Многумина ја повторуваат фразата „од пишување не се живее“ што, за жал, најчесто е точно, но емотивната среќа што авторот ја добива е ненадминлива, барем јас така мислам. Ми се чини дека обичниот живот, без ментални предизвици, може да биде прилично здодевен и едноставен…
Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот му го отстапуваме на наш автор од Австралија. Творечката шапка ќе ја поткрене Ване Николоски – писател и љубител на природата.
Опиши еден (работен) ден од твојот живот?
Ване: Мојот работен ден започнува во попладневните часови и убаво се вклопува со мојата природа. Вообичено се будам во 9 наутро, бидејки секогаш легнувам многу доцна. Ги сакам ноќите. Всушност, за мене ноќта е ден, тогаш ми наодоаѓа најголемата ментална енергија и мозокот ми работи со полн капацитет.
Работам во една од најголемите компании во Австралија, одговорен за тренинг и обука на млади и нови работници. Самиот факт дека на тој начин го пренесувам своето искуство е доста интересно и благородно чувство.
Кога ќе се вратам во својот дом, мојата креативна работа започнува и трае до доцна во ноќта. Тие неколку часови, исполнети со пишување и читање, најмногу ме исполнуваат. Пишувањето, креирањето на карактери, настани, места, емоции се моја душевна храна без која не можам да функционирам нормално. Многумина ја повторуваат фразата „од пишување не се живее“ што, за жал, најчесто е точно, но емотивната среќа што авторот ја добива е ненадминлива, барем јас така мислам. Ми се чини дека обичниот живот, без ментални предизвици, може да биде прилично здодевен и едноставен.
Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?
Ване: Животот не е тоа што беше, оптоварен со новите предизвици и комплексност. Мислам дека сите ние доброволно дозволивме да живееме во наметнат страв. Во сето ова, не сум загрижен за себе, бидејки сите ние кои креираме и твориме најчесто умееме да живееме во свој свет на фантазии и приказни. Така полесно се справуваме со хаосот од промени со кој нè бомбардира светов денес. Но, кога истовремено ќе ги погледнеме нашите деца и најблиските и кога ќе ја видиме нивната загриженост од промените, тоа почнува силно да нè вознемирува.
Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеи за пишување?
Ване: Мене лично инспирација никогаш не ми биле врвни личности (актери, спортисти, инфлуенсери или политичари), туку обични личности кои инспирират со својата храброст и желба за живот. Личности кои му пркосат на времето не дозволувајќи никој и ништо да го попречи нивниот елан и ентузијазам, личности без разлика на пол, религија или статус, личности кои ќе отворат црвен чадор во морето еднолични црни чадори. Токму тие се мојата инспирација, главни карактери во моите творби, еден вид на современи Дон Кихоти. Се надевам дека донекаде успеав да го доловам токму тоа во мојот роман „Надеж“ со кој во 2019 дебитирав на книжевната сцена во Македонија. Романот, заради глобалната здравствена криза не е официјално промовиран, но сепак е достапен во Охрид и, во ограничен број, и тука во Мелбурн. Се надевам дека ситуацијата со ковид пандемијата ќе се подобри и ќе имам можност да го промовирам во Македонија. Тука ќе напоменам дека англиската верзија веќе е готова и правам напори да ја понудам на неколку издавачки куќи.
Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?
Ване: Ниту во еден миг не сум помислил дека нема да се вратам во мојата мистична татковина. Напротив, желбата да се вратам во својот роден крај постојано ме поттикнува да создавам услови тоа да се случи и тоа е мојот завет и сон. Не можам да замислам дека човек кој е роден и кој поминал дел од свој живот во Охрид би мислел поинаку.
Охрид е волшебен град, љубов која никогаш нема крај. Таму имам свој дом кој ме чека, исто и во Куратица. Заветот дека ќе се вратам, кој му го дадов на мојот татко, ме обврзува да направам услови тоа да се случи.
Следува краток извадок од романот „Надеж“ на Николоски што го одбравме за Везилка.
Надеж
Дождлива јулска ноќ. Пред домот за деца без родители „НАДЕЖ“ беше паркиран бел автомобил, а во него млада жена со бледо лице, тивко мрморејќи во рацете држи, завиткано во бели пелени, штотуку родено дете. Нејзините солзи го квасат неговото главче. Бебето за миг приплакува, па престанува. „Мое мало ангелче, се молам за тебе и се надевам дека Господ ќе те чува и дека ќе израснеш во голем и здрав маж!“- со плачлив глас зборуваше младата жена. Автомобилот со часови стоеше паркиран во улицата наспроти домот. Утрото полека се пробиваше во ноќта. Дождот што паѓаше престана и со првите сончеви зраци се наѕираше новиот ден. Во еден миг од автомобилот излезе младата жена со разбушавена руса коса и висока и тенка става, држејќи во рацете кошничка во која завиткано во пелени лежеше новороденчето. Чекореше полека кон влезната врата од домот.Кога стигна се наведна и ја остави кошничката веднаш до вратата. Мртвата тишина ја наруши моторот на автомобилот кој полека се губеше низ празната улица.
