Родителите се огледало за своите деца. Вкусните и украсени торти од детството на кумановката Оливера и го разбудиле талентот за да се обиде и таа.
Заминала на работа на брод и таму го запознала својот сопруг од Хрватска. Сега имаат семејство и живеат во Загреб, но Оливера со себе ја понела желбата од детството и талентот за цртање.
„Сето тоа се спои во една слатка уметност. Цртам уште од малечка, а правев и фигури од глина. Често цртам, моделирам…тоа е љубов! Така уметноста ја споив со слаткиот свет од кујната на мама. Цртам со прехрамбени бои, моделирам со чоколадо, фондан, глазура и слично“, вели Оливера за Везилка.
На Оливера никогаш не и недостасуваат идеи. Често е инспирирана од женскиот свет, зашто смета дека секоја жена носи убавина во и на себе. Но кога тортата е нарачка за посебна пригода клиентите имаат и свои желби.
„Најчесто добивам нарачки за детски торти. Тогаш децата се главни. И тоа се клиенти кои мора да ги погодиш до детал, од боја, до црти и посебна поза, но јас уживам! Не ретко за крштевки бараат и портрети, па целосно се внесувам!“
Талентот го носиме во себе, но Оливера вели дека постојано мора да се вложува и да се следат трендовите.
„Посетувам курсеви, но честопати знам да вклучам и You Тube и да гледам туторијали од светски познати мајстори. Идол ми е Amelia Rowcroft, таа од глина изработува преубави нешта“.
Мајка е на две дечиња, пет и година и пол. Вели дека за сега цртаат само по ѕидови, но се надева дека еден ден ќе се јави желба да се обидат и во слаткиот свет.
Оливера е неуморна. Работи постојано и секогаш изненадува, и на последниот интернационален натпревар влегла во финале каде што ќе биде во трка со светски познати имиња во светот на шеќерот.
„Немаше дадено теми. На натпревар треба да се направи свое дело, без копирање. Јас сакав да ја претставам мојата Македонија и нејзините убавини на торта. Многу ми недостасува татковината. Таму пораснав, ми недостасуваат моите родители, другарки и нашата храна. Затоа на оваа торта е претставена црквата Канео, една од најубавите според мене, заедно со езерото. Се надевам на успех. Стискајте палци!“