За него музиката е лек. Да ја создава за други и да се лекува самиот. Најтешката година за човештвото ја помина во творење. Познатиот македонски музичар Никола Мицевски, деновиве ја промовираше инструменталната нумера „Круг“, со која го најави својот албум „New era“, во којшто издиша дел од последното парче душа во вид на ноти за љубителите на неговата музика насекаде низ светот. Во ова интервју во Везилка зборува за творбата, за создавањето, за карантините, фантазијата и плановите.
Уметноста во мрачни времиња станува извор на исцелителна сила. Како Вие ја опишувате силата на уметноста во време на општиот корона-карантин?
Николче: Силата на уметноста и во најтешките времиња низ историјата била една од најголемите, највлијателните и би рекол најреволуционерните. Таа е сведок на историјата, таа ги преживеала дури и најголемите турбуленции, немири, војни, пандемии и останувала, се негувала, уметниците се изразувале преку неа, го отсликувале времето кое го живееле. Така било, така и ќе биде. Така ја доживувам оваа ситуација денес. Иако условите не се иделани за работа, сепак, секој уметник се труди да работи, да остава зад себе и да го отсликува времето.
Силата на уметноста е голема и го води секој уметник кон нови цели, достигнувања, фантазии, идеи, желба за натпревар со самиот себеси, со сѐ останато околу себе, во секакви услови, убави и неубави времиња.
Откако почна Ковид-19, со најавата на првото „затворање“ на светот, почетниот инстинкт на луѓето беше дека ќе останат гладни. Како уметник, каква храна Ви е потребна за да продолжите?
Николче: Стравот од глад, преживување, особено во помалку развиените општества секогаш постои. А во време на пандемија, кога многу луѓе ги изгубија своите работни места, се разбира дека е многу голем. Но кога станува збор за создавање уметност, музика, материјалните нешта воопшто не се важни и создавањето креативност не зависи од тоа дали некој е гладен или сит, дали е ситуиран или не. Многу познати уметници и композитори низ историјата направиле врвни дела во моменти кога биле гладни или без кров над главата, во услови на пандемии и војни. Духовниот мир, поривот, желбата за создавање и изразување е тоа што го води секој уметник.
Секој процес на создавање дело е исто како создавање и на нов свет во кој уметникот ги поставува правилата, ги создава условите за сите елементи да функционираат совршено. Желбата да создадам секој пат подобро од претходниот, желбата да се направи публиката среќна и задоволна, желбата да го изразам тоа што е во мене, е тоа што мене ме храни!
Велат, музиката има сила да го поттикне творечкиот процес и фантазијата. Кој беше мотивот за последниот производ од Вас? Испишавте ли духовно искуство преку ноти?
Николче: Музиката настанува од фантазија и за неа е потребно творечки процес за да се роди. Секој композитор има различен процес на создавање, на размислување, фантазија. Секој композитор тргнува по различен пат за да стигне до својата цел, до создавање на своето дело. Секој по патот низ самиот процес го водат најразични нешта, било тоа да е духовната состојба, случка, желба, друга музика, ритам, ликови, личности, природа…Сите тие можат да бидат водилки. Но, правилата се исти, целта е иста, средствата за изразување исто така. Комбинацијата на тие средства и нивната рамнотежа е различна и всушност тоа е личниот печат на секој автор.
Мотивот за создавање на моето последно дело кое го промовирав неодамна беше желбата да го пренесам целото мое музичко искуство досега. Да создадам парче музика во кое ќе спојам неколку различни приказни, стилови, со толку доза, зачин, колку што сметав дека секој од нив ќе се истакне доволно за да биде препознатлив, но не и повеќе од другиот. Таа рамнотежа на различности е тоа што ја прави музиката специфична, убава или неубава, вредна или не.
Не постојат физички граници за музиката. Која е најдалечната точка на која сам сте испратиле „Ваше чедо“?
Николче: На ова е тешко да одговорам затоа што е релативно периодично. Ако во моментов сметам дека последното мое дело е пратено најдалеку, следното ќе биде на уште подалечна точка, притоа таа точка е создадена според музички вредности и стандарди. Но, постои една друга точка, која би рекол за секој композитор и изведувач е можеби најважната, а тоа е точката на допир на делото со публиката. Делото кое повеќе ќе допре до публиката се смета за поуспешно.
Јас правам музика која ќе допре до различни возрасти. Ако разговараме од овој аспект, тогаш горд сум на неколку дела кои допреа силно до публиката: Две лири, Кој да ми запее, Чалгиска, Ти не дојде, Бели цветови (обработка на Ја излези).
Планови… звучи амбициозно, но, правите ли список на соработки, на нови музички дела, на песни, на ноти додека чекате невидливиот непријател да си замине?
Николче: Планови, амбициозно, секогаш ги има многу. Во изминатиов период „карантински“ сработив доста композиции и проекти. Некои веќе се објавија, но има и такви кои чекаат подобра ситуација. Од друга страна, периодов работам и имам договор за уште неколку други проекти, албуми, синглови, така што можам да ветам дека годинава ќе има уште квалитетна македонска музика и сум нестрплив сето тоа да се промовира во јавност.
Музиката е лек и за оние кои патат и за оние кои се радуваат. Со каква песна би ги поздравиле нашите во дијаспората?
Николче: Музиката секој ја доживува и конзумира на свој начин, во секакви пригоди и духовни состојби. Некој слави, се радува, некој тагува со музиката. Но, за сите е лек на свој начин. На сите им препорачувам да си ја слушаат својата омилена песна и доколку тоа биде од ризницата на нашата македонска музика, би бил многу среќен. Затоа што прво треба самите да си ја сакаме, почитуваме, негуваме…Само така ќе ја имаме вечно!