Интервјуа

Од Драгош до Мелбурн (трет дел): „Живот помеѓу два света“

Животот низ лични белешки на Виолета (Лета) Ламбески, Македонка од Мелбурн

Везилка Магазин

И така, во 1964 година пристигнавме во Џилонг, Мелбурн ​​… Австралија! Поздравени од мојот драг татко и повторно обединети по година и пол разделеност. Радосна, според мама и тато, а не дека нешто паметам, бев само 2 години.

Отидовме да живееме со постариот драг брат на татко, ‘чиче Трајан’ и неговата сопруга ‘нина Трајаница’ (чие име беше Даница, но никогаш не ја викавме со нејзиното име) и нивното девојче, братучетка ми Вера. Шест месеци, нивниот убав дом во западен Џилонг ​​беше и наш дом. Убави, љубезни, дарежливи, божествени души, кои го споделија својот дом и живот со нас! Никогаш не беше кажан лош збор меѓу браќата, никогаш! Ни меѓу јатрвите.. никогаш! Секогаш преовладуваше љубов, почит, внимателност, добро однесување и благодарност.

Лета во домот на чичко ѝ во Џилонг – 1964 година

Поминаа шест месеци и моите родители заштедија доволно пари за депозит во скромен убав дом, неколку улици подалеку од чиче. Работеа многу, тато иницијално во „International Harvester“ а мама во фабрика за школки… отварајќи ги со нож! Таа заработуваше повеќе отколку што заработуваа мажите на нивните работнички позиции.

Новите животи и на двајцата беа на тест, но ја имаа поддршката од своите соселани Драговци, кои пловеа со истиот брод…и секако дека се имаа еден со друг како потпора, секогаш!

Деновите се претвораа во недели, неделите во месеци, а месеците во години. Улиците на западен Џилонг ​​се исполнуваа со сѐ повеќе Драговци. На секоја улица имаше мои вујни, вујковци, тетки, братучеди, пријатели и секако, чиче.

Нашите комшии исто така беа од Драгош, Ристе и Љуба (Атанасој), со неговите родители дедо Коста, баба Костојца и мајката на дедо Коста која ја викавме Баба Стара … прекрасни спомени од нејзиното топлење раце покрај огништето. Во мојот ум, сѐ уште бев во Драгош, зборував течно драгошки, го разбирав јазикот убаво и совршено, познавав само драговци, моето семејство и моите пријатели, ги сакав сите и сите ме сакаа мене.

Лета со родителите и братот и сестрата во Џилонг, Мелбурн – 1970 година

И тогаш пукна меурот… тргнав на училиште!! Колку груб шок, ми требаше време да се навикнам. Бевме различни, ние малите Драговци, заедно со нашите европски другари и за малите Австралијци бевме „Вогс“*!!

Сега претпоставувам, според денешните стандарди, тоа го нарекуваат „малтретирање“ (булинг), но тогаш, како што јас го гледав, беше опстанок на најсилниот, па така не обрнував никакво внимание на довикувањата, се правев глува. ”Оди дома Вогс..Вог, Вог, Вог!!!”

Било каква различност, како носење очила, дебеличок, пеги, имањето црвенкасто руса коса, Боже, дури и јадењето сендвич со поинаков изглед можеше да испровоцира некое расипано дете! Но, дома пред родителите не плачевме за тоа, немаше корист, не би добиле емпатија! Требаше буквално да се собериш, да ја истресиш прашината и да продолжиш понатаму!

Лета во забавиште, Џилонг 1967

Во меѓувреме, од незнаење на еден збор англиски, на шестгодишна возраст можев гордо да ја пејам „Баа баа црни овци, имате ли волна?! ”, перфектно да ја прочитам „Џон и Бети“ и гордо да го спелувам зборот „хипопотамус“! Обожавав да марширам во училишниот двор со остатокот од Озите и да ја пеам „God save the Queen“!

На 21 јули 1969 година, со возбуда и нетрпение, седнати со скрстени нозе на подот во театарот во „Ешби државното училиште“, со паднати вилици, едвај дишејќи и со очи залепени на тој црно-бел телевизор, бевме сведоци на реалниот живот….човек слета на Месечината! Прилично чудесно, во најмала рака, размислуваше тогаш шестгодишната Јас…. малото „Вог“ дете, кое беше, и сè уште е, гордо на нејзиното наследство и корени!

 

*навредлив збор за имигранти од Европа

 

Првиот дел можете да го прочитате тука.

Вториот дел можете да го прочитате тука.

За авторот: Виолета (Лета) Ламбески е 58-годишна Македонка, мајка на 5 деца кои заедно живеат тивок и скромен живот во западните населби на Мелбурн. За време на пандемијата и затворањето на државата, имала многу време да размислува за животот, па се фатила себеси како се присеќава на своето детство, живот, семејство, пријателите и начинот на којшто порано се живееше.

Започнала да прави белешки од своите мемоари. Со охрабрување и поддршка од нејзините деца, семејство, пријатели и двајца драги господа – Живан Рендев и Вангел Патеров („Култура и историја на Македонија“), го напишала и го објавила својот прв напис „Невестата и младоженецот“. Реакциите од читателите биле толку трогателни, одекнувајќи во здив со нејзината приказна, што дополнително ја инспирирало да продолжи да ја пишува својата животна приказна низ лични белешки.

Везилка Магазин