Играм, плачам, се смеам, танцувам, се плашам, заспивам, се будам, пеам, сакам како дете. Си ги земам боите и светлата од детството и си ги типкам на лаптопот и така излегуваат приказните. Понекогаш ги земам и сенките, па и нив ги пишувам. Така полесно се ослободувам од стравот од нив.
Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот ѝ го отстапуваме на наша авторка од Малта. Творечката шапка ќе ја поткрене Виолета Ѓуровска – писател, новинар и уредник.
Опиши еден (работен) ден од твојот живот?
Виолета: Започнува некаде во 5:30 со благодарност и воодушевување. Ќерка ми веќе ми пишала на месинџер: „Добро утро мами. Време е за утринска јога.“ Подоцна ќе ми пише и син ми… Добар.. да… да..еве станувам…“ Си ја земам насмевката и кафето и се паркирам покрај море. Поздрав до сонцето (на Малта го има многу). Предизвици на патот до канцеларија. Музика во кола или некој утрински ,,rampage“. Половина час подоцна: канцеларија, колеги, обуки, состаноци, мејлови…пауза покрај море (го има многу овде на Малта)…и повторно договори, преговори, бројки, цени, фактури и се што спаѓа во опис на работно место „Accounts payable officer.“ – извинете, но понекогаш некои работи ми звучат подобро на јазикот на кој се случуваат. Попладнињата никогаш не се доволни за сè што сакам да направам, па понекогаш изгледаат вака: сликање по нокти или правење крофни во различни форми или пешачење покрај море, читање, пишување или следење некој курс, кафе покрај море, возење велосипед, медитирање…
Вечерите ги сакам исто колку и утрата. Тогаш сум online мајка: ревизија на денот на моите деца. Се запознавам со изборот на ланче на мојата ќерка, ја прегледувам домашната на син ми (на камера), се смеам, многу се смеам со моите деца. Заспивам со насмевка.
Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?
Виолета: Не знам на која средина мислиш кога велиш ,,твојата средина“. Дури и да ми речеш Македонија или Малта или Скопје, не би знаела да ти одговорам. Која сум јас да кажам дали е нешто ,,глобално гледано‘‘, добро или лошо. Јас гледам на работите како на: „мене ми се допаѓа‘‘ или „мене не ми се допаѓа‘‘. Ако не ми се допаѓа нешто, се обидувам да го погледнам од друга перспектива. Ако сè уште не ми се допаѓа… заминувам. Ете, затоа заминав од Македонија, ако ти беше тоа прашањето.
Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеи за пишување?
Виолета: Раговарам со себе. Поточно разговарам со ,,mini me“ и затоа пишувам за деца.
Си патувам низ времето без ограничувања и си погледнувам на работите што ми се случиле и на оние што не ми се случиле и ме одминале. Играм, плачам, се смеам, танцувам, се плашам, заспивам, се будам, пеам, сакам како дете. Си ги земам боите и светлата од детството и си ги типкам на лаптопот и така излегуваат приказните. Понекогаш ги земам и сенките, па и нив ги пишувам. Така полесно се ослободувам од стравот од нив.
Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?
Виолета: Не, не мислам. Не мислам ниту да се вратам, ниту да не се вратам. Престанав да мислам на тоа. Исто како што не се мислев многу пред да дојдам на Малта. Децата мои сè уште живеат во Македонија – значи душата моја е таму. Сè уште таму ми е домот. Исто така нема да се мислам многу ако патот ми се отвори на друго место.
Би се вратила во Македонија за да си ги гушкам децата, силно до болка и често до здосадување… и родителите исто… и едно стотина драги луѓе… Не би се вратила во Македонија затоа што на мојот дух, таков каков што е (не му ставам етикета), многу повеќе му годи слободата и ширината овде на Малта отколку во Македонија. А таков каков што е немирен (мојот дух), би сакал повеќе да е зафатен со изработка на крила за децата отколку да спие на пензионерската сигурност.
Следува расказ од книгата за деца, во подготовка, ,,Има многу бродови“, што го одбравме за Везилка:
ГРАФИТИ
Овој настан се случи во едно старо скопско маало. Сега старото маало е со нови згради построени од двете страни на малото паркче. Прецизни, прави редови со нови бели згради. По некои претпоставки така изгледа војска. Оваа војска со ревносен молк го чека звукот на првиот будилник на некој од станарите. И животот во маалото започнува. Андреј и Сара секогаш се чекаат пред зграда и заедно одат на училиште.
Зошто зградите немаат имиња? – размислуваше гласно Сара.
Веројатно затоа што никој не може да измисли матична книга на изградените. – се смееше Андреј. Тој станува многу рано и е едно од ретките деца што е расположен за зборување наутро. – Кој може да ги заведе никнувањата на сите нови згради распослани на местото на некогашните големи паркови?!
