Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот му го отстапуваме на наш автор од Велика Британија. Творечката шапка ќе ја поткрене Васил Михаил – актер, режисер, драмски писател и сценарист.
Опиши еден (работен) ден од твојот живот?
Васил: Колективните уметности како театарот и филмот се врзани со одредени прецизни распореди за работа и рокови. Затоа зависи што работам, актерските проби и претстави, а и пред камера е едно иако и тоа е многу различно, режисерската работа друго, пишувачката трето, продуцентската осмо. Не ретко сите се испреплетуваат и тогаш е многу бурно. Има и тивки периоди. Ми се чини дека разликата помеѓу занаетчија уметник и посветен уметник е тоа што првиот има работно време, а вториот не. Многу од процесите на создавање се потсвесни, а се случуваат и кога спиеме. Идеите можат да напливнат во сосема неадекватни за тоа моменти. Ги сакам ноќните часови, тишината, но и утрата, гужвите и галамата. Мислам дека контрадикторностите за уметникот се добри, особено за драмските уметници. Даваат можност да ги почувствуваш конфликтите на своја кожа. Ниеден ден не е ист, сите денови се еден.
Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?
Васил: Мојата лична средина се промени многу пред скоро три години. Од Македонија во Лондон. И иако разликите помеѓу тие две места се огромни, позитивните и негативните нешта се присутни насекаде. Затоа одговорот на прашањето подобро ќе биде да е општ и за подолг период од животот.
Генерално гледано човечкиот живот насекаде се подобрува. И покрај сите модерни војни, глад, корупција, криминал. Среќен сум што мислам дека и мојот живот се подобрува низ годините и не сум дел од екстремните ужаси кои постојат. Секако, транзицијата во Македонија не е мал ужас, но има и полошо, нели? Зошто животот генерално се подобрува? Заради луѓето кои вложиле во тоа. Сите заедно, кој што и колку може. Тоа е универзално за сите земји и заедници. Не сите вложуваат исто труд, затоа и резултатот е различен. Секако влијаат и многу други фактори кои се често и пресудни. Нашиот, човечкиот свет, е комплексен. Отворањето на еден рудник, ќе го подобри животот на тие кои ќе профитираат од тоа, но ќе го влоши на мнозина кои ќе ги трпат отровните последици од рудникот. Во последните сто и педесетина години, глобално има многу напредок во насоката што е подобро за целината, стремежот кон баланс има резултати.
Зборувајќи погоре со суперлативи, мора да се спомне и другата страна. Последиците од начинот на кој што го спроведовме ова подобрување на животот. Злоупотребата на политичките и финансиски системи кои брутално го стегаат јаремот постојано. Догматичноста на духовноста и слаба примена на етичките вредности. Загадувањето и уништувањето на природата! Последното е проблем кој може да нè чини самоуништување. Очигледен е напредокот, но и тоа дека некаде сме погрешиле по патот. За некои работи сигурно. Тоа ќе треба да го исправиме ако сакаме нагорна тенденција и понатаму.
Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеи за пишување?
Васил: Како доаѓаат идеите никој досега не дознал со сигурност. Мигот кога светнува идеја мене лично ми е едно од најуникатните чувства. Еден вид мало интимно чудо. Миг на (пре)создавање, божествено чувство. Но, од идеја до реализација има долг пат. Идеите се комети поттурнувани од многу гравитации додека да стигнат до целта. Инспирацијата е буквално насекаде околу и во нас, во сите манифестации. Треба само да ја прегрнеме.
Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?
Васил: Да. Затоа што најмногу ја сакам Македонија. Тој народ и таа земја ми се домата. Тоа не значи дека не треба да се дистанцирам понекогаш и искусам други земји низ животот.
Следува извадок од драмската претстава „Saligia“ што го одбравме за Везилка
ПРВА СЦЕНА – ГОРДОСТ
(По смртта на Александар трети. Областа Лидија, ситна провинција во Македонската Империја. Жената му ги мие нозете на мажот.)
МАЖ: Најпосле. Со смртта на Александар се отвори ковчегот на славата и младоста наша се зажубори. Многу сме и сите за богот во нас сонуваме, но во мене таа страст најсилна е. Ќе оставам таа да ми го остри ксифосот. Јас многу добро знам како се убива човек и како да живееш без човекот во себе. Ќе убивам и нема да бирам. Кој е со мене ќе ја вкуси вечноста, кој е против мене ќе биде обвиткан со плаштот на темнината. Со лага ќе биде проткаена мрежата што ќе ја плетам и со пехари полни лукавост ќе се опивам се до часот од Дион определен на престолот да седнам. А дотогаш нема да се колебам утроба по утроба да парам како што сонцето небесата секое утро. Крвта што ќе се цеди топла ќе ја пијам, во чест на боговите кои во славата ќе ги надминам. До небесата ќе изградам храм и боговите покорам. На влезот негов ќе пишува: Плаши се од човекот кој бог стана!
ЖЕНА: Ти писмен ли си?
МАЖ: Молам?
ЖЕНА: Моли се Дион или некој од роднините негови да не ти ги слушнe брборењата оти тешко ни се пишува. Нема да е лесно ако слушнал и некој шпион од „блиски“ испратен под око да те држи. Велам, писмен ли си?
