Луѓето ми се најинспиративни! Какви ликови има!? Ха ха ха! И можеби звучи банално ама така е, ЖИВОТОТ ПИШУВА РОМАНИ – ние само ги прераскажуваме, некои подобро, некои полошо.
Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот ѝ го отстапуваме на наша авторка која во потрага по подобар живот повеќе години поминала во Грција и Хрватска. Творечката шапка ќе ја поткрене Бо Барбов – прозаистка, театарска уметничка и готвачка.
Опиши еден (работен) ден од твојот живот?
Бо: Еден мој работен ден во овој период, не знам како ќе звучи ама така е, еден дел од денот работам, напорно работам и тоа во поголемиот дел од денот, а она малку време што ми останува, го користам за убаво да се одморам за следниот ден. Одмарам значи да спијам, да читнам нешто (последно што се почестив од плата беа 3 книги од Господинов, си ги нарачав од Или Или) малку музика, многу малку, скоро ич разговори со луѓе дури и блиски… Гледање во „празно“ и апсолутна тишина секогаш добредојдени.
Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?
Бо: Животот во мојата средина, да! Се менува! Тоа мислам дека е и неговата суштина, да тече и да се менува! Дали на подобро или полошо? Па ми се чини дека во исто време у некои сегменти се менува на подобро, а во други на полошо. Секој век си ги носи промените. Генерално секаде се менува животот и супер што е така! Па нела е и на полошо-понекогаш. Е, застанат живот, шо ќе ти го!?
Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеи за пишување?
Бо: Јас не сум писател. Јас само „гласно“ го пишувам тоа што го мислам. И ете, понекој сака да читне што сум искажала. Инспирација ми е самиот живот со горенаведените погоре негови лоши и добри токови! Луѓето ми се најинспиративни! Какви ликови има!? Ха ха ха! И можеби звучи банално ама така е, ЖИВОТОТ ПИШУВА РОМАНИ – ние само ги прераскажуваме, некои подобро, некои полошо. Некои гласно, некои тивко! Јас сум комбинација добро и гласно. Знам некогаш да го убодам! Кога? Како? Само ќе ми се каже!
Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?
Бо: Јас уствари од Македонија никогаш не сум ни заминала! Можеби делимично-физички! Баш сега не сакам да „звучам“ патетично и затоа причините заради кои се вратив и физички и никогаш повеќе нема да заминам од Македонија нема да ги кажам. Многу неправди си имаме направено јас и Македонија меѓу себе, крајно време е да ги исправиме! Отидов, видов троа свет хаха и ако беше за добро-доста е!
За ништо не можеш да правиш планови, како се вика, ако сакаш да го насмееш Господ- прај планови ама мојот избор сега за сега е Македонија!
Следува кратка проза што Бо Барбов ја одбра за Везилка:
Американски филм
Нема шанси уште едн’ш да седнам да гледам американски филм!
Седнах, пуштих драма, викам чеки саа да се опуштам, ќе заспам, а бе пичка ли им лепа материна живците ми ги сокинаа, не заспах до сабајле, кутија цигари испуших на терасата од нервоза! Значи вака бидна:
Пуштам, филмо почнува вака: рано сабајле, мажо и жената оште спијат, гушнанки у загрљај, жената исчешланка, нашминкана, а тај еден маж!? измазнан, избриченн, исчешлан, ни мрднува, ни прднува! Заѕвони саато, подразбудија се, и одма почнаа да се бацуват за добро утро!
Ејгидии, чудам се, викам си по ак’ло, а бе тии човеци мора за вечера да се јаделе поховани херба бомбоне по 300гр. а не кату нас, говеда, напукааме се сношти пржено сирење, френка, и лукосани чушки, добро ставииме и магданос да убие смрдеата од луко, ама џаба! Тава ми беше првичнио шок! Сега, стриктно на жената се концентрирам, да видам она до дека е стигнана у живото а до дека сам јас! Шо ми требаше?! Жената у еден ден, стигна да оде сабајле на џогинг, да се истушира, да оде на работа, после да си прибере децата од школо, да оде у шопинг, у книжара книга да си купе, со другарките на кафе да оде, да копа китките у бафчата, да напраа и појадок и ручок и вечера, и ужини, дома сичко цакум-пакум, а влеват-излеват, облечуват-соблечуват, јадат, пијат, а куќата СВЕТЕ!
Чистачка, т.е. куќна помошничка не видех нигде, изгледа за време на рекламите и чистаа, не знам, нисам паметна! Жената за цело време беше дотерана, таква пицнана, дури и гомната од кучето ка ги збираше по дворо, со штикли беше! А со мажо и, здробија се бацувајќи! На секое влеване и излеване од дома, они се бацуваа! Хај хани-цмок, бај хани-цмок! И така, едно четиријсе пати! Они колко се избацуваа за сатипол, ние со мојо маж за цел живот се нем’ме избацувано Памтам така ка се регистрирааме се бациме и после од нова година на нова година и тва не секоја!
Децата па на ваа жената у филмо, как и беа у ред туренки-свака част! А бе 9 саато, само шо кажа мајката, ајде деца време е за спање, ни крк ни мрк тија дечичката, право си легнаа! Јас ка ќе замалеам, ајдеее 10 саато, ајдее 11саато, ајдеее 12 саато, и ќе заспам попрва малеејќи, изморена од живото, а и плус паднан притисоко од луко, купа станувам! И не ми е гајле веќе кој легнал, кој јадел, кој заспал! И ја, нервирах се од тај филмо, нервирах се, цела ноќ! Зашо, толкаво жениште сам, не можам ни 12% да постигнам у дено, од американката шо направи! А најкриво ми стана, мажот и ни еднаш не га препцуја! А бе еднаш да и кажеше само, пичка ти мајчина, да ми напраа ќеифо, ма јооок, од хани подоле не га симна! И саа, у Америка така ли е, не ли е, јас не знам, може оти на филм! Пред да заспам, така се утеших, тава само на филм е изгледа!
Бо Барбов – родена 1971 год. 25 години од животот поминати во родното место Неготино. Убаво и весело детсво во малото, мирно родно место и бурна младост на која шо со радост се сеќавам. Прво вработување во работилницата за сценско уметничка дејност “Сценакорд” прв приватен куклен театар во Македонија, и долгогодишно активно дејствување во аматерскиот театар при домот на културата Ацо Ѓорчев во Неготино. Мажена во Струмица, мајка на едно девојче. Последните години од животот поминати во Грција, Хрватска во потрага по подобар живот, но поради вирусот кој сите непријатно не изненади а и поради носталгијата и тагата која што безмилосно ме напаѓаа, и поради самотијата која што не можев да ја поднесам, решив да се вратам дома и тука да останам и продолжам да работам. Моментално живеам и работам во Струмица како готвач во ресторанот „Хепинес“ и се надевам така и да остане. Македонија е дефинитивно мојот избор!