Интервјуа

„Ништо не е бесплатно – ние трампаме дел од нашето време и внимание“

Интервју со Марија Славковиќ, вонреден професор за Вештачка интелегенција во Берген, Норвешка

Везилка Магазин

Колку време е Марија надвор од Македонија, и како стигна до Универзитетот во Берген како вонреден професор за Вештачка Интелегенција (Artificial Intelligence AI) на Одделот за Информатички науки и медиумски студии?

 

Во Берген стигнав по подолгиот пат. Завршив електротехнички факултет во Скопје. Не бев сигурна што следно, но постоеше можност за пракса во Шведска преку ИАЕСТЕ. Праксата беше во оддел за развој каде што работеа на роботска рака за полирање на машински делови (јас бев програмер). Ме фасцинираше тоа што во една од најсовремените фабрики на светот, полирањето се врши рачно додека полираниот дел се врти со голема брзина.

Проблемот со рачното полирање е што во просек на секои десет години полирачот останува без рака! За мене, тоа беше тоа: вештачка интелигенција може да ни помогне да се ослободиме (како човештво) од потребата за досадни и опасни работни места.  Сакам да работам истражување во вештачка интелигенција! Проблемот беше: како?

Марија Славковиќ – приватна архива

Во тоа време (2005та) почна Еразмус мундус програмата за магистарски студии и имав среќа да добијам место и стипендија. Среќа затоа што темата на програмата, компјутациона логика, не беше тема за која јас ја имав соодветната подготовка. Студиите се одвиваа во две земји: во мојот случај Виена во Австрија и Болцано во Италија. Магистарските студии исто беа искуство за отворање очи. Сосема нов тип на работа, сосема нов материјал.  Но во исто време и многу нови,  интересни и ентузијастични луѓе.

Докторските студии ги завршив во Луксембург, што е малку невообичаено место за докторски студии затоа што тоа е млад  универзитет.  Но, недостатокот на репутација го надокнадуваат со  многу можности за  учество на интернационални настани и поврзување со светската  научна заедница.

Берген, Норвешка – приватна архива

По четири години во Луксембург, бев постдок во Ливерпул во Англија. Професијата академски истражувач денес е професија во која можеш да одбереш едно од две работи, но не и двете одеднаш: што ќе работиш и каде ќе го работиш. Одиме каде што има работа. Така и стигнав во Берген: постоеше отворено место за постдок во траење од четири години со полна слобода по прашање на темата за истражување. Повторно имав среќа да се отворат многу професорски позиции при крајот на мојот постдок. И ете сум.

 

Твоја специјалност е вештачката интелегенција. Имаш повеќе трудови и предавања на оваа тема, но ајде да се задржиме на она што е најблиско и најпознато за сите нас – вештачката интелегенција во социјалните медиуми , како логично расудување во социјалните мрежи. Што значи ова со прости зборови, за некој кој никогаш не слушнал за AI?

 

Вештачката интелигенција е всушност една многу широка област денес и многу интердисциплинарна. Мојата специјалност е автоматизација на расудување и носење колективни одлуки. Јас работам во така наречено базично истражување. Ние не сме заинтересирани толку за решавање проблеми, тоа би било применливо истражување,  колку за препознавање на проблеми и нивно дефинирање.

Еден од  интересните феномени што ја „врти“ мојата специјалност е што се случува со информација која потекнува од повеќе извори? Како се шири таа информација?  Што ако медиумот низ кој се шири е некаква социјална мрежа, како се деформира информацијата при тоа ширење или при агрегирање?  Како да се употреби информација од повеќе извори за ефикасно да се донесе разумна или корисна одлука и што впрочем е тоа што една одлука ја прави разумна или корисна?

Марија Славковиќ – приватна архива

Моментално, прашања на темата дифузија на информација низ социјални мрежи се „третираат“ статистички. Да речеме прашањето е како структурата на социјалната мрежа (кој со кој се следи) влијае на деформација на информацијата што минува низ неа, дали информацијата станува побитна или исчезнува.

