ЛичноРодителство

Петнаесет книги кои ги прочитав во 2020 – Што да читате за поширока перспектива и прифаќање на секојдневните ситуации? – втор дел

Везилка Магазин

Loving what is од Byron Katie 

 

Скоро видов дека е преведена и на македонски.

Бајрон Кејти е активна на YouTube каде го дели своето учење. Сѐ што искусуваме и сѐ што ни се случува во нашите животи е проекција на нашата перспектива. Авторката има долгогодишно искуство во работа со клиенти. Во оваа книга се опишани некои од сесиите кои ги работела низ годините. Научив дека не можам да го контролирам она што ми се случува мене и на другите.

Ако го осудуваме она што веќе е, си нанесуваме болка и страдаме. Таа вели: постојат само 3 работи на светот: моја работа, твоја работа и Господова работа. Можам да ја контролирам само мојата работа, тоа значи: моите избори, моите одлуки, мојот поглед на работите. Кога и да навлезам во твојата работа или на Господ работата, искусувам нелагодност. Примери кога фокусот не ни е на “мојата работа“: “Мислам дека мајка ми треба да престане да се однесува така и така“, “Зошто сестра ми не сака да ме послуша, за нејзино добро е?“, “Се нервирам дека моето дете сака да даде отказ, а што ако не успее да најде друга работа?“ (притоа детето има 39 години). “Ќе бидам среќен/среќна ако Х ме засака.“. И слично.

Секогаш кога сме во тешка ситуација треба да се прашаме 4 прашања. Прочитајте ја книгата ако ве интересира понатаму.

 

Хиге од Мајк Викинг

 

Ова го читав кога и да ми требаше да се разведрам. После книгава се чувствувам како веќе да сум ги посетила сите места во Данска. Авторот на книгава работи во Институт за истражување на среќа и истражува причини и ефекти на човековата среќа. Ги презентира сите дански културни елементи низ разни сезони: зима, пролет, лето и есен. Мислам дека секој слушнал за Хиге. Овде можете да најдете описи на места, викенд дестинации, градови, храна и традиција во Данска.

 

 

Born a crime од Trevor Noah

 

Не знам како да го преведам насловот. Тревор Ноа е комичар. Неговите видеа ги има секаде на интернет. Кога дознав дека напишал биографија, знаев дека ќе биде смешно. Си ја купив со намера да ја читам на плажа и да – смешна беше. Но, многу емотивна и едукативна исто така. Тревор Ноа е роден 1984 за време на Апaртхејдот во  Јужна Африка.

Само од прилика знаев што Апaртхејдот значел за луѓето кои живеат таму. Многу повеќе научив од оваа книга. На моменти е многу емотивна иако Тревор настаните ги објаснува низ хумор. Навистина е смешна, но ме допреа некои моменти мислејќи дека ова всушност некој го проживеал. Ова е нечиј живот полн траума, губитоци, паѓања и станувања.

Се радував за него кога опишуваше некои свои победи и достигнувања. Ама и се насолзив кога ги опишуваше неправдите кои тој и неговото семејство ги доживеале.

Очекував само забава од книгава, но на крај бев импресионирана од авторот и неговата флексибилност и способност да се адаптира. Денес тој е успешен водител, продуцент и комичар кој живее во САД.

 

How to win friends and influence people од Dale Carnegie

 

Или преведена на српски: Како стечи пријатеље и наклоност људи. Не знам дали има македонски превод.

Оваа книга е напишана во 1936 година и е бест селер до ден денес. Многу ми е мило што ја прочитав. Книгава не е добар предлог за оние со големо его и немање желба да го менуваат однесувањето. Принципите опишани во оваа книга можат да се користат во секој ден во сите ситуации. Многу дознав за себе и видов колку сум била неосвестена во многу ситуации и како сум можела поинаку да изреагирам.

Иако во оригиналниот наслов постојат зборовите “winning” и “influence people”, содржината воопшто не е за како да изманипулирате некого или да му земете нешто. Туку е за намалување на личните осуди кои ги даваме за другите и преиспитување на сопствените постапки. Ако не ви се допаѓа вашата реалност, менувајте се себе си. Не се обидувајте да ги менувате другите.

 

Атомски навики од Џејмс Клир

 

Насловот кажува сѐ. Секој кој е заинтересиран за подобрување на своите навики треба да ја прочита. Ова е совршена книга ако чувствувате дека многу работите, а не гледате резултати. Пораката е: не е вашиот талент или напорната работа она кое ќе ве доведе до остварување на вашите цели. Малите секојдневни навики ќе го сторат тоа.

Дали секогаш доцните по 15 минути на закажан термин? Дали вежбате редовно? Дали проверувате Фејсбук и Инстаграм во првите пет минути штом се разбудите? Дали одложувате да работите на проект, а потоа ден и ноќ работите кога ќе се приближи рокот? Како го поминувате слободното време? Дали пријателите ве поддржуваат и се позитивни? Дали се откажувате секогаш кога ќе ве одбијат за нешто? Малите работи кои ги правите секој ден ги дефинираат задоволството и исполнетоста во вашите животи.

 

Daring greatly од Brene` Brown

 

Или на македонски би му дошло “Осмелете се.“

Книгава дава одлична лекција за ранливоста. Што значи да се биде ранлив? Како да ја изразиш ранливоста и на работа? А што е со срамот? Книгава е забавна и чувството е како да си на кафе со авторот. Нејзината перспектива е: единствен живот вреден за живеење е да ги ставиш на страна срамот и стравот од одбивање и храбро да влезеш во арената и да си играш.

 

 

 

Your erroneous zones, од Wayne Dyer

 

Или „Твоите погрешни зони“

Има толку многу да се каже за делото на Вејн Даер. Тој  напиша 40 книги во текот на својот живот, а 20 од нив се бест селери и денес. Ова зборува многу за неговите способности и талент во комуникација со неговата публика. Ако ги сакате неговите видеа, книгите ќе ви се допаднат уште повеќе.

Во оваа книга опишува низ 12 поглавја како да се ослободите од негативното мислење. Со негови зборови: “Суштината на величината е способноста да се избере лично исполнување во услови кога други избираат лудило.“

 

 

Dying to be me, од Anita Moorjani

 

Или во хрватската верзија „Поновно роџена“. Не знам дали е преведена на македонски

Ако имате страв од смрт; ако некој што го сакате го напуштил физичкиот свет; ако се соочувате со неизлечива болест; ако сакате да чуете што искусила авторката кога доживеала клиничка смрт – оваа книга е за вас.

Анита Морџани им има помогнато на десетици илјади луѓе во светот со нејзините книги и јавни говорења. Оваа книга е нејзина биографија која го опишува нејзиното детство во Хонг Конг и животните настани кои ги доживеала како возрасна личност. Се борела со тоа да најде баланс помеѓу културата во која израснала и Индиската култура на која припаѓало нејзиното семејство.

Се обидела да ги задоволи очекувањата на околината, што креирало конфликт во неа. Како што опишува, таа внатрешна борба се манифестирала како рак. Денес таа знае дека ако живеела во баланс со нејзините желби и стремежи, никогаш немало да се разболи. Нејзината мисија е да ја рашири оваа порака во светот за болеста, исцелувањето, стравот, љубовта и вистинската вредност и величина на секое човечко суштество.

 

Се надевам дека ќе ви служат овие предлози и ќе најдете инспирација што да читате следно.

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

Везилка Магазин