Интервјуа

Од Драгош до Мелбурн (прв дел): „Невестата и младоженецот“ (1957)

Животот низ лични белешки на Виолета (Лета) Ламбески, Македонка од Мелбурн

Везилка Магазин

„Село Драгош, Македонија, 1957 година.

Зетот, сиромашно момче. Сираче на 7 години, близнак, едно од пет браќа и сестри. Неговите родители, и двајцата починати во рок од една година. Одделен од неговите браќа и сестри и испратен да живее со жена, неспособна да покаже каква било љубов или љубезност. Ладен, тажен и суров почеток на животот на малите момчиња.

Душан, таткото на Лета

Невестата, исто така родена во сиромашни, тешки услови, една од седумте браќа и сестри. Разликата е во тоа што таа ја имаше среќата да има родители и баби и дедовци. И невестата и младоженецот, од исто село.

Ќерката советувана од својата мајка да не се мажи за својот избраник бидејќи, реално гледано, немаше што да ѝ понуди на нејзината ќерка. Тој немаше родители, немаше поддршка …

Олга, мајката на Лета

„Ќе немаш свекрва! Ќе немаш помош!”, но советите се губеа во глувите уши на пркосната невеста која им одговори: „Затоа јас ќе го земам!” Единствениот одговор на поразената мајка беше “Леле, страмота мори чупе…четири браќа имаш!” Сепак, невестата и младоженецот решија да се земат…со или без родители.

Немаше венчаница, освен онаа што ја даваше фотографот во Битола. Ни нумко (*кум, на дијалект), само драгиот Ѓуптин во матичната служба, кој за својот потпис на нивната потврда за брак побара само пиво.

Душан и Олга во матично, 1957 година

Немаше прием, немаше прослава, немаше музичари … ништо! Како и да е, она што го имаше нововенчаниот пар беше длабока љубов, посветеност, почит, лојалност, понизност, длабоко разбирање и поврзаност за нивното сурово детство и благодарност за добрата благодат Божја. Овие работи останаа со нив, во текот на целите нивни животи, сè до последниот здив на „младоженецот“.

Овие „невеста и младоженец“, чест ми е што можам да кажам … се мои родители.“

 

Продолжува….

 

За авторот: Виолета (Лета) Ламбески е 58-годишна Македонка, мајка на 5 деца кои заедно живеат тивок и скромен живот во западните населби на Мелбурн. За време на пандемијата и затворањето на државата, имала многу време да размислува за животот, па се фатила себеси како се присеќава на своето детство, живот, семејство, пријателите и начинот на којшто порано се живееше.

Започнала да прави белешки од своите мемоари. Со охрабрување и поддршка од нејзините деца, семејство, пријатели и двајца драги господа – Живан Рендев и Вангел Патеров („Култура и историја на Македонија“), го напишала и го објавила својот прв напис „Невестата и младоженецот“. Реакциите од читателите биле толку трогателни, одекнувајќи во здив со нејзината приказна, што дополнително ја инспирирало да продолжи да ја пишува својата животна приказна низ лични белешки.

Везилка Магазин

Напишете коментар