирењето и кифличките ? Не е за фалење, ама не сум некој гурман, тој дел и е препуштен на Елена и ден денес…

 

Во моментов си во Брисел, заради професионален ангажман на сопругата Елена, вработена во Министерството за надворешни работи, одмараш од сите ангажмани, и конечно сте споени фамилијарно. Што значи тоа за твојата дневна рутина?

 

Аххх, ова е посебно невообичаена ситуација за мене, уште па и во пандемски карантини низ целиот свет. Белгија не прогласи вонредна состојба, можеме да шетаме и спортуваме со дозволена дистанца, па се преживува полесно. Искрено, не ми беше лесно првите две недели…сега се ставивме во некој ритам, вежбаме сите дома, слушаме музика, играме плеј стејшн интензивно и така хахахаха

Димитар со ќерката Дарија – Приватна архива

 

Што најмногу ти недостига од Македонија, а што од Германија?

 

И во двете земји се чувствувам како дома. Во МК имам големо семејство, но во Германија имам многу пријатели што ми се како семејство и многу ми недостигаат. Но, во Брисел сме заедно ние четворицата ДДД и Е и тоа нема цена! Децата се среќни, исполнети и ме исполнуваат.

До следната дестинација, поздрав од Брисел за сите наши луѓе во светот и до екипата на Везилка.

Везилка Магазин