Интервјуа

Очекувам од пандемијата во Италијаните да се роди нешто убаво

Интервју со оперскиот пејач Благој Нацоски

Везилка Магазин

На човек со сила не можете да му дадете, можете само да му земете, но само ако тоа не е длабоко во него. Пандемијата ни ја ограничи слободата, ни го стави животот на чекање, но секој од нас го пронајде скриеното „Јас“ за да излезе без траг од ова.

Македонскиот оперски пејач, Благој Нацоски живее и работи во Италија. Оваа прекрасна земја која му дава можност да си го исполни сонот остана како една од „најранетите“ од заразата што го погоди светот. Италија му е верна кога тој создава, тој пак остана со неа и кога ѝ беше најтешко. Со музика се справува во долгиот карантин и лошите вести. Ја расположува и неговата публика на социјалните мрежи. Кликовите и коментарите се замена за аплаузот кој му недостасува.

 

Во овие тешки моменти кога светот е животот е ставен на чекање, преку музиката најде начин да ја вклучиш лентата на движење. Какви коментари добиваш од виртуелната публика, си го нашол ли лекот за општествената анемија во која не смести вирусот?

 

– Па навистина ми е мило што ете оваа моја активност на социјалните мрежи, употребувајќи ја мојата уметност, или пак со други зборови, она што најдобро знам да го чинам, им помага на повеќето полесно да ги поминуваат овие денови и до некаде ја сузбива таа општествена анемија. Коментарите се навистина безбројни и стопроцентно позитивни, односно успеваат да ми ја пренесат искрената благодарност. Тие во моментов се замена за аплаузите во театарот или пак во концертната сала.

Благој Нацоски – приватна архива

Би сакал да можам да на сите лично да им одговорам, а од друга страна иако би сакал сите да ги задоволам со разните барања за одредени песни или арии, се надевам дека нема да има толку многу денови во изолација за да можам да го сторам тоа и што е можно побрзо тоа ќе се случи во живо на еден голем концерт.

 

Правиш матрици сам или ги наоѓаш?


– Всушност не ја изработувам сам матрицата, туку користам материјал што е веќе присутен на интернет. Ние оперските пејачи сме навикнати да пееме во живо, без микрофон и без никакви технички помагала, така што и во нашите домови не постојат такви нешта. Од инструменти дома јас на пример имам пијано и клавичембало, така што не сум баш во можност да изработам своја „матрица“. Сето тоа што го правам го правам со она што ми го овозможуваат домашните услови и се трудам тоа да излгеда што поубаво.

Благој Нацоски – приватна архива

Од друга страна пак сум перфекционист и ми пречи доколку нештата би изгледале премногу аматерски. Како што може да се забележи јас во овој период пејам повеќе дела од забавната музика, односно од македонскиот фолклор. Тоа се должи на повеќе фактори: за да пејам оперски арии имам потреба од поинаква инспирација би рекол, односно сцена, костим, шминка итн, значи стандардно како што сум навикнат во овие мои 18 години кариера; истотака поп песните како и оние традиционалните македонски јас немам никогаш можност да ги изведувам и никогаш не сум ни ги изведувал, па во овие моменти тоа претставува двојна сатисфакција за мене, и успевам да задоволам еден голем опсек на публика и си правам задоволство на себе си да пејам песни кои од секогаш ми се допаѓале, како на пример „Чија си“ или пак “My Way”.

 

Животот далеку од семејството знае да биде меланхоличен особено во вакви моменти. Како комуницирате? Грее ли семејната топлина преку жица?

 

Со семејството сум во контакт по неколку пати во денот, претежно на видеоповици. Се разбира дека преку жица не е возможно односно доволна семејната топлина. Јас сум човек кој што е доста „телесен“, односно ми е битен и физичкиот контакт со најблиските а и со луѓето генерално, а од друга страна пак навикнат сум да долетам во Скопје скоро на секои два/три месеци. Сега сето тоа не е возможно, а уште полошо е што не се ни знае кога ќе биде возможно. Се‘ уште немаме никакви индикации што ќе се случува во следните месеци, веројатно никој тоа не го знае.

 

Каква ќе биде Италија по вирусот?

 

Па мислам дека ќе биде различна како и останатиот дел од светот, но и пред да исчезне вирусот. Јас не верувам дека истиот ќе исчезне целосно, туку напротив ќе треба да научиме да живееме со него. Многу нешта ќе бидат различни, ќе мора да промениме повеќе наши навики. Ќе мора да се адаптираме брзо на новиот начин на живот.

Благој Нацоски – приватна архива

Ако пак се навратиме на Италија се надевам дека нивното ДНК ќе проработи силно по овој период. На пример во минатото, по епидемијата на чума, во Италија се родиле Хуманизмот и Ренесансата, така што таа креативност присутна во ДНК-та на овој народ се надевам дека повторне ќе избие на површина и ќе се изроди повторно нешто такво убаво. Не сакам да звучам песимистички, но имам некои резерви дека ќе се случи такво нешто. Во Италија, а и генерално во светот, сведоци сме на едно културолошко уназадување, но да се надеваме дека тоа нема да преовладее по кризата.

 

Што ти недостасува од Македонија?

 

Семејството и најблиските пријатели.

 

Фејсбук публиката е сведок на многу дуети. Изненадуваш и со „ткаење“ на гласовите со членови на семејството. Која ти е најдрага преработка?

 

Несомнено онаа со мојот брат. Јас и Филип досега никогаш немавме пеено заедно, напротив, тој бил секогаш срамежлив да го покаже својот глас, а има огромен глас иако нема никогаш учено ни музика ни пеење. Штета што не можам да ја натерам и мојата мајка да сними нешто со мене. Мајка инаку, како што веќе е познато, е оперска певица во пензија.

 

Коронавирусот ги промени општествата но и нас како индивидуи. Која е лекцијата што ја научи од оваа состојба?

 

Мислам дека дека пред се‘ научивме колку нашата глобална заедница е ранлива и неподготвена за еден нов вирус. Потребен е нов пристап кон планетата, не може веќе да се размислува само на краток рок и да се исправаат проблемите кога ќе се појават, имаме еден голем системски проблем. Загадувањето и глобалното затоплување се синтоми за една тешка болест од која што ни е заразен системот.

Потребна е длабока реформа на целите, на вредностите и на економиите. Конзумеризмот не` доведе до негирање на животот на растенијата, на животните, но и на голем дел од луѓето. Значи светот дојде до една точка која значи дека не смееме да се вратиме на „нормалниот“ живот кој што го водевме досега, туку потребна е нова свест, нови цели, нови насоки. Владите на земјите целосно потфрлија, но сега освен политиката и приватниот сектор, треба да ги измени своите стратегии и да ги интегрира здравствените цели во своите стратегии. Мислам дека најбитното нешто што го научивме е дека треба луѓето да се издигнат образовно што се однесува на здравјето.

Благој Нацоски – приватна архива

Што ќе направиш прво по завршувањето на вонредната состојба на светот?

 

Ќе отидам веднаш кај моето семејство.

 

 

Везилка Магазин