Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот му го отстапуваме на наш автор од Австралија. Творечката шапка ќе ја поткрене Божин Павловски – академик, писател и издавач.
Опиши еден (работен) ден од твојот живот?
Божин: Во раната младост, на моите 18 години, паркот во Битола од страната на железничката станица ми служеше како работен амбиент. Со часови го чекав познатиот воз, од мештаните викан “симплоно” да почне со полнење момчиња со куфери в раце, како заминуваа отаде морињата. Потоа ќе се приберев во собичката покрај Драгор, долго го пишував својот расказ. Немав кондиција за нешто од поголем формат, како роман. Сега мојот работен ден е многу подолг отколку во раната младост. Самиот процес на создавање роман апсорбира многу време за размислување. Седнувам убеден дека ја носам главата на романот во сопствената глава, но брзо откривам дека користам излитени зборови што ја убиваат мојата инспирација. И следува долга скитија во заливот, барање на вистинските зборови. Но и потоа, кога ќе се убедам дека сум ги пронашол и поставил во ракописот, ми претстои пресметка со себе: дали сум остварил полнотија во смисла на композицијата, стилски како изгледа тоа. Нели современата приказна треба да биде убаво раскажана но и да кажува нешто од значење?
Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?
Божин: Како што можеме да посведочиме самите, во последниве две години животот драматично се промени. Никој жив на планетава веќе не се осмелува да каже дали на подобро или на полошо. Во 1982 година објавив еден роман со наслов “Црвениот хипокрит” во кој главниот херој во алкохолизирана состојба му вели на својот соговорник дека “светот ќе го изедат вируси”. Тоа беше доживеано како научна фантастика. Но сега можеби ќе имаме големи проблеми со тие невидливи суштества.
Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеи за пишување?
Божин: За своите романи трошам многу време барајќи вистински теми. Тој процес зрее со години. Не сум седнал да создавам книга без претходно темата да ја доживеала вистинската зрелост во мене. Најдолго го пишував романот “Подвижни гробови”, подолго од десет години.
Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?
Божин: Уште кога заминав при крајот на 1988 година, јас бев свесен дека својата прва татковина нема да ја напуштам. Еве минаа 33 години во кои си го одржав зборот. 41 пат се вратив таму и си поседував во просек по четири до пет месеци. Не само што куќата во Скопје не ја отуѓив, туку во 2018 добро ја обновив и планирав да си останувам подолго. За жал, пандемијава ги измести и моите планови. Но, одвај чекам да се обнови авионскиот сообраќај.

Следува краток извадок од романот „Египетска сонувалка“ што го одбравме за Везилка:
1.
Царинските формалности на аеродромот во Каиро свршуваат брзо. Иако пристигам од Македонија, овде ме третираат како познат австралиски издавач. Само официозот Ел Дин, кој ги дочекува сите делегации на Саемот на книгата, во оваа славеничка година за Египет, кога еден нивни писател е овенчан со Нобел, искажува дилема со прашањето: “Нѝ доаѓаш од земјата на кенгурите или од земјата на големиот Александар?”. Не го чека мојот одговор туку на срдечниот арапски поздрав му додава извесна сентименталност: “Жал ми е за жена ти”, како да заборавил дека сочувство ми изрази и минатата година.
Му ја кажувам својата приватна желба за време на мојот престој во Каиро да сретнам две жени од малата заедница на Македонците, Ена Синицка и Флора Димова, мажени за Египќани што некогаш одамна студираа во Скопје. А тој, срдечен и духовит како смешниот Фернандел, се фаќа за брадата, си ги собира рамената. Веројатно и се чуди зошто таква желба не изразив минатата година, но сепак делумно го задоволува моето љубопитство.
“Можеби Ена била некогаш Синицка, сега Шариф, ќе ја најдеме, таа е јавна личност, но за другата не сум чул никогаш“ вели со воздржана насмевка.
Вистинско пролетно време овде во Африка, среде европската зима и австралиското лето, тешката облека почнува да ми пречи. И вревата на аеродромот е неподнослива, десетици авиони се подготвуваат за летнување накај сите континенти.
Пред зградата ме чекаат две коли, еден стар Фијат со господинот Јусуф Беговски, поранешен учител од Македонија, сега без постојана работа во Каиро, и Мерцедесот со возачот на австралискиот амбасадор. Се прегрнувам со мојот долгогодишен соработник, му велам дека ми е мило што го гледам повторно и го советувам да вози зад дипломатската кола се до хотелот Ел Борг крај Нил.
“Ангажирав девојка што ќе нѝ помага” се пофалува тој додека отклучува и ме следи како седнувам во колата со австралиско знаме.
“Каква е таа девојка”, се чудам. На ланскиот саем тој не сакаше да се развева женско здолниште, туку ме наговори да ангажирам студенти од Ал Асхар, идни македонски оџи, божем да им помогнам да си за работат џепарлак, се присетувам. Бездруго неговата итрина е поврзана со мојот статус на вдовец, заклучувам со блага насмевка на усните. “Да не мисли Јусуф да ме жени?” си мрморам и сè уште не знам дали таа идеја ми се допаѓа или ме одбива.
Хотелот ми е познат, секогаш отседнувам во него, тивок и убав, од постарите и прославените во Каиро, во него престојувал и Радјард Киплинг на патот за Индија. Собата комфорна, преуредена, со телевизор и фрижидер, персоналот срдечен…
Божин Павловски, македонски автор на 22 романи што освоиле исто толку домашни и меѓународни награди и признанија. Член на Македонската академија на науките и уметностите од својата 46 година. Досега неговите романи доживеале околу стотина преведени изданија на 20 странски јазици.
Претседател на Бордот што ги издава двата неделни весника: Australian Macedonian Weekly и Australian Macedonian Today.





Пријатно ми беше четивото од и за Божин Павловски. Барем да беше малку подолг исечокот од „Египетска Сонувалка“. Би сакала еден ден лично да го сретнам, така, за малку муабет.
Ѓ.Ч.