МузикаМузика и уметностПод друга шапка

Под друга шапка со Васко Дуковски – За среќа имам можност да го правам она што го сакам и она што ме исполнува

Везилка Магазин

Живееме во време во кое уметноста или уметничките дела се сè повеќе добро спакуван продукт со специфична вредност, ставени во одредена категорија или одреден пазар отколку едно свето нешто, простор и начин за искрена креативност и израз на чувства и идеи…

 

Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.

Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот му го отстапуваме на наш автор од САД, кој моментално престојува во Кина. Творечката шапка ќе ја поткрене Васко Дуковски – мултидисциплинарен изведувач, композитор и академски професор.

 

Опиши еден (работен) ден од твојот живот?

Васко: Седам, мислам и пишувам гледајќи низ прозорецот на возот кој лебди на високо подигнатите шини… 340 километри на саат, одам за Нанџин… Миризба на свежо мелено кафе, задоволство, навика или потреба, убаво е утринското кафе.

Ѕвоното заѕвони, кучето лае, студентот доаѓа на час…пилешкото е веќе спремно, Лајка (моето куче) со нетрпение чека да и го сервирам првиот оброк. Колку е саатот? Од една соба слушам Бах, од друга Паганини, од трета пискот на кинески Зурли….Работиме на Вебер со мојот студент….Што за ручек? На интернет конференција со мој колега. Се чувствуваме прекрасно уживајќи ја модерната технологија и напредокот на општеството, туркаме напред, прајме нешто! Го земам кларинетот и за момент сум во мојот најубав свет, светот на музиката, јас, тој и нотите кои само што ми пристигнаа од Лондон, дело од нашиот македонски композитор и виолинист Михајло Трендафиловски. Време за снимање: во студио, снимам материјал за новото дело „Дама со Девет Камења“ звучна инсталациаја инспирирана од цртежите на Марко Цепенков и нашиот уметник Иванчо Талевски. Делото ќе биде премиерно изведено на 23. септември во Центарот за графика во Филаделфија. Време за чај, одмор и момент за размислување гледајќи во моите драги бонсаи дрвја. Продолжувам со компонирање… време за вечера и ноќна прошетка покрај река, свеж воздух. Полна месечина!

 

Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?

Васко: Живееме во едно чудно време, постојани промени, брз живот, пандемија, нестабилност, глобализација…Изминативе две години живеам и работам во Шангај, Кина, а дел од времето го поминувам и во Нанџин. За кратко време видов и искусив многу работи тука. Шангај е еден најмодерните светски метрополи и секојдневно се модернизира и развива. Нанџин е првиот главен град на Кинеската Република, воедно културниот столб врз кој е изградена модерната кинеска култура и уметност. Старото е обновено, а има и цел нов град. Дали работите одат на подобро или полошо никој не знае, луѓето околу мене се среќни и исполнети, но за мене мојата околина не е единствениот мој свет, секојдневно комуницирам со пријатели од целиот свет и пошироката слика не е многу сјајна. Како и да е, гледајќи ги работите тука, луѓето живеат солиден живот, се чувствува една убава енергија и желба за подобрување. Мислам дека кога во едно општество има социјална и економска свест, добра инфраструктура и основните потреби за живот се достапни, луѓето се среќни.

 

Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеите за творење?

Васко: Живееме на една прекрасна планета, мистериозна, преполна со убавини, долга и богата историја, чудни звуци, на секој ќош има нешто инспиративно и интересно. Секојдневно ми доаѓаат најразлични идеи, дали тоа е некое си уметничко дело, изложба, концерт, филозофија, научни истражувања и теории, социјални или економски проблеми, политика или еден добар разговор со колега или пријател. Некои идеи ги забележувам, некои не, за некои треба многу ресурси за изведување а за некои не, некои се лоши а некои не. Како и да е, живееме во време во кое уметноста или уметничките дела се сè повеќе добро спакуван продукт со специфична вредност, ставени во одредена категорија или одреден пазар отколку едно свето нешто, простор и начин за искрена креативност и израз на чувства и идеи. За среќа имам можност да го правам она што го сакам и она што ме исполнува. Скоро секојдневно истражувам звуци на различни инструменти и со различни нови начини на манипулирање, а воедно и снимам најразлични нешта шетајќи се по светов.

