Во средината каде што живееме, нема шанси да се чуе и користи македонскиот јазик и мислев дека преку книгите кои ќе ги напишам, моите деца а и други деца во слични ситуации ќе имаат уште еден извор на запознавање со јазикот освен мајка им.
Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот ѝ го отстапуваме на наша авторка од САД. Творечката шапка ќе ја поткрене Билјана Беламариќ Вилси – педагог, лингвист, преведувач и автор.
Опиши еден (работен) ден од твојот живот?
Билјана – Како и за многу други, и за мене, еден (работен) ден последнава година е поинаков од било кога! Пред пандемијата, обично наутро одев на работа, јадејќи појадок во кола или пред компјутерот на работа. По работа ги возев децата на разни активности – балет, театар, фудбал итн. Потоа пишувавме домашни, вечеравме, некои вечери јас предавав македонски, и – назад во кревет. Имавме повеќе структура.
А сега, во време на пандемијава, речиси и нема стандарден ден. Некои денови децата имаат виртуелно училиште во живо, некои денови имаат само домашно кое треба да се напише. И јас и сопругот работиме од дома и кога и да им треба нешто на децата правиме пауза па потоа се навраќаме на работа, што значи работиме од порано до подоцна со повеќе прекини. За среќа, работодавачите ни се флексибилни и ги разбираат потребите на вработените во ова чудно време. Па и македонските часови се распоредени во текот на целиот ден (а и викенди) во зависност од денот и желбите на учениците. Една работа што е убава за мене оваа година е тоа што мојот сопруг готви вечера речиси секој ден. Тој е одличен готвач, но поради работни причини не можеше да готви секоја вечер пред пандемијава. А сега, тоа му е еден вид на релаксација, а јас и децата уживаме во неговите креации!
Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?
Билјана – Јас отсекогаш сум била оптимист, па се надевам дека во мојата средина животот се подобрува. Промените се неизбежни и надвор од наша контрола. Но, јас имам тенденција секогаш да најдам нешто добро во тоа што се случува (видете го одговорот погоре како пример).
Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеи за пишување?
Билјана – Обично идеите ми доаѓаат кога ќе направам пауза. Кога децата беа помали, читавме заедно многу. Читајќи ја детската литература на англиски, добив желба да пишувам слични дела на македонски. Бев инспирирана од автори како Мо Вилемс и Сандра Бојнтон. Во средината каде што живееме, нема шанси да се чуе и користи македонскиот јазик и мислев дека преку книгите кои ќе ги напишам, моите деца а и други деца во слични ситуации ќе имаат уште еден извор на запознавање со јазикот освен мајка им. А бидејќи магистратурата ми е по педагогија, сакав книгите да имаат и педагошка вредност за учење на јазикот. За мене лично, инспирацијата ми доаѓа лесно! Секогаш имам идеи! Проблемот ми е да се најде време за да се седне и за да се остварат проектите. Морам да си признаам дека често сум перфекционист, па продолжувам да ревидирам веројатно подолго отколку што треба…
Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?
Билјана – Сега за сега немам планови да се вратам во Македонија. Во САД веќе сум поминала повеќе од пола живот и сум остварила многу нешта за кои само мечтаев кога живеев во Македонија. Би сакала повеќе да се гледам со семејството и пријателите кои се уште живеат таму, но далечината си го прави своето. Благодарејќи им на социјалните мрежи, последниве неколку години се чувствувам многу поповрзана со семејството и пријателите отколку во последните неколку децении.
Следува дел од поезијата на Билјана што ја одбравме за Везилка:
Големата (е)миграција
Не сакаме веќе да летаме на југ.
Непријатно време,
остри јазици.
Нашето мало јато
се колве самото себеси.
Ние сè повеќе летаме на запад.
Макотрпен пат
кон интелектуален живот.
Нашето уште помало јато
се претопува постепено во друго.
Екран – огледало
Пролет.
Време на лудило.
Две врапчиња
пред мојот прозорец
жестоко разврзале.
Кој кого ќе го натпее,
кој погласно ќе зацврчи,
чиј ќе биде последниот збор,
кој е во право или
кој колку пати бил во право.
И тие ли се пијани или
само себични?
Станале политичари или
скарани љубовници.