МАЖ: Што е важно дали сум писмен. Татко меч да крстосувам ме научи, а мајка на лукавштини разни. Ќе се најде писмен некој и ќе напише што треба.
ЖЕНА: А кој ќе го чита?
МАЖ: Како?
ЖЕНА: Засега ретки се писмените, а и во идно ближно време ќе биде така. Ако нема кој да ти го прочита натписот од храмот, кој ќе знае дека треба да се плаши?
МАЖ: Ти ќе знаеш мори, па ќе им кажеш! Ах, женски отров полна ти е устата и умот мој го труеш. Кај се навеа, каде ме завеа. Немав избор, наредбите на Александар беа закон и морав туѓинка да земам за жена. Но иде часот кога името негово во заборав ќе падне, а јас ќе станам голем…
ЖЕНА: Ама мал.
МАЖ: Што ломотиш ѕверу?
ЖЕНА: Мал ти е. Половина час те тријам, никако да ти порасне. Умот наместо за деца, низ пустини на глупоста ти шета.
МАЖ: Од водата е мори, харпијо. Се собира од ладното. Доста дрдориш, ми го расипуваш расположението.
ЖЕНА: Ти многу чувствителен за некој кој себе се опишува како страшен, лукав и силен. За рецитатор ќе те биде, признавам.
МАЖ: Море само нека дојдат татко ти и мајка ти, има да им изрецитирам сѐ. Ќе им кажам дека си против мене, дека ми газиш на…
ЖЕНА: (Се кикоти.) Петлето ли? Па наместо да летне, како полжав се собира и ни да претне. какополжав се собира и ни да претне.
МАЖ: Ќе видиш ти, ќе видиш кога и на баба ти ќе те кажам. Е тогаш нема да знаеш каде да се скриеш. Ех бре, денот ми го расипа.
ЖЕНА: А ти мене животот, бе. За император се мести он, а едвај архон на полис стана. Заборави ли дека си домазет? Ако не беа моите што ќе станеше, пиле мое шарено?
МАЖ: Водач ќе станев. Со бунт и следбеници престолот ќе го земев.
ЖЕНА: Ох мори мајко! Легни ти, да станам јас. (Пауза.) Ти расни порасни ќе правиш или ќе си поспиеш? Жедна ќе ме држиш или ќе ме напоиш?
МАЖ: Што култура ќе бевте вие? Ни срам, ни образ.
ЖЕНА: Ти ли за култура гукна? Од простотијата твоја ѓаволот штукна! Си отидов јас кај мајка, а ти почекај, до на пролет можеби дрвото ќе ти зрее, па викни ме да го оберам.
МАЖ: Не! Те молам женичке. Те молам дојди. Прегрни ме. Присети се, кога ме виде прв пат помеѓу сите тие илјади мажи.
ЖЕНА: Се сеќавам. Ти беше најгрд.
МАЖ: Најгрда беше баба ти.
ЖЕНА: Не е таа виновна, од млада е вдовица, а наредбата беше сите самотни жени да дојдат на плоштадот.
МАЖ: Самотен бев јас додека не те здогледав тебе.
ЖЕНА: Ама прво баба ја виде?
МАЖ: Ако де. И таа е душа.
ЖЕНА: И ти си душа, ама проста.
МАЖ: Зошто сурова си така? Нема ли за мене милост во срцето твое?
ЖЕНА: За срцево зборуваш што црнила е полно откако вашиот омјаз стражите наши ги мина, само жолч, презир и понижување нас не стрефи. Убијците и палачите на блиските наши во фустите ни ги пикна вашиот богославен крал сонце Александар, кој бездушник беше голем како и следбениците негови. Прости дивјаци и немилосрдни души.
(Мажот ја повлекува грубо жената кон себе и ја силува додека зборува.)
МАЖ: Така е мила. Прости, гнасни, мизерни, безмилосни души. Јас, јас, јас, јас, јас, јас, јааас! Таков сум и убаво ми е. Такви ќе ги направам сите. Јас сум богот на времето што иде. Поган, непредвидлив и невидлив за вашите очи. Скриен во темното на вашиот замор. Неуморен бог, затоа што сите му служат без да знаат и сите ситни задачи за него ги вршат. Дојди и покори се безумнице! Прими го семето на вечното царство, слепо како новороденче и кротко како човек на умирање. Дади се, удави се!
Васил Михаил (1979, Струмица) актер, режисер, драмски писател и сценарист, предавач и продуцент. Живее во Скопје, а последните три години во Лондон. Професионални актерски ангажмани добива уште како студент на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија која ја завршува во 2001 година, за досега да одигра 112 ликови на театарската сцена, телевизискиот екран и филмското платно. Како режисер, писател и филмски уметник реализирал дваесет и седум проекти. Низ годините го надоградува своето образование и долги години се занимава и со подготовка на млади таленти. Продуцира околу педесетина проекти од уметноста. Како театарски уметник се претставува во над десетина земји во Европа и Азија, а преку филмот и сценаријата на сите континенти. Неговите дела се стекнуваат со повеќе награди и признанија од САД, Русија, Грција, Словачка, Шпанија и други земји.