ИнтервјуаУспешни бизнис приказни

Оливера Шојбер-Мирчиќ: „Создавам парфеми за да ги разбудам емоциите кои се скриени длабоко во нас“

Интервју со Оливера Шојбер-Мирчиќ од Базел, Швајцарија

Везилка Магазин

 

„Парфемот кажува повеќе за вас отколку вашиот потпис“. Девизата на Коко Шанел не ѝ е далечна и на нашата соговорничка. Битолчанката која ја мириса и носталгијата и среќата и тагата и радоста.

Оливера Шојбер-Мирчиќ, Македонка во Базел, Швајцарија, создава парфеми од сеќавањата, од моменталните чувства, од плановите за иднината. Ги учи и љубителите ширум светот да научат да го создадат својот мирис, да го исцртаат својот идентитет преку парфем.

Носот е мојата незаменлива алатка и важно сетило кое ме прави да се осеќам исполнето

Иако на далечина и за време на пандемија, разговорот со Оливера мирисаше на некој нов неоткриен цвет. Со задоволство ви го пренесуваме во целост.

 

Како мириса чувството кое Ви дава знак дека е време за обид да се создаде дом далеку од домот?

 

Оливера: Како апсолвентка, со силно чувство на љубопитност за откривање на нови места, култури и луѓе дојдов и се заљубив во Базел, во Швајцарија, каде пред 17 години го сретнав мојот сопруг и веќе 16 години сме во брак и живееме во околината на Базел, во општината Шоненбух, на границата со Франција. Јас со македонско потекло, а тој со швајцарско по татко и јапонско по мајка, заедно живееме со три култури. Луѓето се всушност секаде исти, само вкусот и мирисот на храната се различни.

Создавање дом далеку од домот е непроценливо животно искуство, голем предизвик и долг процес на градење нови доживотни пријателства. Јас сум дома кога сум во Македонија исто како и кога сум дома во Швајцарија. Моето семејство од Македонија, живее во Битола, Скопје, Берово, Белград, Љубљана и во Грција. Моето семејство од Швајцарија живее во Швајцарија, Шпанија, Германија, Јапонија и во Америка. Каде и да одам, луѓето ми се најважни за да се чувствувам како дома. Моите пријателства во Македонија се исто толку важни како и моите пријателства во Швајцарија. Моето омилено место за кафе на Широк Сокак е исто толку важно како и моето омилено место за кафе во стариот град на Базел.

Со сопругот на кањонот Матка во 2014 – приватна архива

Дома сум кога мирисот во воздухот буди сеќавање, како мирисот на липите низ Партизанска за време на студентските денови, мирисот на свеж леб од пекарите низ битолските улици во раните утрински часови, мирисот на молика на Пелистер за време на школскиот распуст и фамилијарните излети, мирисот на еклери од кујната на мајка ми, мирисот на полнети пиперки од кујната на баба ми, мирисот на реката Рајна во Базел каде ги поминавме првите вечери со сопругот разговарајќи за се и сешто, мирисот на топен кашкавал во ладните швајцарски зими или мирисот на бор на швајцарските Алпи каде го поминуваме скоро секој викенд.  Да, дома сум кога мирисот буди сеќавање.

 

Парфемот е дел од нашиот идентитет, од нашата лична приказна. Како се случи да посакате Вие да им помагате на луѓето да ја најдат својата лична нишка?

 

Оливера: Човечкото сетило за мирис е нашето најпотценето, но исклучително важно сетило за нашата благосостојба. Мојата мисија е да ја подигнам свеста за нашите индивидуални искуства преку сетилото за мирисот.

Во сопственото атеље во околината на Базел, заедно со мојата странка го креираме нејзиниот личен парфем

Како парфимер, со 17 години работно искуство како хемиски инженер и со долгогодишно практично искуство во создавање на хармонични мириси, изградив мост помеѓу науката и уметноста. После неколку години истражување и планирање, во 2019 година, започнав самостојно да работам и оформив сопствена фирма под името PARFUMOLIVERA .