Двајцата го продолжија патот кон училиштето во тишина. Сара се` уште дремлива, Андреј со широко отворени очи.
Ееееееееј! – викна Андреј одненадеж.
Што е пак сега? – се стресе Сара.
Погледни! Не можам да верувам. – викаше Андреј.
На најновата зграда, веднаш до училиштето, со црн спреј на белата фасада, со големи букви колку фудбалска топка пишуваше:
МИЛА Е МИЛА
(за Мила од V2)
Има графит на новата зграда! – викаше Андреј додека втрчуваше во училницата.
Ама тоа веќе не беше новост. Сите во одделението зборуваа за тоа. Само Мила молчеше.
Што значи Мила е мила? – праша Симона со љубоморна нота во гласот.
Паааа, веројатно значи дека Мила е многу мила. – се смееше Марко.
Е како да не! – викна Симона. – Во тој случај ќе пишуваше: Мила е многу мила.
Е па тогаш сигурно значи дека Мила е малку мила. – се забавуваше Андреј.
Не верувам! – се насмеа Ана. Тогаш така ќе беше напишано.
Се чинише дека освен на Мила на сите им е многу забавно.
Престанетееееееееееееее! – викна Горазд од последната клупа. – Никој од вас не знае! Јас знам: Мила е мила! Тоа значи дека е една и единствена, несекојдневна, најубава…
И кој знае уште колку ќе набројуваше да не се јавеше наставничката која никој не ја забележа кога влезе.
Јас најдобро знам што значи ова! – ги прекори сите. – Ова значи дека родителите на Горазд многу ќе се налутат кога ќе дознаат дека треба да ја бојосаат новата зграда. Која и да е пораката на графитот, таму не му е местото.
Виолета Ѓуровска е родена 1975 год. во Скопје. Основно и средно образование завршува во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје при УКИМ – Скопје на катедрата за Македонска и јужнословенска книжевност и македонски јазик. За време на студиите објавува детективски раскази во списанието „Илустриран забавник“. Од 2000-2003та година работи како новинар во списанието за деца „Наш Свет“ (литературно списание за деца на возраст од 10-14 год.) во Издавачка куќа „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“ 2003 год. е унапредена во уредник на списанието за деца и млади (најмладиот уредник во НИП Нова Македонија) „Наш Свет“ во Издавачката куќа „Детска Радост“.
Во период од речиси дваесет година објавува повеќе од стотина раскази за деца во списанијата „Другарче“ (литературно списание за деца на возраст од 6-8 год.), „Развигор“ (литературно списание за деца на возраст од 8-10 год.) и „Росица“ (литературно списание за деца од 3-6 год.).
Во 2003 год. е основач и главен уредник на Издавачка куќа „Смешко“. Во истата година е автор на едицијата сликовници за деца од најмала возраст „Прв чекор“ („Морски свет“, „Домашни животни“, „Птици“, „Овошја“, „Зеленчуци“, „Шумски животни“) – преведени на албански и англиски јазик. Истата година ги публикува и „Убави приказни“, едиција од 6 адаптирани приказни од народното творештво („Силјан Штркот“, „Самовила-невеста“, „Кучето и човекот“, „Девојчето и дванаесетте месеци“, „Цане и ламјата“, „Слепиот цар и син му“).
2004 -2005 година работи како новинар во Издавачата куќа „Просветно дело“. 2004 година е автор на едицијата „Виножито“ од 6 сликовници: („Виолетова приказна“,„ Црвена приказна“,„ Портокалова приказна“, „Сина приказна“,„ Зелена приказна“, „Жолта приказна“), преведени на англиски, албански, бугарски и српски јазик. Освен на македонскиот пазар истите се извезени и во Албанија, Косово, Бугарија, Србија, Босна и Косово. 2018 год. ја публикува книгата „Сонови и од нив приказни“ (книга со раскази за деца на возраст од 11-13 год.) во Издавачка куќа Македонска реч (поддржана од Министерство за култура). 2020 год. излегува од печат „Малку страна приказна‘‘ во Издавачката куќа Просветно дело.
Во текот на дваесет години била член на повеќе комисии на литературни конкурси за деца.
Член е на основачкиот одбор на литературната манифестација „Пролет на сребрените соништа“ – Радовиш и литературната манифестација „Детски лирски треперења“ – Охрид. Во текот на повеќе години хонорарно работи како организатор на многу креативни работилници во соработка со градски и училишни библиотеки. Работела како творец на повеќе јавни трибини од областа на литературата за деца во библиотеки, училишта и културни центри во Македонија.