Интервјуа

Од Драгош до Мелбурн (петти дел): ”Македонки, драгошки, домаќинки”

Животот низ лични белешки на Виолета (Лета) Ламбески, Македонка од Мелбурн

Везилка Магазин

Тоа беа млади, убави жени, со толку многу сила и отпорност. Можеби не зборуваа ниту еден збор на англиски, но тоа не беше важно, тие имаа толку многу живот и амбиција во себе, силни раце кои се разбираа без и еден изговорен збор! Беше предизвикувачки тешко, но помина, со ишарети, со користење на рацете за изразување … „ТИ!“ „ЈАС“!

Овие прекрасни жени пристигнаа на бреговите на Џилонг, Викторија, Австралија, во 60-тите години на минатиот век … Со секој грам од своето тело, срце и душа, тие ги поддржуваа своите сопрузи и семејства. Жртвуваа многу и беа крајно несебични. Кралици, секоја во својот домен. „Домаќинки“. Мајка ми беше вклучена во овој прекрасен круг на имигрантски македонски “чудо од жени” !!

Олга со сестра ѝ Финка во раните 70-ти години во Џилонг – приватна архива

Голем број на жени драгошки работеа во „Blackneys’ Fisheries“. Секое утро сите заедно одеа, со еден прекрасен пријателски џагор, за своите семејства и за новиот дом. Пешачејќи во зората од западен Џилонг ​до Источната плажа, пат што траеше околу половина час, редовно ги пречекуваа лебаро и млекаро, како доставуваат леб и млеко со коњ и количка!

Работата започнуваше во 5 часот наутро, завршуваше во 14, а во меѓувреме своите заспани деца ги оставаа во грижа на нивните татковци. Во мојот случај, татко работеше ноќна смена и се враќаше дома во 7 часот наутро, што оставаше два часа јаз кога ние децата останувавме сами. Кутрата моја мајка, се разболи од грижи дека некаков ужас ќе нѐ снајде и живееше со тоа чувство сите девет години додека работеше таму…

Драгошки на пикник – фото Елица Наумовска Гарденер

Одењето на работа го викаа „на школки“ … жени, со огромни, тешки, гумени чизми, престилки и нараквици, кои буквално работеа со прстите до коска. Вода насекаде, нов мирис во воздухот….заливот, плажата и рибиниот солен воздух беа длабоко навлезени во нивните ноздри! Свет толку далечен од селскиот живот кој го оставија зад себе.

Отвораа школки, одделуваа ракчиња и риби во кофи и беа платени 2 фунти по кофа. Нивниот неделен приход понекогаш достигнуваше и до 80-90 фунти и само за споредба, повеќето сопрузи заработуваа по просечно 30 фунти за нивната фабричка работа. Овие домаќинки придонесуваа многу за семејството, домот, сметките и храната.

Од лево: мајка Олга, јатрва ѝ и двете золви на игранка во Џилонг – приватна архива

Тоа беа прекрасни, исцрпени жени, кои по завршувањето на својот работен ден во 2 часот попладне, секогаш пред себе ја имаа прошетката до дома, без разлика дали имало дожд, град, ветер, студ или топло сонце и 40 степени! Нивните разговори секогаш се преточуваа во предлози, совети и идеи за тоа што треба да се посети или стори во нивните пријатни и скромни домови…и се разбира, тоа секогаш ги вклучуваше и нивните сакани семејства и СИТЕ задолженија во домаќинствата ….но, тоа е една целосно друга приказна!

Мајка Олга со пријателките, скоро 50 години подоцна – приватна архива

 

Продолжува…

 

Првиот дел можете да го прочитате тука.

Вториот дел можете да го прочитате тука.

Третиот дел можете да го прочитате тука.

Четвртиот дел можете да го прочитате тука.

За авторот: Виолета (Лета) Ламбески е 58-годишна Македонка, мајка на 5 деца кои заедно живеат тивок и скромен живот во западните населби на Мелбурн. За време на пандемијата и затворањето на државата, имала многу време да размислува за животот, па се фатила себеси како се присеќава на своето детство, живот, семејство, пријателите и начинот на којшто порано се живееше.

Започнала да прави белешки од своите мемоари. Со охрабрување и поддршка од нејзините деца, семејство, пријатели и двајца драги господа – Живан Рендев и Вангел Патеров („Култура и историја на Македонија“), го напишала и го објавила својот прв напис „Невестата и младоженецот“. Реакциите од читателите биле толку трогателни, одекнувајќи во здив со нејзината приказна, што дополнително ја инспирирало да продолжи да ја пишува својата животна приказна низ лични белешки.

Везилка Магазин