Уште еден одличен рецепт на Што со брашното тимот кој ви го пренесуваме во целост, зошто овие текстови едноставно – не се прераскажуваат.
Да ти кажам право, переците се мистерија.
Дали знаеш некој, кој со сигурност ќе ти каже, дека ги разбира переците?
Тоа е едно искрено и едноставно пециво, со комплициран дел.
Е, баш тој комплициран дел, всушност го прави перекот, перек.
Постои една теорија дека се направени во облик на прекрстени раце, а постои и друга теорија која вика дека во нив се крие тајната на вонземјаните и нивните цивилизации, квадратурата на кругот и конечниот број ПИ.
Ако мене ме прашуваш, переците се како луѓе. Сите сакаат да бидат сфатени, сакани и едноставни, но секој си има некој чвор.
Переците, поради некоја причина, во секунда го поправаат расположението. Ако не си се смеел долго, направи переци. Ако паѓа дожд, а тебе ти се сака сонце, направи переци.
Можеби нема да ги откриеш тајните на универзумот или квадратурата на кругот, но од рерната, заедно со переците, ќе извадиш и малку радост.
Никој не е сосема сигурен зашто. Можеби поради чашката ракија додадена во тестото, а можеби и затоа што наизглед комплицираните переци не враќаат во некое поедноставно време.