Статистички модел ни кажува во просек колку често некоја информација се споделува, но не може да ни каже зошто. Ако не знаеме зошто, не можеме на пример да направиме компјутерска програма која ќе го спречи  ширењето на опасни дезинформации.  Ако безобразно ги упростам  работите – статистика се бави со броење на работи и споредба дали се исти или различни.   Логика, од друга страна, се бави со односи меѓу работи, дали една работа повелкува друга и дали една работа е контрадикторна со друга.

 

Во интервјуто дадено за MailOnline го елаборираш истражувањето кое ти го предводеше на Универзитетот, а во кое испитувавте како би било кога Amazon Echo и Google Home би имале етички паметен софтвер. Со други зборови – апаратот да има опција за повикување полиција кога ќе детектира (видео/аудио) некаква незаконска активност во домот на сопственикот. Колку е ова нарушување на приватност и кој ќе одреди што е правилно, а што не?

 

Повеќето од времето на нас во базично истражување никој не ни обрнува внимание. Но од време на време популарно научни списанија ќе потфатат некој труд и тој труд станува многу пошокантен.

Станува збор за истражување  во кое основниот проблем е следниот:  сакаме една „паметна“ машина која носи одлуки автоматски, да не носи неморални одлуки. На пример не сакаме некој „паметен“ звучник на барање од детски глас за порнографија, да почне да пушта порнографија.

Значи таа „паметна“ машина, мора да биде програмирана со некоја информација за што е морално, а што не е. Некои работи, сите се слагаме дека се неморални, но за други не се слагаме. Чие мислење е тоа што ќе биде програмирано во машината?

Марија Славковиќ – приватна архива

Нашата појдовна точка беше дека треба да се земат во обзир мислењата на сите засегнати страни. Ние работевме на  алгоритам за носење колективна одлука при  разрешување несогласувања. Примерот кој го употребивме за илустрација е дилемата дали еден апарат треба да повика полиција ако детектира незаконска активност во домот. Од една страна ни една компанија не треба да продава производи кои се користат во не легални активности, но од друга страна, никој не сака да купи производ кој ќе го „шпиунира“.

Овој пример, беше тој кој што го заскокотка вниманието на медиумите. Нашето истражување беше  направено затоа што ние цврсто веруваме дека не само желбите на производителот на „паметни“ технологии, него и тие на потрошувачот и општеството треба да бидат земени во предвид при програмирање што е лошо, а што добро, во производот. Но таа идеја низ медиумите на крајот се трансформираше во: истражувачи велат вашиот „паметен“ звучник треба да ви викне полиција ако сте неумни.

 

Дали вештачката интелегенција, помогната од политиките на контрола преку пропаганда, надгледување, дезинформирање, негирање на вистината и манипулација со минатото – нешто што Џорџ Орвел одамна го предвидел, ќе значи крај на отворено и слободно општество?

 

Целта на вештачката интелигенција, барем за нас истражувачите,  е она што го спомнав на почетокот: ослободување на човекот од досадни и опасни активности. Во последните неколку години, со доминацијата на силиконската долина, некако ни се врежува во глава идејата дека целта на вештачката интелигенција е да ни продава реклами. Многумина од нас не се слагаат со таа идеја.

Проблем има, но е многу по суптилен од Орвеловиот свет, затоа што во Орвеловиот свет луѓето знаат дека постои министерство за вистина и тн. Пропагандата е на ачик. Во реалноста, моментално постои огромна несиметричност во знаење меѓу луѓе кои произведуваат софтвер и апликации за социјални медиуми и луѓето кои ги користат тие медиуми. Корисниците не се свесни каде е измамата.

извор: приватна архива

Идејата која е многу безобразна е дека една апликација е бесплатна. Ништо не е бесплатно –  ние трампаме дел од нашето време и внимание за некоја услуга, но сме оневозможени да се ценкаме околу  колку од времето го трампаме за колку од услугата.

