Книжевно творештвоМузика и уметностРепортажиСветот низ наши очи

Подем и пад на една бескрајна приказна

Везилка Магазин

Додека шетам низ рушевините останати од стариот Рим наслутувам како тие градби изгледале во свое време – најчесто прекриени со бел мермер кој сјаел. Но за жал и на еден таков Рим му дошол крајот и денес тоа се само рушевини, некои од нив прилично зачувани, во добар дел благодарение токму на туристите кои со својот долар или евро допринесуваат тие повторно да заживеат и ако ништо друго да бидат колку-толку реставрирани или барем да се подзапре забот на времето од нивно целосно уништување.

Овие градби од римско време подоцна биле масовно уништувани токму од локалното население, особено во средниот век кога буквално биле разградувани и материјалот – тулите, мермерот, дрвенаријата се користеле за градење на живеалиштата на оние што дошле да живеат со векови потоа на рушевините на римската империја. Некогашните импозантни театри, величествени палати, раскошни бањи, богати библиотеки се претвориле во масовни живеалишта на еден свет кој западнал во беда, мрак и незнаење. Она што некогаш човековата мисла го осознала и создала како најголеми достигнувања во архитектурата, вајарството, науката и слично постепено почнало да пропаѓа и да се заборава.

На крајот се достигнало едно зачудувачко ниво на затaпеност на просечниот човек кој тие прекрасни градби веќе не ги ценел како такви, туку само како материјал што можел да го користи за своите (најпримитивни) секојдневни потреби. На пример, мермерните плочи од некогаш грандиозните објекти сега се користеле по пазарчињата како маси на кои се изложувала стоката за продажба. Или на пример во истите објекти почнале да живеат луѓе кои не биле ни од далеку на степенот на развиток како претходните сопственици и честопати ги закопувале починатите под подот во просториите каде што живееле. Владеела беда и голема нехигиена, човештвото назадувало со векови после тоа, сè до ренесансата.

Ова го пишувам бидејќи ваквите примери се особено очигледни во Рим, посебно кога се разгледува историскиот дел и кога се шета наоколу по тие рушевини и се читаат бројните записи за она што се случувало тука низ вековите. Баш пред малку шетавме меѓу остатоците на театарот Teatro Marcello: убав пример како завршил овој театар останат од римско време – од тогашен театар со време бил руиниран и претворен во стамбен објект, оригиналниот материјал од театарот бил пренаменет за градење на станови на врвот на театарот, класичен пример на уништување на старото кое вредело многу повеќе од она што потоа се градело, да не речам прикрпувало врз него. По сè изгледа човештвото не учи од историјата, без разлика колку пати таа се повторувала.

текст и илустрации: Владо Јаневски
(кратки белешки од патувања по светов)

Везилка Магазин