ИнтервјуаНие низ светот

Новогодишниот огномет во Австралија ни ја одреди судбината

Интервју со Александра Георгиева

Везилка Магазин

„Пред да дојдеме тука, речиси секоја година додека се подготвував за дочек на Нова година ги гледав последните вести на кои пак прва вест е дека луѓето од јужната хемисфера веќе ја дочекале  новата година со спектакуларен огномет. Нова година сред лето ми изгледаше толку интересно, што потсвесно знаев дека еден ден, ќе дојде тој ден кога навистина ќе бидам сведок на тој спектакл. Нема да излажам ако кажам и дека изминатите неколку години, будна сонував како го гледам најспектакуларниот огномет за Нова година во светот. Знаев во мојата глава, уште додека бевме во Скопје, точно каде се наоѓаме во моментот на огнометот“.

Вака Александра Георгиева ја започнува својата семејна приказна за преселбата во Австралија. И како што вели Пауло Куељо, “Кога ќе посакаш нешто, целата вселена ќе скрои заговор за да ти се исполни таа желба.”

Така и се случило. Минатата Нова Година, Александра на 31 декември била на плаажа и од најубавото место во Сиднеј со свои очи го гледала огнометот по кој копнеела.

 

Кога туристичката дестинација ќе ти стане дом

 

Заминале со туристичка виза на три месеци. Но длабоко во себе знаела дека ако местото ја маѓепса, трите месеци ќе траат засекогаш.

Извор: Приватна архива

„Премногу измешани чувства, среќа, тага, возбуда, неизвесност се заедно имаше во периодот кога требаше да заминеме. Не знаевме ни што не чека, ни како ќе се снајдеме, заминавме со 9 месечно бебе, чекор кој за многумина беше изненадување и се граничеше со лудило. И кога дојде денот за да заминеме, на аеродром не бевме свесни што се случува. Дојдоа дел од најблиските, не нагрнаа емоции сите. Нозете одат накај ескалаторот, ги гледаш сите од ред, некого да не заборавиш, на секого да му посветиш неколку секунди, од последните минути во кои ќе го меморираш нивниот лик до следното видување. Срцето застанато, подстегнато, грутката во грлото се поголема и толку, солзите си почнаа да си течат. Тешко е кога на речиси 40 години се решаваш да почнеш од почеток особено со мало дете, но среќата ги следи храбрите“, се сеќава Александра.

Извор: Приватна архива

Сега веќе поинаку гледаат на работите. Имаат дневна рутина и навикнати се на новиот живот. Сега за сега се со мисла дека не се враќаат за брзо во Македонија.

 

Новинарка – изработувач на филигрански накит

 

Александра е новинарка по професија. Љубопитноста и лудоста на професијата ја носи со себе. Изненадена е што и дипломата од домашниот универзитет е ценета и призната и таму.

„Новинарството е прилично ценета професија  во Австралија. Изненадување ми беше што особено студиите по новинарство на Универзитетот Св.Кирил и Методиј се високо рангирани кога се прави проценка на дипломата и споредба со нивните студии. Во прва прилика сигурно ќе се вратам на новинарството, а можеби и ќе направам некој спој бидејќи  во моментов сум фокусирана на моето последно хоби, изработка на филигрански накит, ,,бекап” занает со кој се стекнав во Скопје и во кој уживам. Ваков рачно изработен накит тука е реткост и сум среќна што можам на сите оние кои гледаат што сум направила да им кажам дека во Македонија ги има најдобрите изработувачи на филигрански накит, а во споредба со нив, јас сум само аматер.“

Извор: Приватна архива

Кога би можела, вели дека би направила спој од она што и недостасува од Македонија и она што ја полни во Сиднеј.

„Местото каде што ти се најблиските, местото каде што го знаеш секое ќоше, речиси секоја улица, каде што убаво се јаде, место каде што имаш на кого да се јавиш во ниедно време. Мојата улица полна со липи кои те опиваат на пролет и балконот со поглед на Водно. Дома си е дома и за мене Скопје секогаш ќе биде мое омилено место. Иако нема да излажам дека Охрид во лето и Маврово во зима ми се исто така при срце.

Но од друга страна оваа земја е толку голема што имам впечаток дека малку ми се 10 години континуирано шетање за да кажам е ова ми е омилено место. Има такви прекрасни плажи и острови, реки, водопади, паркови што ќе ми треба уште многу време за да кажам, ова е тоа. Се уште најголемо изненадување во оваа земја ми се бубашвабите. Ај што се огромни, двојно поголеми од оние нашите, уште поинтересно е што на пролет летаат. И не, не се друг вид на бубачки, бубашваби се“, низ смеа раскажува веселата новинарка.

Извор: Приватна архива
Извор: Приватна архива
Извор: Приватна архива
Извор: Приватна архива
Извор: Приватна архива

Иако заминала, за својата земја и за својот народ има убава мисла:

„Единствено нешто што нас ни фали е морето и организираниот транспорт. И да, тврдам дека Македонецот како единка да не е толку инфициран со политика и трчање по профит е можеби најчовечен на планетава.“

Извор: Приватна архива
Везилка Магазин