 

Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) зошто?

Васко: Во Македонија често се враќам и се трудам да поминам што повеќе време таму, но тоа не е секогаш едноставно и лесно изводливо, земајќи го во предвид тоа што го работам. Во мене има еден мал дел од Македонија, жар кој постојано гори и ми дава една убава топлина, си ја сакам! 15 години живеев во Њу Јорк, моментално сум во Шангај од каде потекнува мојата сопруга. Каде ќе живееме за 5 години, не можам да ви кажам со сигурност 🙂

Иако нашата планета изгледа голема, за мене е релативно мала и би сакал да ја видам цела или онолку колку што можам. Да се навратам на Македонија, убава си е. Дали ќе остане и до кога, тешко е да се предвиди. Не сум ја заборавил и постојано мислам на неа како на својата мајка. Често соработувам со македонски уметници и настапувам во Македонија, но за жал недоволно. Се надевам во иднина тоа ќе се промени и македонската публика ќе има повеќе можности да ме чуе во живо и да се запознае со она што го работам.

 

Следуваат неколку аудио/видео записи и изведби од богатиот опус на Васко, што за оваа прилика ги одбравме за Везилка:

 

Tavche Gravche – More than a Fisherman

Clanking Replicator I

Astounding Angels (Jonathan Dawe) – clarinet soloist Vasko Dukovski with Ensemble Échappé

Either/OR – Decombres by Raphael Cendo, Vasko Dukovski Contrabass Clarinet

DAVID CIERI AND FRIENDS_CARNEGIE HALL 2018

Pushteno (Freedom Dance)

Flying Bulgar – feat. Frank London

Brooks Frederickson: Clipping (2016, NY premiere)

   

Васко Дуковски е мултидисциплинарен изведувач, композитор и академски професор на Универзитетот за Уметности во Нанџинг и KMEG/Royal College of Music Shanghai. Обучен во престижната школа Џулијард, Дуковски не гледа никакви граници во музиката и музичкиот стил, туку го прифаќа сето тоа. Дуковски соработувал со некои од денешните водечки композитори како Џонатан Дејв, Мајкл Херш, Ду Јун, Ванг Лу, Ричард Керик, Џералд Коен, Рафаел Чендо, Нина Јанг, Јанку Думитреску, Алекс Минсек, Кејт Сопер, Џон Корилиано, Ерик Вублес, Рикардо Романеиро, Џон Адамс, Гантер Шулер, Јехуди Вајнер, Георг Фридрих Хас, Хелмут Лахенман, Филипе Хурел, Џорџ Луис, Питер Котик и многу други. Во последната деценија, Дуковски создаде/инспирира многубројни нови дела и премиерно претстави над триста нови композиции. Како страствен изведувач-композитор и застапник на современата класична и експериментална музика, Дуковски редовно настапува со некои од најпочитуваните ансамбли во Њујорк, вклучувајќи ги и ICE – Интернационален Современ Ансамбл, Argento New Music Project, S.E.M Ансабл, Bang on A Can All Stars, Talea Ансамбл, Wet Ink, ECCE-East Coast Contemporary Ensemble, Metropolis Ансамбл, Ансамблот Pamplemousse, Mise-En Ансамбл, Mimesis Ансамбл, Nunc Ансамбл, AXIOM, LPR Ансамбл, The Knights Orchestra и многу други. Покрај тоа што е предводник на неговиот светски музички квартет Тавче Гравче, тој е и член на Ансамблот Either/OR, Ансамблот Lost Dog, Ансамблот Echappe, Unanimity Sound Collective и MarKovStein Principle.

Музичката софистицираност на Дуковски опфаќа повеќе континенти, појавувајќи се во Европа, Блискиот исток, Северна Африка, Кина, во САД а најредовно во Њујорк на места како Карнеги Хол, Линколн Центар, Симфониски Центар, Џез во склоп на Линколн Центар, БЕМ, Рулет, Спектар, ЛПР, Театар Милер на Универзитетот Колумбија, Италијанската Академија, Американската Академијата на Уметности, Музејот Мет и МОМА.