По долгата сива зима,
првото пролетно сонце
ги полудело.
Кој повеќе знае,
кој поуспешно води,
чие искуство е побогато,
кој е посилен или
кој посилно удира.
Имаме ли избор или
пролетта го чини своето?
Билјана Беламариќ Вилси е родена во Скопје, Македонија и израсна зборувајќи српско-хрватски со татко и и македонски со мајка и. Бидејќи родителите зборуваа и други странски јазици, а мајка ѝ беше филолог со специјализација по германски јазик, уште од мали нозе, Билјана пројави интерес за странски јазици, изучувајќи англиски, француски, германски, а во средно училиште и латински. На свои 15 години, таа доби стипендија да живее 6 месеци во САД, по што таа го продолжи нејзиниот престој да заврши средно училиште (на 16 години), а потоа и факултет (на 20 години), две магистратури (на 21 и 24 години) и докторат (на 34 години). Првата магистратура беше по Англиски како втор јазик при Универзитетот на Мемфис, и како дел од магистратурата, таа предаваше англиски еден семестар во Чешка. Втората магистратура беше по лигвистика на словенски јазици при Универзитетот на Северна Каролина во Чапел Хил, каде таа студираше социолингвистика и учеше чешки и руски и предаваше социолингвистика, руски јазик за почетници, и педагогија. Во тоа време, таа исто така работеше како преведувач за професор-соработник на Меѓународниот трибунал за воени злосторства во Хаг и за професор кој работеше на истражувачки грант Фулбрајт-Хејс. Беламариќ Вилси ја напиша нејзината магистерска тема за лингвистичките промени во македонскиот Устав по Охридскиот Рамковен договор.
Гледајќи колку малку ресурси има за изучување на македонскиот јазик во споредба со англискиот, Беламариќ Вилси беше инспирирана да ги примени своите знаења кон решавање на овој проблем. Во 2007 година, таа го формираше „Интернет центарот за македонски јазик“ (http://macedonianlanguage.org) и почна да создава интерактивни мултимедијални ресурси за изучување на македонскиот јазик и култура, кои подоцна беа користени како дел од курс за учење македонски од далечина при Универзитетот на Северна Каролина. Таа исто така беше тутор преку интернет, предавајќи македонски на студенти од Европа, од Америка, како и од Блискиот Исток. Во 2012 година, Центарот доби интернационално признание како најдобра веб страница за бесплатно изучување на јазици – наградата Access to Language Education од организациите Computer Assisted Language Instruction Consortium, Lernu.net, и Esperantic Studies Foundation. Беламариќ Вилси е исто така автор на четири билингвални книги за деца: „Животните и нивните омилени бои (Animals and Their Favorite Colors)“, „Потреби и чувства (Needs and Feelings)“, „Спротивности (Opposites)“, и „Гости (Guests)“, кои можат да се купат преку Амазон и веб страницата на Центарот: http://macedonianlanguage.org/Buy/Books.aspx.
За докторските студии на Државниот Универзитет на Северна Каролина, Беламариќ Вилси се фокусираше на инструкциона технологија и беше добитник на Наградата за Дисертациона Помош при Колеџот за образование. Нејзиниот докторат беше на темата како возрасни ученици користат мултимедијални и интернет ресурси за изучување на македонскиот јазик. Нејзините истражувања исто така беа избрани за печатење во многубројни професионални публикации и презентирани на конференции.
Покрај функциите на генерален директор, дизајнер на инструкциони материјали и тутор при Интернет центарот за македонски јазик, Беламариќ Вилси е и менаџер на програми и поранешен лингвист за интернационалната компанија за софтвер за аналитика – SAS Institute (http://www.sas.com). Како лингвист, таа допринесе кон домените на текстуалното рударство и компјутерско процесирање на природни јазици со фокус на словенските јазици. Таа исто така пишува блогови на овие теми (https://blogs.sas.com/content/author/biljanabelamaricwilsey/). Како менаџер на програми, таа им помага на тимовите со кои работи да применуваат повеќе агилност во секојдневната работа.
Беламариќ Вилси е мажена и има три ќерки. Таа често волонтира и ја користи секоја можност да ги претстави македонскиот јазик и македонската култура преку интернационални фестивали, конференции, и други манифестации.