Македонскиот мултиталентиран уметник Владо Јаневски повеќе од три децении живее и твори во Сиднеј, Австралија. Тој е писател, поет, сликар, скулптор, илустратор и карикатурист, автор на четири романи: „Мртвите знаат најдобро”, „Чудо зад аголот”, „Под друга капа” и „Маде ин јабана”, како и на наградуваната збирка раскази „Нема враќање“.
За тоа што претставуваат Палавковците и како дојде идејата за едни вакви детски илустрации, го прашавме директно авторот кој ни го даде следниот одговор:
*************************************
Кои се Палавковците?
Позади Палавковците стојам јас, нивниот креатор, и моите соработници Емилија Тодорова и, од неодамна, Миле Ѓорѓијоски.
Благодарам на поканата да се појавам во Везилка со авантурите на Палавковците. Првите чекори Палавковците ги направија во стрипот на мојата страница As Long As We Try којa е на Фејсбук веќе подолго време и е на англиски јазик. Оттаму тие мигрираа во детска книга која е моментално во подготовка за објавување.
Централното место во книгата им припаѓа на палавковците Тот и Мокси, а ја работевме заедно со Емилија Тодорова и се надеваме дека во догледно време ќе биде објавена на македонски јазик.
Во меѓувреме палавковците си најдоа уште едно место на Фејсбук. Од вчера тие таму имаат своја страница која ќе биде само за нив и ќе биде на македонски јазик. Страницата се вика Палавковците и таму ќе можете да дознаете повеќе за нив и нивните најнови преживеалици.
На оваа страница почнав да соработувам и со Миле Ѓорѓијоски. Ги забележав неговите палави афоризми за деца и му предложив да пробаме да ги оживееме со илустрации во светот на Палавковците.
Уште од првиот ден македонската страница на Палавковците на Фејсбук беше добро примена и се надевам дека интересот за неа во понатамошниот период ќе продолжи да расте. Сите посетители и нивните лајкови се добредојдени.“
Му посакуваме многу успех на господинот Јаневски, илустрациите се прекрасни!