Утринското сонце простирајќи ги своите зраци на хоризонтот го најави утрото и новиот ден. Како и секое утро така и ова, Марија е првата која се буди и чекорејќи бавно се упатува кон ходникот кој води до тоалетите во домот. Но утринската тишина ја нарушува испрекинатиот бебешки плач. Марија сè уште нерасонета добро подзастана и збунета почна да ја врти главата и да наслушува од каде доаѓа плачот. Се заврти и се упати кон големата влезна врата. Плачот на новороденчето стана сè посилен и посилен. Марија брзо го извади клучот од малото шкафче и ја отвори вратата. Пред вратата здогледа кошничка во која лежеше покриено бебенце кое во тој момент престана да плаче. Марија се наведна, го подигна и веднаш почна да му зборува: „Ангелче мое мило, од каде ми доаѓаш?“ Во тој момент бебенцето силно заплака како да сакаше да ѝ каже на неговата спасителка од каде доаѓа. Малку изненадена од случката, таа колебливо го погледнуваше бебето размислувајќи што да прави:дали да ги разбуди и другите сестри или да причека уште половина час додека дојде времето, да не го прекинува секојдневниот ред и да не предизвикува непотребна паника. Со ситни чекори се упати кон тоалетите, каде на специјалното бебешко масиче го легна малечкото и полека почна да го расповива.Притоа му зборуваше тивко: „Добре дојде ангелче во нашава голема куќа. Овде имаш многу братчиња и сестричиња и никогаш нема да бидеш осамено. Твојата мајка, која и да е, мислела на тебе“. Започна првото капење на малиот ангел во домот „Надеж“ во кој се испреплетени многу различни судбини, но ова беше прв ваков случај во историјата на оваа благородна куќа. Испрекинатиот детски плач полека продираше низ благата тишина во домот. Клара како и секое друго утро, се разбуди петнаесет минути пред другите сестри, но ова утро тишината на која беше навикната низ годините ја нарушуваше бебешки плач кој доаѓаше однекаде во домот. Таа знаеше дека најмалото детенце во домот има три години и за момент остана збунета слушајќи го плачот и веднаш се упати кон местото од каде доаѓаше тој. Го слушна гласот на Марија како разговара со некого, се помисли и се упати кон тоалетот. Кога ја отвори вратата, пред нејзините очи се појави прекрасна слика: Марија капеше бебенце и тивко му зборуваше. Клара збунета не знаеше што побрзо да ја праша.
Марија ја погледна и со насмевка и рече: „Еј, ќерко види што ни подари Господ изутринава, дојди да ми помогнеш да го искапам“. Клара зачудено ја погледна, незнаејќи што да одговори, ги испружи рацете кон Марија и изусти: „Дај ми го малку јас да го покапам, мајче“. „Еве ќерко, погледни каков подарок добивме“- изусти Марија. „Ох колку е убаво бебенцево“ – зборуваше Клара и продолжи да го плакне со водичката. „Спреми го ќерко, а јас ќе одам да ги разбудам другите и да им ја соопштам радосната вест за новиот член во нашата голема фамилија“- рече Марија. Таа како и секое утро се упати кон спалните соби и со малото ѕвонче од врата на врата го најави новиот ден. Клара откако го подготви новороденчето, се упати кон кујната.Таму секое утро пристигнуваше свежо млеко подарено од господинот Џорџ. Го отвори големиот креденец и од една фиока извади бебешко шишенце. Му навре нова цуцла и го стави во вода да поврие малку, исто онака како што Марија правеше за другите деца кога беа помали. Додека Клара се погрижи за бебето, Марија продолжи со вообичаената рутина: утринска молитва, миење и подготовка за појадок. Откако сите се собраа во големата сала каде што појадуваа, таа им се обрати: „Драги мои, денес сакам да ве известам дека од изутрина имаме нов член во нашава голема фамилија. Господ ни донесе штотуку родено машко детенце“. Во тој момент, додека сите внимателно ја слушаа, Клара влезе во мензата држејќи во рацете новото чедо на домот „НАДЕЖ“. Сите возбудени се собраа околу Клара да го видат бебето. „Ох, колку е убаво!“ – се радуваа сите. Најмалите веќе прашуваа за името, како ќе се вика и како сакаат да се вика. Кога Клара им кажа дека сè уште нема име, тие почнаа да извикуваат свои предлози. Тогаш Марија го зеде бебето во своите раце и им рече: „Јас мислам дека малото треба сега да одмори и да спие, а вие денес размислете за името па сите заедно ќе одлучиме како ќе се вика“.
Следниот ден Марија ги повика сите во домот и им рече да напишат предлози за име. Она име кое ќе собере најсилен аплауз откако Клара ќе го прочита, тоа ќе биде името на новороденчето. Од сите собрани предлози најмногу им се допадна името Адам.
Ване Николоски е роден во 1966 во село Куратица, oхридско. Потекнува од скромно семејство кое во далечната 1970 година заминува за Мелбурн, Австралија. Во 1974 година судбината го враќа Николоски назад во Македонија, кај неговата тетка. Во тие години детството му е исполнето со љубов кон природата и луѓето од каде подоцна црпи инспирација за своите први книжевни обиди. Во 1991 година повторно се враќа во Австралија каде живее со сопругата и двете деца.