Друга безобразна идеја е видливост. Ако јас постирам нешто на фејсбук, на пример, имам впечаток дека сите што ме следат ќе го видат постираното. Ако му реплицирам на некој министер на твит имам впечаток дека имам влијание. Но социјалната мрежа не функционира така. Мојот пост ќе биде прикажан на неколку следачи и доколку доволно од нив реагираат на постот, тогаш мојот пост ќе бида покажан и на други следачи. Луѓето реагираат најбргу кога станува збор за морално шокантни информации. Што значи дека ектремните мислења добиваат непропорционално многу видливост и влијание на сметка на разумните и информирани мислења.

Моето лично мислење е дека она што го гледаме сега е свет во кој многу големи корпорации го злоупотребуваат фактот дека законска регулатива за одредено однесување не постои. Како кога ќе воведеш нов вид инсект во еколошка средина каде што нема предатори. Но оваа состојба е неодржлива. Симетријата на информираност полека се воспоставува.

Од друга страна, научно сме поспособни да направиме алатки кои ќе оневозможат злоупотреби. Јас цврсто верувам дека еволуираме надвор од Орвеловиот свет. Но секој кој е заинтересиран таа еволуција да се случи што е можно побргу треба да вложи личен труд и да го  прочита малечкиот текст пред да кликне „се согласувам“.

Берген, Норвешка – приватна архива

Крајно, сум оптимист. Интернетот, потпомогнат од вештачката интелигенција сепак ги отвора границите низ планетата.  Многу е тешко да се сокријат локални злодела кога сите имаат камери и пристап до интернет. Многу е полесно да се дојде до информации, не само од забавен карактер, но и научни и технички информации.

Едно дете кое денес расне во рурална средина има многу повеќе пристап кон содржини за едукација отколку порано поради постоењето релативно добар автоматски превод и релативно пристапен интернет. Луѓето можат да постигнат неверојатни работи еднаш штом се убедат дека тие работи се некому достапни.

 

Што сака да прави Марија во приватниот живот, а од што најмногу бега?

 

Најмногу бегам од состаноци од бирократска природа и правење работи затоа што мора или така треба. Сакам да патувам, нешто што професионално беше доста лесно пред апокалипсава. Сакам планинарење, Норвешка е добра земја за тоа. Обожавам научна фантастика во било која форма.

Како дрчост на две нозе сакам да готвам. Лошата страна на живеење низ многу земји е пробување храна низ многу земји, ама пак се селиш и се уште ти се на ум тоа тестенините од Италија, или она пилешкото од непалскиот ресторан.

извор: Приватна архива

Континуирана мисија ми е да правам се` тоа што ќе ми притекне дека ми се јаде во моментот. Посебна подмисија ми е техничка спецификација на јадења од моето семејство за кои рецепти нема: брашно по потреба, печеш додека не е готово, една ќесичка пециво (во сите земји овие ќесички се различна грамажа).

 

Каде се криеш кога не сакаш да бидеш најдена?

 

На лулашки. Секогаш.

Марија Славковиќ – приватна архива

 

Дали некогаш си користела некоја од  „љубовните“ апликации како Тиндер, Гриндр, еХармони, или љубовта сметаш дека мора да има прв поглед/допир за да има старт?

 

Не сум. Мислам дека различни работи функционираат за различни луѓе и дека за некој „љубовните“ апликации се супер идеја. Јас мојот сопруг го запознав најтрадиционално – на факултет во Луксембург, но доста од мојот нељубовен социјален живот е дигитален.

 

Дали би се вратила во Скопје кога би ти понудиле работа на некој од македонските универзитети, или и без тоа тлее желбата за враќање дома?

 

Искрено, мислам дека не би се вратила на ниеден од универзитетите на кои веќе еднаш сум била иако има таму прекрасни луѓе и добри спомени. Едноставно, сакам нови искуства. Крајната стабилност за мене е знаењето дека си способен да ти биде убаво било каде и тоа е тоа што јас го „бркам“. Секако Скопје е мојот роден град и секојпат ќе му се враќам.

Можеби би било интересно да се предава некој семестар на универзитет во Македонија, но за жал во Македонија во моментов  има премалку истражување за тоа да биде некаква реална професионална алтернатива.

Марија Славковиќ – приватна архива
Везилка Магазин