Читање книги ми е една од омилените активности. Во изминатите шест години не можев да уживам во читање онолку колку што сакав. Најголемиот дел од времето го инвестирав во грижа околу Јоана и интегрирање во нова држава. Можев максимум да читам 30на минути, едвај неколку пати неделно.
Минатата година динамиката ни беше малку поинаква. Поминавме 5 месеци во болница, како што знаете од овој текст.
Беше стресен период со многу неизвеснот. И тие неброени саати ги инвестирав во читање покрај креветот на Јоана, читајќи книга по книга.
Не беше лесно да се фокусирам на било што друго што не е Јоана, но верував дека читањето помага да се редуцира стресот и стравот кои ги чувствував. А колку помалку се грижам, толку повеќе ѝ помагам.
Читав сѐ од романи, автобиографии, комедии, драми, класици, позитивна психологија (самопомош) до биографии и трилери. Сѐ што ми се најде при рака.
Овој текст е краток приказ на книгите кои најмногу ме импресионираа и посакав повторно да ги прочитам.
Прво, What to do about your brain injured child, Glen Doman, или Како да му помогнете на вашето дете со оштетен мозок.
Скептична бев за оваа книга особено затоа што е напишана од доктор. Кога видов дека е 400 и кусур страници и содржи “мозочно оштетување“ во насловот, си помислив: ова ќе биде досадна и комплицирана медицинска студија. Сигурно сѐ е за протеини и гени и други медицински работи кои нема да ги разберам.
Но, одлучив да ѝ дадам шанса и од тогаш не можам да престанам да ја препорачувам книгава. Ова е скапоцен алат во рацете на посебните родители.
Но, не само тоа. Книгава дава многу вредни објаснувања за тоа како функционира човечкиот мозок на многу разбирлив едноставен начин. Ја објаснува разликата помеѓу оштетен и здрав мозок. Зборува за можности за обновување и пластичноста на мозокот. Истражува бројни случаеви на неверојатни опоравувања и опишува како и личност со мозочно оштетување има полн капацитет за емпатија, емоционална интелегенција и чувства.
Покажува колку личност со мозочно оштетување може да напредува кога е во позитивна околина. Спротивното се случува кога личноста е помеѓу луѓе кои ја сожалуваат, се жалат и се тажни цело време. Кога околината е негативна се креира голем товар за лицето со мозочно оштетување. Топло ја препорачувам оваа книга. Постои српско издание во електронска верзија и поставена е во некои Фејсбук групи бесплатно.
Следна, Е2 од Пем Грут (E2 by Pam Grout).
Напишана е во хумористичен стил и е претставено истражување на Законот на привлечност. Содржи 9 експерименти за да се тестира дали целата таа филозофија функционира или е само едно големо ву-ву. Сугерира дека експериментите можат да бидат направени од било кој, па може да си пробате. Дадени се објаснувања чекор по чекор за секој експеримент. Содржи многу анегдоти од животот на авторката која не се штеди да си се смее на своја сметка. Баш се забавував читајќи ја оваа книга и дури и пробав неколку експерименти.
Но, со оглед на фактот што бев во болница, а не дома, ја немав потребната атмосфера да си играм повеќе и да видам што ќе се случи после секој експеримент. Затоа оваа година ќе ја препрочитам и ќе го завршам работниот дел од почеток до крај. Што да кажам – сакам да си играм и да видам дали можам да научам уште нешто што ќе ми го подобри животот. Или ќе им помогне на други.
Вортекс од Естер и Џери Хикс е исто така една од омилените книги за 2020.
Слушам Абрахам Хикс видеа кога ми треба спиритуален одговор на конкретен животен предизвик. (Ако сакате повеќе да најдете на темава гуглајте или побарајте на YouTube). Требаше да присуствувам на дводневна работилница лани во Амстердам, но презакажана е за 2021. Ја препорачувам книгава без пошироко објаснување – едноставно, прочитајте ја.
