Секогаш сум замислувала дека подоцнежните години на мојот живот би сакала да ги поминам во средина која ми е душевно поблиска, која има убавини и доблести и во македонскиот народ и во природата кои се уникатни, блиски до мојот сензибилитет и непроценливи во секоја смисла…
Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот ѝ го отстапуваме на наша авторка од Австралија. Творечката шапка ќе ја поткрене Виолета Чаповска – мултидисциплинарен ликовен уметник.
Опиши еден (работен) ден од твојот живот?
Виолета: Моите работни денови како уметник се разликуваат во зависност од тоа дали сум во моето студио или истражувам надвор од студиото. Исто така многу зависи од тоа дали имам договорено изложба или проект во земјава или во странство. Многу е тешко да се опише еден типичен работен ден во ова исклучително необично време на пандемијата на Ковид-19. Посебно затоа што се наоѓаме во шестиот локдаун во Мелбурн, кога строгите рестрикции и секојдневните неизвесности ни наметнуваат нови начини на работа и постојани жртви, кои секако се за доброто на пошироката заедница.
Во моментот работам на мојата следна изложба во Мелбурн и студио резиденција што би требало да се оствари идната година во Париз . Имено, идниот месец во октомври во галеријата Кунихан во Бранзвик, во Мебурн (Counihan Gallery in Brunswick) ќе се отвори ликовна изложба на која со свои дела ќе се презентираат современи уметници што се по потекло од Македонија, а живеат во Австралија: Марјан Стојковски и Виолета Чаповска, и уметници кои живеат во Републиката: Сашо Станојковиќ и Дарко Алексовски. Изложбата ќе биде остварена во соработка со поканетата кураторка: проф. др. Сузана Милевска.
Мојот типичен работен ден оваа недела се состоеше претежно во организација на изложбата (за жал мораше да се одложи за една недела, а отворањето да се откажи), и секојдневни комуникации преку и-мејл и зоом помеѓу уметниците и кустосите. Се работи за многу амбициозен меѓународен проект, кој за жал често претрпи промени и компромиси поради пандемијата. Мојот работен ден го поминувам делумно дома, најсакано место за работа ми е градината, а делумно во моето студио кое се наоѓа во манастирот на Аботсфорд, во Мелбурн.
Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?
Виолета: Мислам дека е тешко да се одговори на ова прашање без да се допре до комплексната тема на нашиот колективен живот во време на пандемија. За жал сметам дека животот во Мелбурн се менува на полошо, поради огромните предизвици што ги наметнува оваа здравствена криза. Во уметничкиот свет негативните последици се посебно изразени, со постојано откажување на ангажмани, како изложби, театарски претстави и концерти, кои донесуваат до неизбежен губиток на работа.
Во следните неколку недели мојата средина е физички редуцирана на 5 км географски радиус, и секако дека ограничувањата имаат негативни последици врз менталното здравје на населението. Како мајка на 3 деца сум посебно загрижена за младите и децата кои се во опасност од отуѓување и осаменост. Но верувам дека оваа пандемија ќе ги научи важна лекција за вредноста на човековиот живот, за важноста да се мисли и дејствува морално и етички, за доброто на заедницата, да се мисли пошироко и долгорочно, за доброто и здравјето на тие што се болни, на здравјето на нашите здравствени работници, а не само за сопствениот и тесен интерес. Се надевам дека сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаме ќе нè направи поотпорни и дека ќе имаме сила да ги надминеме сите разлики и тешкотии, со работа и постојан напор да се почитуваат мерките, со цел да се зачува здравјето на сите граѓани во нашата средина, без разлика на потекло, религија или раса.
Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеи за творење?
Виолета: Често го добивам ова прашање, но одговорот не е едноставен. Самата реализација на моите проекти секогаш сум ја доживувала како едноставна, осмислувањето на проектите е најчесто таа етапа во работниот процес што е најтешка, понекој пат и мачна.
