ИнтервјуаНие низ светот

„Не се сложувам кога убавината на нашата татковина се поистоветува со корумпираноста на партискиот систем“

Интервју со Емилија Жупаноска, Македонка од Волонгонг, Австралија

Везилка Магазин

Како и зошто се случи преселбата Велес – Волонгонг?

 

– Преселбата се случи случајно, ако земеме предвид дека го запознав вистинскиот човек кој веќе го поседуваше австралискиот пасош, а потоа секако намерно кога одлучивме да аплицирам за визаВпрочем, ние живеевме во Македонија заедно во градот на југ Гевгелија, носам убави спомени од тие месеци поминати таму

 

Емилија и Димче – приватна архива

 

Димче, мојот партнер беше од ретките кои се имаа вратено назад да живеат, работат и искусат условите и можностите во Мк, ако го земеме фактот дека пораснал и живеел во АвстралијаНа почетокот не мислевме дека ќе заминеме, не ни беше лошо имавме работа двајцата, добро заработувавме, но со тек на времето некои работи го испровоцираа и забрзаа нашето отселување

На 2 ри август пред точно десет години почина мојата мајка која боледуваше од рак на дебелото црево, па така несреќата не зближи уште повеќе...

 

На прв поглед, што те изненади позитивно, а што негативно за Волонгонг, а потоа и општо за Австралија како држава, откако откри повеќе за истата?

 

– Ах, не замислував дека ќе стигнам толку далеку. На почеток се ми беше необично, чудно, далечно, но мојот нескортлив дух многу брзо и лесно се припитоми на оваа средина

 

Емилија и Меланија – приватна архива

 

Од градбата на куќите, чистотата, љубезноста на луѓето и нивниот пријателски дух, можностите да напредуваш без разлика колку години имаш, од каде доаѓаш...нема ограничувања за тој што е мотивиран и амбициозен овде, се можеш, ако сакаш!!!

Мачиња и кучиња не можете да сретнете никаде на улица како кај нас, сегде се вдомени

Плажите се беспрекорно чисти, нема алкохол, кафичи и забави покрај песок, забрането е тоа, па за разлика од сликата што ми беше позната претежно од Европа ми беше чудноСекоја населба каде што живееме овде има бесплатни базени одржувани од градот за деца и возрасни

Лошата страна е што секојдневно има исчезнати луѓе, безбедноста во тој поглед во големи држави е ризична. Има семејни насилства, многу ментални болести, алкохолизам, дрога, коцкање, бидејќи работам со пациенти, па позната ми е општата слика, иако секој би помислил богата земја луѓето претпоставувате се посреќни и задоволни, но не е воопшто така

 

Волонгонг, Австралија

 

Толку многу расипништво има овде, што многу често ми иде да плачам и викам „Луѓе вразумете се!“ Изобилство од храна, облека, бела техника, мебел, се фрла и се остава пред куќите секојдневноСтабилност и сигурност имаат овде и многумина тоа ги прави и мрзеливи.

 

Ќерката Меланија е родена во Австралија. Кој дел од мајчинството во странство ти беше најтежок?

 

– Димче, мојот сопруг воопшто не е традиционален балкански тип кој ништо не помага. Тој ја чуваше, ранеше, менуваше пелени и до ден денес е така. Мајчиството е природен процес кај жените, но ние во денешницава многу го извитоперивме тој поим

За разлика денес од многу иселеници кои се сами заминати, јас имав среќа да ја имам при рака и свекрва ми и свекор ми кои подеднакво ни се наоѓаа цело време, па имавме можност да напредуваме. Мајка ми секако неизмерно недостига, но тоа не можеме за жал да го промениме. Таа е присутна со духот овде некаде близу, го чувствуваме тоа.

 

Димче и Меланија – приватна архива

 

 

Волонтер професор си по македонски јазик во локалната заедница. Истовремено голем поборник за зачувување на македонскиот јазик и култура, и во живо и на социјалните медиуми. Дали оваа љубов се разгори уште повеќе откако замина од Македонија?

 

 

– Па јас често велам дека кој не заминал не знае што е носталгија, кој заминал знае, но не се враќа бидејќи од далеку татковината повеќе се сака....!!

Македонија е во нашите срца, колку и да сме далеку од неа, како јас на пример 20 000км оддалеченост, се будиме и легнуваме со мислата таму, ние иселениците сме како одделени деца од мајка, спомените ни се таму, роднините и пријателите ни се таму, празниците не се празнуваат исто овде, ја нема таа еуфорија и близина со луѓето

Не се сложувам кога убавината на нашата татковина се поистоветува со корумпираноста на партискиот систем. Тоа што многу работи не функционираат не и одзема од убавината на нашата земја.

 

 

Од слободата кога моето дете може да игра надвор со други деца, без родителите да му висат над глава како овде. Да му ја држиме раката буквално каде и да оди, до училиштата кои се затворени и забаракадирани од, се разбира, безбедносни причини. Ние растевме во слобода, па ја приметуваме и споредуваме со овдешната реалност

Инаку, љубовта кон јазикот и литератаурата, кон книгите воопшто ми се разви уште од мали нозе. Читав, учев стихотворби напамет, пишував поезија подоцна, најубави состави по македонски јазик. Мајка ми го имаше она што многумина го немаат денес, трпение и време за мене, таа ми беше најверниот слушател секогаш

Подоцна дипломирав книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, со љубов и посветеност ги завршив студиите, но за несреќа никогаш не најдов работа на тоа поле, ми сметаа партиските заврзламии низ кои треба да поминуваш и прашање дали ќе се вработиш. Мојот слободен дух не ми дозволуваше да бидам покорник на нечие убедување, само поради и заради нешто

 

Емилија со своите ученици – приватна архива

 

Да, веќе неколку години волонтирам пренесувајќи им ја љубовта кон македонскиот јазик на деца потомци на нашите иселници и деца од мешани бракови. За жал после втора, трета генерација асимилацијата си го прави своето и не ми е сеедно кога приметувам дека само останало презимето на некои наши поколенија дека имаат нешто македонско во себе, се нема голема почит кон јазикот, ниту ве разбираат ниту сакаат да научат...

