Бевме убаво, скромно, љубовно, вредно, почитувано и познато семејство и заедница, каде семејството беше сѐ. Заедно се прославуваа сите радосни пригоди, како свадбите на младите луѓе кои стапуваа во брак и тие секогаш беа толку прекрасни и среќни настани, не само за зетот и невестата, туку и за нумкој, побратими, свекор и свекрва и дедо и баба, а да не ги споменувам „посестримите“ …

Сите ние мали деца, сите братучеди, се сакавме многу и се чувавме едни со други како вистински браќа и сестри! Игравме, танцувавме, ги гледавме нашите родители, баби и дедовци (кој имал среќа да ги има), чичковци, тетки, тетин, тетинчиња, вујковци и вујни, како ги танцуваат нивните ора заедно со невестата и младоженецот!

Беше вистинско, оригинално, шармантно и срдечно доживување. Ние бевме „стара школа“ Македонци. Нашите семејства со себе во Австралија ги донесоа сите дела од своето битие и сите животни искуства од нивното село, нивните прекрасни срца и вредни раце, нивната добрина, лојалност, љубовта на еден кон друг и нивната апсолутна посветеност на своите сакани и чувани семејства.

Живот како сон, нежно и тивко преточен во прекрасни денови, денови на море, сонце и плажа..сино небо, син хоризонт со мали чамци што танцуваат одозгора, песна на птиците, нежно ветре на лицето, прекрасно сонце … ”Сонцето на моето рамо ме прави среќна!” Пренесена сум назад во времето, спомени од невиното детство, младост, живот! Можам да видам, слушнам и да се присетам со јасност на сè, како да беше вчера. Можам да ја слушнам „My Sweet Lord” (George Harrison) како одекнува во моето срце. Толку многу ја сакав таа песна…
Плажата, отсекогаш била дел од мојот живот, мојот македонски живот.

Не живеевме во Македонија, но за воља на вистината, бевме 100% чистокрвни Македонци, македонска крв течеше во нашите жили …. ние само живеевме во друга земја, земја опкружена со море!
Нашите семејства, нашите пријатели и нашата заедница, поминуваа прекрасни денови на Источната плажа во Џилонг, Мелбурн. Како деца, секој ден од летото нè носеа таму, а ние пливавме, во малиот базен или на плажата, и скокавме од кули и табли за нуркање! Игравме заедно на игралиштето, игравме во песокот, собиравме школки, се тркалавме по прекрасните ридови со трева и јадевме сладолед. За целото тоа време, нашите родители седеа заедно, на своите килими, се смееја и разговараа, релаксирани и смирени…
За Божиќ секогаш имавме огромен пикник, кога автобуси полни со Македонци од други села од стари крај доаѓаа во Мелбурн. Еднаш годишно, пријатели и семејства, „огромното обединето македонско семејство“ се собираа и беше чудесно! Имаше музика, имаше свирачи, ора се вијеа!
Мажите за рамо, жените за рака….поетично и толку прекрасно.
Беше чиста и целосна радост да бидеме сведоци на такво нешто… сите, од млади до стари, уживаа облечени во своето најубаво руво.

И љубовта и романтиката цветаа исто така – ако те замолеше потенцијален дечко да прошетате низ шеталиштето, тоа значеше….брак! Прекрасни моменти како од бајка излезени, Пепелашка!
Тоа беа седумдесеттите, ера на забава, авантура, невиност, убавина, среќа и радост…нешто најдобро и незаборавно во очите на ова мало девојче, врежано длабоко во моето срце и мојата душа…..
Продолжува…
Првиот дел можете да го прочитате тука.
Вториот дел можете да го прочитате тука.
Третиот дел можете да го прочитате тука.
Четвртиот дел можете да го прочитате тука.
Петтиот дел можете да го прочитате тука.
За авторот: Виолета (Лета) Ламбески е 58-годишна Македонка, мајка на 5 деца кои заедно живеат тивок и скромен живот во западните населби на Мелбурн. За време на пандемијата и затворањето на државата, имала многу време да размислува за животот, па се фатила себеси како се присеќава на своето детство, живот, семејство, пријателите и начинот на којшто порано се живееше.
Започнала да прави белешки од своите мемоари. Со охрабрување и поддршка од нејзините деца, семејство, пријатели и двајца драги господа – Живан Рендев и Вангел Патеров („Култура и историја на Македонија“), го напишала и го објавила својот прв напис „Невестата и младоженецот“. Реакциите од читателите биле толку трогателни, одекнувајќи во здив со нејзината приказна, што дополнително ја инспирирало да продолжи да ја пишува својата животна приказна низ лични белешки.