На Јасна Цветковска Велковска, правник по професија, по 10 години работа во Македонски Телеком ѝ било понудено да замине во Братислава во новоснованата компанија на Дојче Телеком со цел да го организира и раководи Секторот за право, усогласеност и заштита на лични податоци.
Семејно се преселија во март 2016 година, а во ова интервју отворено и искрено разговараме за кои беа мотивите за заминување, како семејството ја доживеа таа промена и дали планира да се врати назад во Македонија.

На заминувањето од Македонија до пред неколку години, а голем процент од луѓето и денес всушност, се гледа како на „печалбарска“ мисија, и обично се поврзува со немањето доволно стабилен финансиски живот во Македонија. Ти си еден од многуте професионалци кои заминаа од Скопје зошто сакаа нов работен предизвик, па ја прифатија понудата која им беше ставена на маса. Зошто сега и дали исто ќе прифатеше ако ти понудеа пред 7-8 години?
Тоа сфаќање е она што највеќе ми пречи. Ние имавме прекрасен и стабилен живот во Македонија, одлична работа и јас и мојот сопруг во која напредувавме и бевме ценети. Не заминавме од Македонија за подобар живот. Заминавме заради можноста која ни се понуди, искуството кое стоеше пред нас како професионално така и семејно.
И доколку направам споредба, во Македонија работевме и јас и сопругот. Пред заминувањето требаше да донесеме одлука сопругот да се откаже од својата работа и да го подржи мојот напредок во кариерата и можноста која ми беше понудена. Одлуката ја донесовме заедно водејќи се од мислата дека преселбата во Словачка ќе ни донесе позитивни работи како професионално за мојата кариера, така и приватно. И не згрешивме.

Ретко се зборува за психичкиот и ментален товар кој го носи секој оној кој згазнува на туѓо тло. Од нив се очекува да се спремни на чекорот што го направиле зошто „сами го одбрале тоа“ нели. Што значеше за Јасна мајката и сопруга преселбата со фамилијата во Братислава?
Понудата да заминам во Братислава дојде неочекувано. Немавме време за многу размислување и планирање. Со оглед дека имав голема поддршка од сопругот и од моите родители одлуката беше лесна.
Она што беше клучно оваа одлука да не се претвори во психични и емотивен товар е фактот како гледав и како го прифатив заминувањето. Не го гледав како како голема промена во животот или преселба во туѓина. Едноставно го прифатив како привремено заминување во друга држава заради нов предизвик и голема можност за себе и за своето семејство.
Не заминав од Македонија со идејата дека заминувам засекогаш, границите не ги сфатив како физички препреки, километрите не ги прифатив како далечина. Едноставно си создадов себеси чувство дека заминуваме да видиме и искусиме нешто ново, поинакво. Се е до она како ќе се прифати преселбата и какво чувтсво ќе создадете во себе.
Сепак морам да признаам дека јас сум плачка по природа, па како се ближеше денот на заминувањето, така се повеќе чувствував грутка во грлото. Но постојано се потсетував дека не заминуваме засекогаш, не го напуштаме нашиот дом. Едноставно прифаќаме предизвик кој ќе ни донесе нови искуства, нови погледи, нови можности.

На децата постојано им повторував дека искуството е богатство во животот и дека живеењето 1000 км од Скопје не значи промена на домот. Домот ни е таму каде што е нашето срце, нашите најблиски.
Еден месец откако се преселивме го воведоа директниот лет Скопје – Братислава. Тоа ни овозможи често патување во Скопје каде сеуште си ја имаме нашата куќа, нашиот дом. Ни овозможи празниците и родендените и понатаму да ги дочекуваме со најблиските, со родителите, мојата сестра, внука, со нашите пријатели.
Покрај семејните предизвици кои го следат овој чекор, неминовно е соочување и со подеми и падови на работното место. Дали сметаш дека странците во Братислава (оние во помали фирми, не големи интернационални корпорации) имаат поинаков третман на работа од дојденците, и дали си почувствувала некаков вид на неправда со сега?
Јас имав две предности во однос на мојата работа. Прво што останав да работам во истата Групација со луѓе со кои сум работела и претходно. Втората предност е што ние сме интернационална компанија која делува во 10 европски земји и во која работат луѓе од повеќе од 15 националности. Можеби тоа има влијание што до сега за овие четири години ниту еднаш не сум почуствувала неправда заради тоа што сум странец.
Не знам како е во помалите локални фирми, меѓутоа забраната за дискриминација на работното место по било која основа е актуелна тема во Словачка и правата на работниците се во голема мера заштитени по таа основа.