Креативна атмосфера за време на семинарот за креирање личен парфем

Кога дизајнирам нов мирис ја следам мојата љубопитност за создавање нова мирисна интерпретација и упорно работам на балансот измеѓу најкревките состојки. Целта е секогаш хармонија. Секоја нова креација има своја мелодија, од почеток до крај. Задоволна сум тогаш кога мирисен букет што го дизајнирам, како мемоар од мирисни сеќавања кој е сокриен во мало стаклено шишенце, ќе ги разбуди најдлабоките емоции и сеќавања кај луѓето.

 

Која е филозофијата на правење на парфем? Како всушност се прави парфем?

 

Оливера: Секоја нов парфем започнува со идеја, со раскажување на искуство, со емоција, со мелодија и со своја приказна. На пример, како мириса чувството на слобода, моментот на сексуална привлечност или местото на безбедност. Кога имам јасна претстава за тоа што сакам да го креирам, тогаш одам во потрага по соодветните состојки. Во процесот на дизајн на парфемот многу е важен временскиот фактор или траењето и интензитетот на поединечните состојки во мешавината. Постојано експериментирање и познавање на особините на поединечните мирисни состојки се многу важни за дизајнирање на парфем и постигнување на хармоничен мирис.

Процесот на креирање на парфем се состои од истражување, документирање и анализирање на мирисот

Моментално работам со преку 200 природни и синтетички мирисни состојки, кои се разликуваат по мирисна фамилија, на пример, цветни, од дрво, смолести, билни, овошни, животински, сулфурни, кожни, минерални итн. Секој парфимер поминува многу време во истражување на особините на поединечните мирисни состојки. Зависно од условите, земјата, водата, климата каде цвеќето или дрвото растело или годината на берба, се разликуваат и ароматичните состојките. На пример, лавандата од Франција мириса различно од лавандата со потекло од Италија, од Бугарија или од Македонија. Мирисот, исто така, ќе зависи и од методата на екстракција на состојките, дали е произведено преку дестилација со водена пареа, преку екстракција со органски растворувач или пак со суперкритична екстракција со гас од јаглен диоксид.

Друг фактор кој треба да се земе во предвид кога се дизајнира парфем е осетливоста спрема природните или синтетичките  состојки, некои состојки предизвикуваат алергии на кожата и се дозволени само во одредена количина. Затоа користам најмодерен софтвер, каде моите креации се декларирани и сигурни за употреба според светската асоцијација за мириси IFRA (The International Fragrance Association).

Земајќи го сето тоа во предвид, ги одбирам соодветните состојки и започнувам со дизајнирање на парфем. На почетокот го креирам главниот акорд кој го дефинира парфемот од почеток, кога се шприца,  до крајот или после неколку часа. Кога главниот акорд е готов, тогаш се посветувам кон оформување на целосниот карактерот на парфемот каде хармонијата е најважната особина. Секоја нова мешавина треба да се остави минимум две до четири недели да стои за да се соединат мирисните состојки. Секој проект е различен, некогаш креирам еден парфем за два месеци, некогаш работам една година на еден парфем.

Јас денес работам со најквалитетните природни и синтетички ароматични состојки кои се произведени од заедници во различни делови од светот. Тоа се базира на долгорочно партнерство со моите добавувачи каде заеднички го поддржуваме еколошкото производство и социјалниот статус на локалното население. Така производителите и работниците се добро платени и имаат пристојни и добри услови за работа а природата се негува и штити. Тоа е многу важно за мене и за мојата работа, да креирам извонредни мириси и да придонесам за создавање на услови за подобар живот во баланс со природата.

 

И? Откако ќе го направите? Кој прв го мириса за да го „одобри“?

 

Оливера: Мојот сопруг е првиот критичар на секоја моја мирисна креација. Фамилијата, соседите и пријателите се исто така вклучени во евалуацијата на моите креации. За тоа сум им многу благодарна. Тоа е исто така многу важен дел во процесот на креирање на парфем.

