Во Шангај пристигнавме синоќа и се сместивме во хотелот Renaissance Shanghai Yu Garden. Хотелот е во централниот дел на градот, веднаш до реката Huangpu. Денес цел ден го поминавме во разгледување на француската четврт и некои околни паркови и галерии. Од хотелот пешачевме дотаму. Хотелот е така сместен што речиси сите места што сакаме да ги посетиме не се далеку и претпочитаме пешачење, бидејќи така е поинтересно и повеќе ќе видиш. Има убави и чисти улици со многу продавнички и секаков народ. Едноставно можеш тотално да се изгубиш меѓу нив и целосно да се релаксираш, да заборавиш на стресот од секојдневната работа… Утрово, само што излеговме од хотелот, налетавме на две убави Кинескињи, на околу 30 годишна возраст, сакаа да ни помогнат бидејќи гледавме нешто во мапата. Им реков дека штотуку излеговме од хотел и нема проблем да се снајдеме (централниот дел на Шангај го познавам релативно добро). Зборуваа англиски. Кога им кажавме дека сме од Сиднеј, додека си трепнал се расприкажаа за тоа колку ја сакале Австралија и колку сакале да патуваат. Сакаа да дојдат со нас, да ни правеле друштво. Убаво од нивна страна, но во вакви ситуации човек треба да внимава. Им се заблагодаривме и си го продолживме патот. Набрзо бевме многу пријатно изненадени кога влеговме во една продавничка за накит – не од накитот туку од музиката. Само што влеговме внатре почна да свири онаа нашата „Ој, Јано, Јано, убава Јано…” Останавме подзинати, каква коинциденција во една толку далечна земја каде веројатно речиси никогаш не се слуша македонска музика да налеташ на нешто такво. Да бидам искрен, ми потекоа солзи. Дури и им кажавме на тие од продавницата дека песната е македонска, тие само нѐ гледаа онака „бело” и се смешкаа од учтивост. Додека се врткавме во продавничката почекавме да чуеме дали ќе има уште некоја македонска песна, но изгледа дека беше само таа. Чудо едно…!
Владо Јаневски
(кратка белешка од патувања по светов)