Надежда (Наде) Спировска – Франке е Продукт Менаџер за Иновации на ИТ Платформи во ResMed Inc. Таа е магистер по софтверско инженерство на факултетот за електротехника. Својата кариера ја започна во родниот град Скопје. Од 2013 година живее и работи во Минхен, Германија. На кој начин замина, каков е животот и кои се причините за нејзиното заминување, се тема на ова интервју.
Работиш во ResMed Inc. водечка компанија во светот за производство на апарати и маски за дишење. Што значи тоа за тебе и дали имате зголемена работа поради COVID-19?
– Уште како дете сонував да работам во компанија за медицинска техника, дури и магистерскиот и додипломскиот труд ми беа во областа на медицинската информатика. По 7 години живеење и работење во Минхен, континуирана надоградба и специјализација, успеав да го реализирам тој сон.
Чест е да се работи во компанија како ResMed и секојдневно да спасуваш човечки животи. Во моментов сите работиме со полна пареа да произведеме што е можно повеќе маски и уреди за дишење, како би ги задоволиле светските потреби во борбата против COVID-19.

Наде, долго време сонуваше да заминеш надвор од Македонија. И што е најчудно, сонуваше да живееш во Германија, и денес токму тоа и го правиш. Што значи за тебе остварувањето на овој сон?
– Од секогаш постоеше желбата да студирам и работам во Германија, но непознатото ме плашеше, како и помислата дека треба да го напуштам родниот град и да бидам далеку од семејството и пријателите. По неколку годишно работно искуство во Скопје, неможноста да остварам финансиска независност, работните услови и економската ситуација во Македонија, ме натераа во 2012 година да направам чекор, да го остварам својот сон.
Се запишав на интензивен курс по германски јазик, за 9 месеци постигнав ниво Б1 и по препорака на пријател ја внесов таа информација во мојот Xing профил (германскиот LinkedIn). Неколку дена по внесување на оваа информација, ме исконтактира рекрутер од Германија и дојде на Скопскиот Аеродром да ме интервјуира. Се беше брзо, како во бајка, за неколку дена бев поканета во Минхен на интервју, потпишав работен договор и заминав во Германија. Градот Минхен беше случајност, но се заљубив во градот и можностите кои ги нуди.

Реши да го оставиш животот во Македонија кој го градеше 30 години, и да започнеш од ново (намерно не велам „нула“, зошто искуството кое го носиме со нас никој не може да ни го избрише), во држава во која не знаеше никого, прифаќајки понуда за професионален ангажман. Дали беше тешко колку што очекуваше дека ќе е, или сметаш дека никој не е спремен на таа промена се` додека лично не се направи?
– Предизвик беше првите недели да зборувам секојдневно непознат јазик и да бидам опкружена само со непознати луѓе, меѓутоа желбата да се успее беше поголема од стравот. Фокусот во првата година ми беше социјализација, што побрзо интегрирање во германскиот систем и да најдам постојано живеалиште. Затоа продолжив со усовршување на германскиот јазик, најдов групи за планинарење и возење велосипед. Сето тоа ми овозможи брзо да запознаам нови пријатели, да најдам стан, да добијам перманентна работна виза.
Велиш Македонија почна да те „гуши“. Дали ја најде слободата на мирот во Германија?
– Во Македонија луѓето се фокусирани кој што прави, кој што кажал, наместо да се фокусираат на самите себе. Овде не го чувствувам тој притисок и можностите се огромни, секој може да најде нешто за себе. Минхен е интернационален град на инженерите, постојат многу опции за надоградба и специјализација во било која IT сфера.

Минхен е еден од најзелените градови во светот и има многубројни паркови кои овозможуваат рекреација после работните часови. Исто така инфраструктирата на градот и добро организираниот јавен превоз, овозможуваат лесно достапни дестинации на Алпите и околните езера за викенди поминати во природа. Едноставно, Минхен е градот што ми овозможува да се реализирам професионално и приватно, како човек која ја сака природата.
Колку поддршката од родителите ти ја олесни одлуката, и дали ќе се откажеше ако се спротивставуваа на истата?
– Пресреќна сум што имам родители како моите кои ме израснаа со почит и цел живот ме поддржуваат во сите мои одлуки, без разлика дали се согласуваат со тоа или не. Не им беше лесно што заминав, но тие ми помогнаа да се преселам. Долги Skype/Viber разговори, додека да најдам нови пријатели. Тие беа и сеуште се тука кога ми се најпотребни, тие се мојата најголема емотивна и финансиска поддршка во животот. Искрено незнам дали ќе бев тоа што сум денес без нивната поддршка: независна, среќна, реализирана, исполнета и успешна жена.

Редоследот на општествено „прифатените“ чекори е:
факултет – дипломирање – работа – свадба – дете – уште едно дете.
Ти стигна до 4от чекор, и во моментов не сакаш да продолжиш понатаму. Зошто не дете сега, и од кого имаш најголем притисок да станеш мајка?
– Никогаш не сум била роб на општествените норми, во моментов не се чувствувам спремна да станам мајка, можеби во иднина тоа ќе се промени. Сметам дека човек ако сака дете, без разлика на која возраст ќе се појави таа желба има решение. Не чувствував и сеуште не чувствувам притисок од отчукувањето на биолошкиот саат.
Моите најблиски знаат за мојата одлука и покрај тоа што не ја поддржуваат, сепак ја почитуваат и никој не ми прави притисок. Интересно е што некои луѓе веднаш помислуваат дека сум себична бидејќи не сакам да се реализирам како мајка, но тетка сум на две прекрасни принцези и тоа ми е сосема доволно.
Сопругот е Германец кој го запозна на Алпите, и е твој придружник на сите патувања. Колку е „ладен“ во споредба со македонските мажи, т.е. со тие со кои си имала поблизок контакт во животот твој?
– Стално се шегуваме дека Раик го запознав на Алпите и не, не е мечка хехехе. Раик не е типичен Германец, тој е многу емотивен и обожава да се шегува. Тој е независен, знае што сака и е самостоен. Нашата врска е базирана на љубов, почит и разбирање, поддеднакво ги делиме домашните обврски, придружник ми е на сите патувања и авантури. Можам да кажам дека имам животен партнер и сопатник во вистинска смисла на зборот.

За кое место мечтаеше да го посетиш додека беше во Македонија, а успеа откако излезе од неа?
– Ох, мечтаам сеуште за многу места, но посетив неколку дестинации од мојата листа хехехе. Ако морам да издвојам некои места кои веќе ги посетив, тоа би биле Тајланд и Мексико. Израснав со филмовите за Indiana Jones и отсекогаш мечтаев да запознаам нова култура, да посетам некое археолошко место во џунгла, токму тоа го нудат овие дестинации.
Дали ти се промени перспективата кон Македонија во текот на овие години, и дали можеш да се замислиш себеси како се враќаш назад да живееш во Скопје пак?
– Ме врзуваат прекрасни спомени со Скопје и секогаш ќе има посебно место во моето срце. Македонија изобилува со прекрасна природа, затоа на секое доаѓање во Македонија, покрај посетата на моето семејство и пријатели, настојувам да одберам нова дестинација за да му ги покажам на сопругот убавините на мојата татковина.

Јас и сопругот сме инженери и во моментов Минхен ни овозможува реализација на нашите професионални и приватни потреби/планови. Од секогаш сонував да поседувам куќа со поглед на море, оваа желба ја делиме со сопругот и ја оставаме за реализација во подалечна иднина.