Интервјуа

Од Драгош до Мелбурн (четврти дел): „Вера, љубов и заедница“

Животот низ лични белешки на Виолета (Лета) Ламбески, Македонка од Мелбурн

Везилка Магазин

 

Кога пристигнавме во Џилонг, пред околу 55 години, веднаш нè запознаа со неделното училиште. Најстариот брат на мајка ми, вујче Цане, живееше покрај Дограмаџијата, кој во тоа време беше и свештеник во евангелистичка црква. Мојот вујче, кој исто беше дограмаџија па така станаа драги пријатели, сметаше дека е добра идеја ако ние децата одиме во неделното училиште на неговите соседи.

И така, секоја недела, сите ние македонски деца, меѓусебно родбински или другарски поврзани, одевме заедно до капелата на евангелието на улицата Крадок и од 11.00 до 12.00 часот внимателно ја слушавме беседата на драгиот дограмаџија, г-динот Греам Јанг. Ги рецитиравме псалмите, ги пеевме химните…

Вујче Цане и вујна Нада во Џилонг – приватна архива

Тој нè научи кој е нашиот Господ Исус Христос, Спасителот, Неговото раѓање, Неговото распетие и воскресение. Значењето на Божиќ и Велигден, убаво и јасно објаснето. Конечно сфативме дека овие годишни настани не значат само Дедо Мраз и Велигденско зајаче. Г-нот Јанг нè водеше и нè научи како да бидеме љубезни еден кон друг, да имаме почит кон нашите родители и љубов кон нашите соседи!

Неговите лекции и беседи останаа со мене, во текот на целиот мој живот.

 

Лета со сестра ѝ, брат ѝ и братучеди, пред нивниот дом во Џилонг – приватна архива

Нашата македонска заедница, до крајот на седумдесеттите години немаше православна црква во Џилонг. Имам спомени од млади брачни парови во Англиканската и Презвитеријанска црква, на кои свештеникот иако секогаш им дозволуваше православни свеќи и круни во службата, церемонијата за брак беше секогаш кажувана на англиски јазик. Кога доаѓаше време за крштевање, новородените бебиња се сеќавам дека ги носеа во Руската православна црква. Чуден внатрешен конфликт беше тоа…

Кога доволно се зголеми нашата македонска заедница, нашите семејства се собраа заедно и донираа пари и во седумдесеттите години на минатиот век се изгради „Свети Јован Крстител“.

Св. Јован Крстител во Џилонг, Мелбурн – приватна архива

Нашата заедница, гордо собрана во „својата“ македонска православна црква, се радуваа заедно во среќните прилики, на свадби и крштевки, а тагуваа на погреби, додека ги испраќаа најблиските.

Божиќ, Велигден, Водици и останатите прославени свети денови беа секогаш убави денови исполнети со љубов, среќа и традиција. На Водици, сите Македонци од заедницата ќе се спуштевме до Западната плажа, каде се благословуваше крстот пред да се фрли во вода, со млади желни момци, спремни да нурнат за да го фатат „за здравје и бериќет“!

Припаѓав на таа заедница, македонската православна, и сите убави прослави и традиции што произлегуваа од таму, ми се многу блиски до моето срце и со многу љубов ги пренесов на моето семејство.

Но, никогаш не ги заборавив своите скромни почетоци и беседите во таа мала капела…пред толку многу години…

Продолжува…

 

Првиот дел можете да го прочитате тука.

Вториот дел можете да го прочитате тука.

Третиот дел можете да го прочитате тука.

За авторот: Виолета (Лета) Ламбески е 58-годишна Македонка, мајка на 5 деца кои заедно живеат тивок и скромен живот во западните населби на Мелбурн. За време на пандемијата и затворањето на државата, имала многу време да размислува за животот, па се фатила себеси како се присеќава на своето детство, живот, семејство, пријателите и начинот на којшто порано се живееше.

Започнала да прави белешки од своите мемоари. Со охрабрување и поддршка од нејзините деца, семејство, пријатели и двајца драги господа – Живан Рендев и Вангел Патеров („Култура и историја на Македонија“), го напишала и го објавила својот прв напис „Невестата и младоженецот“. Реакциите од читателите биле толку трогателни, одекнувајќи во здив со нејзината приказна, што дополнително ја инспирирало да продолжи да ја пишува својата животна приказна низ лични белешки.

Везилка Магазин