Музика и уметностПод друга шапка

Под друга шапка со Анета Качуркова – Вистински важни се среќата, радоста, едноставноста

Processed with VSCO with e8 preset
Везилка Магазин

Благодарна сум на себе си што сум во контакт со моето внатрешно дете на кое му е дозволено да си игра и креира спонтано како ќе му дојде.

 

Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.

Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот ѝ го отстапуваме на наша авторка од Франција. Творечката шапка ќе ја поткрене Анета Качуркова – композитор, текстописец, џез и соул музичар.

 

OПИШИ ЕДЕН (РАБОТЕН) ДЕН ОД ТВОЈОТ ЖИВОТ?

Анета: Утрото ми започнува со кафе и читање на спиритуална книга, само колку да се потсетам себе си што е вистински важно: среќата, радоста, едноставноста. Потоа вежбам Чи Кунг и Таи Чи. После овој „ритуал” започнуваат работните активности, или часови или компонирам на компјутер нова музика, или имам проба. Распоредот ми е различен секој ден и тоа ми дава свежина. Вечерта правам рефлексија што сум научила дента, или запишувам нови идеи или читам нешто. Во позадина ми оди една од омилените серии кои сум ги гледала многу пати.

 

ДАЛИ ЖИВОТОТ ВО ТВОЈАТА СРЕДИНА СЕ МЕНУВА НА ПОДОБРО ИЛИ ПОЛОШО И ЗОШТО?

Анета: Во парискиот регион во Франција за време на ковид пандемијата имаше многу рестрикции, правилата за предавање се менуваа на 2-3 недели. Многупати моите ученици не беа мотивирани да работат, меѓутоа јас давам сѐ од себе најпрвин да им го подигнам расположението и да креирам средина на часот во која тие ќе се чуствуваат безбедно и опуштено, па после тоа да ги мотивирам да свират/пејат. Среќна околност е што музиката има лековити својства сама по себе. Така што целиот овој период имам една цел – учениците да бидат среќни на час, сѐ друго е бонус.

 

КАКО СЕ ИНСПИРИРАШ, КАКО ТИ ДОАЃААТ ИДЕИ ЗА ПИШУВАЊЕ?

Анета: По природа сум сензитивна и многу нешта ме допираат, а пишувам за тоа што ме допира. Така што не патам од немање инспирација, креирањето (преку зборовите, мелодиите, геометриските форми) ми доаѓа спонтано и лесно, како дете кога е во свој свет, си креира и таму сѐ е можно. Благодарна сум на себе си што сум во контакт со моето внатрешно дете на кое му е дозволено да си игра и креира спонтано како ќе му дојде. Имам периоди кога не креирам ништо туку слушам музика и гледам филмови, уметност и ги анализирам. Мислам дека двата периода (на креирање и не-креирање) се тесно поврзани како две страни на една иста паричка, како вдишување и издишување, како плима и осека.

 

ДАЛИ МИСЛИШ НЕКОГАШ ДА СЕ ВРАТИШ ВО МАКЕДОНИЈА (ДА/НЕ) И ЗОШТО?

Анета: Во моментот поради фамилијарни и професионални причини останувам во Франција. Имам среќа што Македонија е блиску до Франција така што после ковид рестрикциите планирам да одам таму често и да држам работилници по пеење како и да правам нова музика со колегите музичари. За перманентно враќање никогаш не се знае, оставам на Универзумот.

 

Следува дел од поезијата на Анета што ја одбравме за Везилка:

 

Порака

Една насмевка
Со радост кажана
Сонце огрева

Една мисла убава
Од тишината
Цел свет менува

Има еден глас од светлина
Носи една чиста порака
Љубовта вистинска
Од мене таа извира

Одговор на сѐ има во мене
Нема простор, таму нема време
Нема крај

Една прегратка
Со љубов дадена
Живот лекува
Една мелодија од срце отпејана
Срца спојува

Има еден глас од светлина
Носи една чиста порака
Љубовта вистинска
Од мене таа извира

Одговор на сѐ има во мене
Нема простор, таму нема време
Нема крај

 

РАЗБУДИ СЕ

Разбуди се
Разбуди се
Со првиот зрак
Разбуди се

Отвори ги очите
Не пуштај уште еден ден да одмине

Биди љубов
Биди љубов
Секој миг од твојот ден
Биди љубов

Биди едно
Биди едно
Со твојата имагинација
Биди едно

Креаторот…си ти!

Разбуди се
Разбуди се
Со следниот здив
Разбуди се

 

СОНУВАМ

Сонувам
сина светлина
ме допира длабоко
ме обзема

Го сонувам твојот мирис
Минувам низ некој ходник
Посегам по тебе
Никако да те стигнам

Сонувам како те барам
Те има и те нема
во исто време
Никако да разберам
Зошто те сонувам
И се будам

Анета Качуркова е родена во Скопје, Македонија, 1982. година. Уште од рана возраст се заљубува во музиката и, како самоук музичар, сама го пробива патот на џез и популарното пеење, слушајќи џез и соул музичари. Тинејџерските денови ги минува како лидер и член на вокалното поп трио ПС. По стивнувањето на активностите на поп естрадата, работи како композитор и текстописец со Роберт Билбилов за други изведувачи. Во 2012та година дипломира на музичкиот факултет “Гоце Делчев” во Штип на отсекот џез пијано во класата на Илија Пејовски и Васил Хаџиманов. Непосредно после тоа го издава нејзиниот прв џез албум „UNIVERSALOVE“, со Тони Китановски како музички продуцент. Следува плоден период со многу настапи во различни групи во Македонија и Балканот, Полска, Јужна Африка. Во 2017 година се сели во Париз, за денеска да биде професор во две школи (American School of Modern Music и Conservatory of Music – Fontainebleau) и 5 авторски албуми.

Везилка Магазин