Нај љубопитниот експерт и критичар

 

Кој е Вашиот омилен?

 

Оливера: Мојот прадедо беше поп и во неговиот дом мирисот на темјанот беше постојано присутен. Баба ми, и после неговото заминување од овој свет, практикуваше неколку пати годишно да гори парчиња од смола од темјан на шпоретот. Сеќавања ми се враќаат и од мирисот на роза и лаванда што баба ми лично ги користеше.

Таа кога и да се вратеше од одмор, од Италија или Бугарија, со себе носеше мали шишиња, исполнети со најубавите природни мириси. Од друга страна, мајка ми како обожавател на мошус мирисот и на модерните парфеми кои ги знаеме денес, ме направи љубопитна за распознавање на разликите измеѓу природните и синтетичките состојки. Овие интензивни миризливи искуства имале огромно влијание врз мојот живот и врз тоа што денес со големо задоволство го работам.

Мојот омилен мирис моментално е комбинација од природни состојки од магнолија, липа, босилек, и синтетички состојки како апстрактниот мирис на вода и минерали кој ме потсетува на море и лето. Зависно од сезоната, местото и од расположението така ги менувам и парфемите кои ги користам.

 

Каде сѐ мириса Вашиот труд? Низ кои земји?

 

Оливера: Секаде каде што патувам сум во потрага по нови мирисни искуства. Природата во Македонија, Швајцарија, Јапонија, Италија или Франција мириса различно. Секој град и секоја улица во гардот има свој индивидуален мирис. Некогаш сум во потрага по едноставни мириси како мирисот на липа, портокал, лаванда или ружи, или пак мирисот на смрека. Но некогаш сум во потрага по контрадикторни мириси кои често ги наоѓам во големите градови како Скопје, Токио, Њујорк, Париз или Лондон, како мирисот на метал, пластика или на кожа во комбинација со мирисот на чоколадо и ванила. Во секој случај каде и да одам, не ми е тешко да ги пронајдам најдобрите места за јадење. Со тоа се комплетираат моите мирисни мемоари и тие искуства ме пратат секогаш кога дизајнирам нов мирис.

Моите креации се претпазливо дизајнирани, со цел да ги разбудат емоциите кои се длабоко скриени во нас

Како независен парфимер, создавам индивидуални креации за личности или модни брендови и давам семинари за правење лични мириси, индивидуално или во групи, во моето атеље или по потреба патувам каде што се моите клиенти.

Мојата работа е главно во Швајцарија, но работам и на проекти надвор од државата. Од почетокот на 2021 работам со кинески бренд на дизајн на мирис наменет за помладата генерација во Шангај, Кина. Веќе 2 години работам на проект за креирање на мирисот на некои улици во Базел во времето измеѓу 1400 – 1600 година, кога градот бил еден од центрите за трговија на цимет, ѓумбир, шафран и други зачини. Во 2022 планирам сличен таков проект во Македонија кој ќе опише дел од македонското мирисно наследство.

Во секој проект се обидувам да ги соединам локалните и личните мирисни искуства и истите да ги претставам во нова мирисна форма.

 

Кога најсилно Ви мириса чувството на носталгија кон татковината?

 

Оливера: Заедно со мојот сопруг обожаваме да готвиме. Тој ја сака македонската кујна и често во нашиот дом во Базел преовладува мирисот на полнети пиперки, на сарми, на гравче тавче, на мусака со црни патлиџани, на печени јаболка или печена тиква со мед и ореви. Во лето мирисот на свежа лубеница, на праска, на кајсија и цреши е носталгичен. Во тие моменти мирисот ги враќа сеќавањата на детските денови и заедничките моменти со фамилијата и пријателите.

Тоа се моментите кога чувството кон татковината е најсилно.

Личното искуство преку сетилото за мирис е индивидуална колекција од силни емоции и верен чувар на моите спомени 

 

Везилка Магазин