Музика и уметностПод друга шапка

Под друга шапка со Влад Илиќ – За мене комедијата е разговор

Везилка Магазин

Сè додека се идентификуваме со ситуацијата тогаш ке зависиме од средината – нашата моќ лежи во изборот измеѓу она што сме и она што работиме, желбите што ги имаме и местото и можностите кои нè опкружуваат…

 

Comedy Store King Gong Show Winner

Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.

Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот му го отстапуваме на наш автор од Велика Британија. Творечката шапка ќе ја поткрене Влад Илиќ – комичар.

 

Опиши еден (работен) ден од твојот живот?

Влад: Наутро прегледувам стар материјал и додавам-одземам реченици. Потоа препишувам нов материјал или барам да го проширам некако. Ова може да трае од 45 минути до 2 часа. Потоа одам на кратка прошетка и размислувам за нови идеи. Ако дојде нешто запишувам, ако не само шетам 🙂

Попладнето се занимавам со други работи, а веќе на кај вечерта имам двочасовна проба – го изведувам материјалот или имам пишувачка сесија со уште еден или двајца комичари. На настапот пристигнувам еден час порано и разговарам за идеи кои се покомплицирани со други комичари.

За време на настапот, ја анализирам атмосферата како и самото претставување на нивниот стенд-ап – каков материјал користат, како е изглумено, какви изрази користат. Пет минути пред мојот настап “бришам” сè во главата, заборавам на сè и се фокусирам на моментот.
По настапот останувам на кратка дружба, а на патот назад го преслушувам материјалот кој го снимам на својот телефон. Пак одземам – додавам – проширувам.

Секако ова нека служи како пример, не секогаш е по овој редослед – некогаш не е толку досадно колку што звуци.

 

Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?

Влад: Во голем град животот е брз и нон стоп си горе доле, но ова е премногу субјективно секако. Она што за мене е добро, за некој не е и така натаму. Не верувам дека средината може да ти го подобри или влоши животот, може само да ти влијае на животната ситуација. Сè додека се идентификуваме со ситуацијата тогаш ке зависиме од средината – нашата моќ лежи во изборот измеѓу она што сме и она што работиме, желбите што ги имаме и местото и можностите кои нè опкружуваат.

Што се однесува до животната ситуација – во поглед на многу нешта е подобрена кога споредувам со минатите периоди, но секако ни претстојат колективни предизвици како глобалното затоплување.

 

Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеите за творење?

Влад: За мене комедијата е разговор и голем дел од инспирацијата ми доаѓа во секојдневни разговори со луѓе од различни средини.

 

Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?

Влад: Сега сум во ситуација каде што сакам да изградам мост помеѓу сегашното живеалиште и својот роден крај – не можам да знам, но сигурно ке продолжам да работам стенд ап и да создавам смеа под две неба.

 

Влад е успешен комичар. Не oстанаа рамнодушни и „ловците на таленти“ на популарната BBC и беше гостин на настан организиран од страна на популарната телевизија кој можете да го видите овде:

 

 

Влад Илиќ е млад и перспективен комичар кој ги користи своите лични приказни и гледишта на тоа како е да се биде млад „миленијал“ од источна Европа во Лондон и сето тоа го преточува во супер вкусно комеди шоу со кое од ден на ден станува се попопуларен и баран по клубовите за комедија во Англија.

За неговиот квалитет говорат и освоените награди: King of the Gong – Comedy Store Manchester Comedian of the Year – Stand Up Club Soho, London One to Watch – Up the Creek, Greenwich London Max Turner Prize – Comedy Virgins, Stockwell, London.

Везилка Магазин