 

Во моментов работиш во стоматолошка ординација како асистент и рецепционер, предаваш македонски јазик и водите бизнис – пекара со сопругот. За Македонија незамислива, за Австралија нормална ситуација, но колку саати од денот остануваат на крај за тебе?

 

– Да, веќе четири години работам во приватна стоматолошка ординација. Започнав како стоматолошка сестра, а сега и рецепционер, администратот и координатор. Нешто сосема трето од она што за кое се образував во Македонија и навистина се пронајдов и во оваа работа.

Со годините сознаваме многу наши нови страни за кои не сме ни свесни се додека не искусиме. Односот со пациентите ми е посебен, сите научија дека сум мултилингвист, се прилагодувам на сечии потреби.

 

Емилија на работа – приватна архива

Сведок сум на многу анегдоти секојдневно, од тоа како знаат да ме почастат со кафенце и локумче посебно нашите од Балканот, до тоа да ми заплачат заради загуба на близок.

Имам време и утешен збор за секого. Еднаш имавме една жена која многу се плашеше на заболекарското столче, меѓутоа ми откри дека има 5 деца, јас се нашалив со неа да ја ублажам ситуацијата велејќи и дека останав со едно, не може да се спореди раѓање на дете со вадење на заб и така ја извадив нараквицата, ја стиснав силно за раката, понекогаш тој стисок е се што им треба да ги смири.

А, за најмладите знам да измислувам и приказни како снегот растел на дрво за оние кои никогаш не го виделе, да им пеам и пуштам музика, често пуштам и македонска музика и горда сум што ја имам таа слобода и доверба од персоналот.

Имам така наречени четири работни позиции и буквално во сите уживам. Ако им пријдеме на роботите со љубов резулатат е успех во секоја смисла.

Уживам во контактот со луѓе, размена на мисли, чувства, енергии тоа ме одржува, ме прави жива.

 

Јас обично се шегувам често на моја сметка, за волја на вистината кога велам јас немам слободни денови, имам само слободни саати во денот.

Кога водите два свои бизниси, компанијата за чистење ја имавме пред да ја отвориме пекарата, и плус работите друга примарна работа и волонтерска мора да уживате во секоја една улога, инаку би завршиле со голем стрес и незадоволство.

Јас сум лесно прилагодлива особа и во се се трудам да ја гледам и најдам само убавината на овој земен живот, без поплаки и замерки.

Сите досегашни искуства ми донеле нешто добро една скала погоре за духовен раст и личен развој, учам од сите луѓе тие ми се огледало за себепроекција, се огледувам во нив, но и тие во мене се одразот. И добро е се додека успеваме да си ја видиме сенката.

Инаку да, за многумина незамисливо ова темпо, но не и за мене и мојот животен сопатник, кој е најамбициозниот и мотивиран, а така млад.

 

Димче со Меланија – приватна архива

 

Ние, впрочем и во Мк функциониравме некако слично, работата во првиот состав на турското казино Принцес во Гевгелија ми беше еден вид тренинг на издржливост, знаат сите кои работеле таму дека си ја одработуваш и секундата, многу работни денови и долги саати, денски и ноќни смени, продолжени саати на викенди и празници.

Имавме поставени машини за кафе по училиштата и младинскиот дом, плус јас препродавав алишта, белегзии, долен веш, од се по нешто, трговијата тлееше во нас и тогаш и сега, како и услугата на потрошувачот со добар и чесен сервис за потрошувачите.

Работев и на саем во Скопје, на штандови низ маркетите за промоција на продукти, потоа како маркетинг агент за билборди во Зашев маркетинг за дневници низ Македонија со непрекинато движење и од сето тоа денес чувам богато и непроценливо искуство и многу познаници и пријателства.

 

Што значи за тебе Велес, и на што најмногу се радуваш секојпат кога се враќаш кај него?

 

 – Велес значи радост за мене. Се радувам како мало дете за секоја новост што му се случува на мојот роден град, спомените се своевидна среќа, а моите се распослани таму, и не само во Велес, имав баба и дедо и во Башно село, летните распусти ги поминувавме таму, во Вардар научив да пливам.

Моето основно и средно училиште се посебна приказна. Го сакам стадионот во Велес и паркот, бидејќи често трчав таму и одев на аеробик.

 

Велешко езеро – приватна архива

Што е најголемата разлика што си ја забележала кај Македонките во Македонија и тие во Австралија?

 

– Тешко прашање, не знам која е разликата или јас не ја гледам. Знам дека алергична сум на вообразеност или лажен сјај од материјални добра, бидејќи со сигурност тоа доаѓа од духовна празнина, недоверба во себе.

Од друга страна се обидувам да ги разберам и таквите, книжевноста, филозофијата, психологијата, па и религијата навремено ми ги дале одговорите поединечно или заедно, па кога црпите од сите чешми по малку имате разбирање за се и за секого.

 

Да можеш да се вратиш да живееш во Велес пак – Да или не?

– Би се вратила, зошто да не… којзнае можеби еден ден.

 

Везилка Магазин