Преполна е со мудрост и практични совети и принципи за како потполно да се живее и ужива во животот. Пораките во книгава доаѓаат од повисоко ниво нефизичка интелегенција канализирана низ Естер Хикс. Јас не кажувам никому како да мисли и во што да верува. Јас само сум отворен ум и слушам кој што има да каже. Можеби е ву-ву, можеби не е. Единствениот начин да дознаам со сигурност е да ги применам советите и принципите во реален живот. Повеќето од ова го истестирав и за мене функционира. На крајот, тоа е важно, резултатот. Не е важно од каде доаѓа советот.
Патување на душите и Судбина на душите од Мајкл Њутон (Journee of souls and Destiny of souls by Michal Newton. )
Овие два книги се поврзани. Тоа се студии од Мајкл Њутон кој е хипнотерапевт и работи регресија на минати животи со клиенти. Книгиве се сметаат за провокативни и контраверзни.
Содржат сеанси на луѓе од цел свет кои под хипноза се сеќаваат на минати животи. Одбрав да ги прочитам со отворен ум затоа што: што всушност ние знаеме со сигурност? Немаме никаков доказ дека ова е или не е вистина. Можеби луѓево под хипноза навистина се сетиле на минати животи. Можеби тоа е само нивна фантазија.
На крајот на денот, мене ме смирува помислата дека ние не завршуваме со умирањето. Туку само преоѓаме во друга димензија. Ова верување ми прави да се чувствувам убаво. Да не спомнувам дека читањето на книгиве многу месеци пред Јоана да почине ми дојдоа како решение пред проблемот. Ми беа добра подготовка и тоа што го прочитав ми помогна многу во процесот на тагување.
Finding your own north star од Martha Beck – не знам дали е преведена на македонски. Оваа книга често ја подарувам на други.
Марта Бек е неверојатна писателка. Главната професија ѝ е тренер за личен развој и Опра е една од нејзините клиенти.
Ова не е само книга за само-помош, туку е збир од долгогодишно искуство од работа со луѓе. Марта Бек не толерира изговори. Можно е да се подобри животот без оглед на тоа каде живеете и под какви околности! Точка. Нуди практични совети, работни листови за истражување на своите мисли и емоции, сето тоа за да се приближите кон „вашата ѕвезда Северница“(во книгата е објаснето што се мисли под тоа). Има бројни примери од секојдневниот живот.
Читајќи ја ќе видите како луѓето имаат исти проблеми и несигурности без разлика во кој дел од светот живеат. Се соочуваат со истите препреки, сомневање во себе, проблеми во комуникација со партнерот или на работа, работење на работа која ја мразат, заглавени во круг на задоволување други и страв да се каже „не“.
Man search for meaning, од Victor Frankl – не знам дали е преведена на македонски ама 100% ја има на српски/хрватски.
За оваа книга слушнав во видео од Вејн Дајер како една од книгите кои му го промениле животот. Ја прочитав и сега знам зошто ја препорачуваат.
Во неа Виктор Франкл ја опишува својата биографија. Тој ги преживеал концентрацоните логори во Аушвиц. После војната го посветува животот на психологијата и меѓу другото, ја пишува оваа книга. Не сакал да се изложува во јавност и да привлекува внимание на себе. Дури сакал книгава да ја објави под друго име и да се држи анонимно што е можно повеќе.
Неговата порака е дека секој живот, без разлика колку е исполнет со страдање, агонија, препреки и предизвици е вреден да се живее. Секогаш постои шанса за позитивен исход. Никогаш не кревајте раце. Секоја ситуација, без разлика колку тешка, има нешто позитивно во себе. Оваа книга е ремек дело. Преведена е на преку 24 јазици и продадена во над 10 милиони копии. Искрено ја препорачувам на секој кој страда и посакува да е во поинаква ситуација.
The 5 am club, од Robin Sharma
Оваа ја прочитав летото. Типична книга за само-помош со совети, идеи и принципи како да се искористи максимум од денот и максимум од животот. Ми се допадна книгава затоа што не е само филозофија и лични размислувања на авторот. Има и приказна и објаснета е идеата за утринска рутина и зошто е таа корисна.
Продолжува следната сабота..
Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.
Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.