Дали сметаш дека човек може да напредува кога не е на „домашен“ терен, и колку е тоа тешко или лесно?
Се зависи од компаниската култура. Јас имам среќа што работам во компанија во која се цени квалитетот и експертизата и во која со своето знаење, труд и искуство успеав да напредувам и да станам дел од извршниот менаџмент на компанијата. За тоа говори и фактот дека во нашиот извршен менаџмент од вкупно 6 членови, две сме од Македонија.
Меѓутоа јас сум уверена дека било каде со знаење и експертиза може да се напредува. Сметам дека во нашиот менталитет ја имаме способноста да работиме напорно и вредно, брзо да се прилагодиме на секаква ситуација, да бидеме проактивни и исполнителни. А тоа е клучно за успехот.

Како ги доживуваш Словаците? Какви се приватно, а какви на работните места? Дали ти помагаат и те поддржуваат како странец на нивно тло, или има знаци на некаква одбивност и игнорантност?
Она што беше големо изненадување за мене беше дека многу Словаци не зборуваат англиски јазик. Каде и да одиш потребно е да го зборуваш словачкиот јазик. Олеснителна околност беше што словачкиот јазик е од групата на славјански јазици па доколку подолго го слушаш јазикот почнуваш да го разбираш.
Иако мислев дека тоа ќе биде препрека да влеземе во нормален колосек, сепак колегите Словаци несебично ми помогнаа во секој аспект, за секое прашање и предизвик кој го имавме, од тоа да најдам педијатар за моите деца до тоа да ги завршувам сите административни постапки па дури и да најдам добар фризер. Тоа направи да се чувствуваме добродојдено.

Но за разлика од сличноста во јазикот, во однос на менталитетот се многу различни од нас. Градот диши во смиреност, без никакво брзање, нервоза и наметливост. Прилично се интровертни и тивки како народ, што е целосна спротивност на нашата енергичност, страст, топлина и екстровертност.
Ние сме десеттина колеги од Македонски Телеком кои работат тука и кога отворено зборуваме со колегите Словаци заклучокот е дека за нив е необично што сме гласни, што отворено ги искажуваме емоциите, кога сме лути се караме, кога сме среќни се гушкаме. Тоа едноставно не е својствено за Словаците. Добро, среќа е што имаме Италијанци и Шпанци во компанијата па некако псотигнуваме баланс во однос на бројката ?
Ко за крај, дали се каеш за чекорот кој го превзеде, и дали се спремаш за враќање назад во Македонија?
Воопшто не се каам. Доколку се вратам 4 години наназад би ја донела истата одлука. Доаѓањето тука ми донесе големо професионално искуство, напредок во кариерата, запознав прекрасни луѓе, професионалци од кои научив премногу.
Од друга страна моите деца научија одлично да зборуваат словачки и англиски јазик, стекнаа пријателства кои остануваат за цел живот, научија дека физичката далечина не ја дефинира човечката блискост а дека различноста го збогатува духот и те прави поголем и поплеменит.

Денес сме овде, не знаеме каде ќе не однесе патот утре. Можеби на другиот крај на светот а можеби повторно во Македонија. Но нашиот дом е секогаш во Скопје, кај нашите најблиски и ние секогаш ќе му се враќаме.
I so enjoyed reading this interview with your wife Bob! A great inspiration for all! You have a wonderful family! My regards to all of you. Farm on!!
Roberta
Jasna is amazing Roberta, isn’t she?
Thanks for reading our article! Take care and keep safe.
Regards,
Vezilka Magazine