Идеи и инспирации зависат најчесто од кој период во животот се наоѓам. Зависат и од тоа каде живеам, голем дел од моите долгогодишни проекти се зачнати во Македонија како мојот Ленд -Принт проект (1994-2019), кој започна како ефемерен сајт- специфичен проект на Малото Езеро во Националниот парк „Пелистер“. Проектот сè уште трае и мислам дека ќе трае се додека сум жива. Некои идеи се поврзани со моите субјективни искуства како на пример кога станав мајка за прв пат. А некои идеи потекнуваат од моите пошироки интереси за родовите, еколошките прашања како и прашањата на идентитет. Темите на правата на жените и загрозената околина со години се во центарот на моите дела. Посебно драг проект ми е соработката со мајка ми Вера и тетка ми Павлина, во серијата „Блескавост“, во која мајка ми и тетка ми изработија прекрасни везови на неколку од моите дела (како „Славица“). Живеењето меѓу два континенти и светови и обидот да тие светови се спојат, исто така имаат огромно влијание врз моето размислување и творештво.
Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?
Виолета: Не би можела дефинитивно да одговорам на ова прашање ни со да, нити со не, секако би зависело од толку многу различни околности. Едно нешто што има огромно и незаменливо значење во мојот живот е мојата фамилија и моите драги пријатели во Македонија со кои сум секојдневно во контакт. Пред пандемијата често патував и создавав во Скопје, каде што живеат моите родители, братот, внуците, тетки и братучеди, целата моја фамилија. Моите најдраги и блиски пријатели исто така живеат во Скопје, како и моите долгорочни соработници. Секако дека прашањето на враќање е исконско во психата на секој емигрант. Јас веројатно спаѓам во таа категорија на емигранти кои никогаш не сакале да се отселат од Македонија но поради одредени околности сум создала живот во Австралија. И секогаш сум живеела во дуален свет и идентитет.
А желбата за враќање секогаш е присутна, тоа во мојот случај е сосема разбирливо кога целата моја фамилија живеат во Македонија. Секогаш сум замислувала дека подоцнежните години на мојот живот би сакала да ги поминам во средина која ми е душевно поблиска, која има убавини и доблести и во македонскиот народ и во природата кои се уникатни, блиски до мојот сензибилитет и непроценливи во секоја смисла.
Следуваат неколку инсталации во простор од богатиот опус на Чаповска, што за оваа прилика ги одбравме за Везилка:



Виолета Чаповска е родена во Скопје во 1967 година. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, одел графика, во класата на Димитар Малиданов, Скопје во 1991 година. Магистрира на ликовна уметност во ,,Ројалниот Институт на Механичка Технологија“, Мелбурн во 1995 година. Член е на ДЛУМ од 1991 година. Нејзиниот уметничка опус ги одразува културните истражувања во концептите на идентитет, природа и родови политики. Во нејзините дела се вклучени сајт – специфичните Ленд Принт проекти: Мала езеро (1994), Јас и окото (1996) и Сол (2018), кои ја претставуваат ефемерната природа на уметноста на Чаповска. Овие перформанси се одржаа на далечната и уникатна локација на Малото Езеро во Националниот Парк – Пелистер (ел 2180 м). Нејзиното видео Група на мајки (Мелбурн и Скопје, 2000-2001) и инсталацијата Телесни течности (1999) ги одразуваат темите на рано мајчинство. Во 2004 година Чаповска е уметник- во- резиденција во болницата „Свети Винсент“ Мелбурн. Видео трилогијата Љубовно болна девојка (2004), Хипноза (2004) и Терапија (2011) ја истражува темата на хистерија и психотерапија. Инсталацијата Светкавост (2006), ја разгледува меѓу- генерациската соработка преку употреба на традиционален македонски вез. Инсталацијата Фамилија (2012) ја истражува релацијата помеѓу женското тело и психа. Серијата на литографски портрети Верус (2016-), се осврнува на темите на непокор и женски активизам. Во својата уметничка пракса Чаповска користи: инсталација, перформанси, фотографија, графика, видео, текст, пронајдени предмети и текстил. Чаповска има учествувано во бројни групни изложби во Австралија, Европа и Азија. Нејзиното дело е вклучено во многу јавни колекции како: Националната галерија на Австралија, Уметничката галерија Баларат, Националната галерија на Северна Македонија, Музеј на современа уметност – Скопје, Музеј на град Скопје и многу други јавни и приватни колекции. Чаповска е добитник на првата студентска графика – „Драгутин Аврамовски – Гуте“ на Факултетот на ликовни уметности, Скопје во 1991 година. Добитник е на стипендијата за литографија „Џејмс Нортфилд“ во 2016 година во Мелбурн и на наградата „Гранд При“ на 18тиот Зимски Салон на ДЛУМ.
Виолета Чаповска живее и работи во Мелбурн, Австралија.
violetacapovska.com