Како солист, Дуковски, своето деби во Њујорк го направи со Ансамблот Џулијард во 2006 и оттогаш, на повеќе наврати, настапува со Македонската Филхармонија, вклучувајќи го и концертот во Карнеги Хол. Во 2016, Дуковски, како солист се претставува и со Ансамблот ЛПР во историскиот “Naumburg Bandshell” во Централ Парк во Њујорк изведувајќи го маестралниот кларинет концерт на Арон Копланд до стоечки овации. Ансамблот Mise-En го одликува Дуковски како солист за две премиери на Мајкл Џарел “Essaim Cribles” и “Bass Clarinet/Contra Bass Clarinet Concerto” како и “Еклипса” од Јан Мареж. Во 2018, Дуковски се појавува како солист со Ансамблот Échappé изведувајќи ја светската премиера на “Astounding Angels” од Џонатан Дејв.

Музичките композиции на Дуковски, се подеднакво успешни во својата маестралност како во концертните сали така и во уметничките галерии. Неговите мулти жанровски дела се изведени во Јужна и Северна Америка, Европа и Азија од светска класа на изведувачи и ансамбли како што е греми номинираниот “Metropolis Ensemble”, “Either\Or Ensemble”, “Sfrzando Composers Collective”, “MarKovStein Principle”, “Tavche Gravche” и ред други. Неговите звучни инсталации се изложувани во “MOMA PS1”, “PAFA”- Факултетот за Ликовни Уметности во Пенсилванија, Галеријата “Napoleon” и “C.R. Ettinger Studio” во Филаделфија и Бит Фест во Битола. Минатото лето музиката на Дуковски премиерно прозвучи на неколку фестивали вклучувајќи го и 69 годишниот Музички Фестивал “Washington Square” во Њујорк за кој Дуковски го компонираше своето дело Елегија, секстет посветен на сите паднати жртви од злобните и нечовечни геноцидни во човечката историја. Делото “Библиотеката во Бабел” инспирирана од истоимената кратка приказна на Аргентинскиот писател и библиотекар Хорхе Луис Боргес беше премиерно изведена на интернационалниот Фестивал “New Doca” во Буенос Аирес и Кордоба, Аргентина, а соло композицијата за Бас Кларинет “Обединети, Слободни и Независни” беше премиерно изведена во интернационалниот летен камп USDAN во САД.

Во 2015, Дуковски ја доби наградата “40 under 40 Successful Macedonians” од страна на Соединетата македонска дијаспора. Во 2013 е номиниран на церемонијата за доделување на наградите „Виртуози“ во родната Македонија. Добитник е на главната награда на музичкиот натпревар Камерниот Музички Натпревар „Ариага“ во 2010 година со Ансамблот Грнета; Освојува трета награда на натпреварот „Андреас Макрис кларинет“ во Форт Колинс, Колорадо; Добитник на специјална награда на натпреварот за кларинет на Jeunnese Musicales од 2002 година во Букурешт, Романија; Победник е на Меѓународниот натпревар Вудвинд во 2001 година во Стара Загора, Бугарија; 2003 година добитник на наградата “Eubie Blake Honors”; Во 2002, втора награда на Националенниот натпревар во камерна музика и во 1996 на Национален натпревар за кларинети,и двете во Македонија.

ТВ и радио настапи на Дуковски започнуваат уште од рана возраст на локалните ТВ и радио станици во неговиот град и оттогаш се појавува на WQXR-NPR, QKCR, Радио шоуто на Jack Prize, ТРТ (Турција), Национална ТВ станица во Бразил, Националната телевизиска станица во Тунис, Националната телевизија на Кина и ТВ станицата Tian Jin.

Дуковски има снимено над дваесет и пет албуми за издавачки куќи како Naxos – American Classics, Deutsche Grammophon, New World Records, Albany Records, Sono Luminus – Dorian, Tzadik, Chicken Madness, In a Circle Records, Evolver Records, Furious Artisans, INNOVA Recordings, Non Such и Parma Recordings.

Роден во Охрид, Република Македонија, Дуковски започна да работи со звук на петгодишна возраст, а своето музичко образование го започна на осумгодишна возраст. Неговата посветеност кон музиката и кларинетот му донесе награда за ликовни уметности од Уметничка академија Интерлохен во САД на која подоцна се школува, пред да димпломира и магистрира на Музичката академија Џулијард во класата на професорите Чарлс Најдих и Ајако Ошима.

Везилка Магазин