Кога бев студент во Македонија и периодот после моите студии ја имав таа среќа да работам на реставрација на икони, фрески и реставрација на керамика. Знаете, кога ќе се соочите со кршливо парче керамика во рацете, старо десетици векови, додека внимателно го негувате, сакале вие или не тоа станува дел од вас…
Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот му го отстапуваме на наш автор од САД. Творечката шапка ќе ја поткрене Гоце Давидов – академски скулптор, инструктор по керамика и промотор.
Опиши еден (работен) ден од твојот живот?
Гоце: Иако ова интервју ме наоѓа во еден сосема нов период од животот, на сосема друго место на живеење, ќе се потрудам да направам една мала ретроспектива на она што го живеев до пред само три недели.
Кога би тргнал да опишам еден работен ден со моите скулптури, а притоа да не дадам мал вовед за текот на една обична работна недела би изгледало премногу романтично, a знаеме дека реалноста е секогаш поразлична. За среќа, баш таа разноликост и нејзината динамика на крај ни ја дава содржината и инспирацијата за креативните денови. Со оглед дека работниот дел од денот го минував низ различни обврски, деновите во неделата во Масачусетс ретко наликуваа еден на друг. Половина од неделата работев како скулптор во Buccacio Sculpture Services, каде што изработувавме монументални скулптури во бронза. Паралелно со ова работев како инструктор по керамика во школата за ликовните уметности New Art Center Newton. Остатокот од времето или поубавата половина од неделата, имав превилегија да работам и да се посветам на моето творештво во едно од атељеата за керамика, во кој бев член и каде што запознав прекрасни талентирани уметници и колеги од секаде во светот. Едно од нив беше и Harvard Ceramic Program студио.
Секој ден почнува исто со појадок со моето семејство, организирајќи го и планирајќи го денот и обврските со сопругата Меги и нашиот син Лука. Веднаш потоа, го носев Лука во градинка за попатно да купам уште едно кафе и да побрзам кон ателјето. Овде најпрво ја отворам скулптурата или глината и така низ кафето си разговараме и договараме. Потоа почнувам со глината и влегувам во мојот свет. Нормално не секогаш се моделира. Понекогаш керамиката има и други потреби како глазура, печење, припрема за изложба, фотографија, апликации за изложби итн итн. И така, се додека не дојде време за повторно да тргнам до градинка, да го земам син ми и да се упатиме кон дома. Потоа се собираме за вечера, разговор и дружење, а после вечерата книга или филм.
Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?
Гоце: Промените за секоја средина се неопходни и добро е кога се случуваат. Масачусетс е еден доста прогресивен дел од Америка, а особено Бостон и околината на Бостон која е полна со универзитети, збиднувања, настани и мешавина на многу луѓе кои ги прават тие промени. Лично сметам дека од промените можеме да научиме. Некое мое генерално мислење е дека станува збор за средина која се менува на подобро и веројатно дека тоа е процес кој има некаков континуитет.
Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеите за творење?
Гоце: Идеите во моето творештво доаѓаат од сите сфери на животот, а на самиот почеток беше космосот и тоа космосот на Карл Саган. Таа отвореност кон непознатото ми даде толку многу можности да создадам еден мој свет, место со мои правила. Подоцна тоа беа ритамот и повторувањата на формите како молитва и експресија, социјалните движења и филозофијата, силите на спротивностите во социјалните средини прикажани низ спротивностите на формите, духовноста на Македонија или оној “wabi sabi” дел на убавина на несовршеното и недовршеното, полно со духовност.
Ова уште би го нарекол и народна поетика која во Македонија е премногу присутна почнувајќи од декорацијата на лебот и фолкорните приказни кажувани од баба ми, па се` до византиската музика и молитва, фреско сликарството, архитектурата, поезијата која е полна со убавите зборови на милоста.
Кога бев студент во Македонија и периодот после моите студии ја имав таа среќа да работам на реставрација на икони, фрески и реставрација на керамика. Знаете, кога ќе се соочите со кршливо парче керамика во рацете, старо десетици векови, додека внимателно го негувате, сакале вие или не тоа станува дел од вас. Сеќавањата од тие потези и форми од непознатите уметници и мајстори, се длабоко врежани во мојата меморија. Тие се секогаш присутни во помал или поголем дел на едно од моите дела, без разлика дали е тоа скулптура, цртеж, фотографија или било кој уметнички израз.
Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?
Гоце: Желбата е секогаш присутна но не би правел планoви. После девет години живеење во Aмерика, денес е мојата трета недела како живеам во Вилниус, Литванија зедно со моето семејство. Она што за сега е извесно е дека ќе останеме тука најмалку две години поради работни обврски. Верувајте дека никогаш не планиравме било што за Литванија, но еве тука сме.
Следуваат неколку скулптури од богатиот опус на Гоце, што за оваа прилика ги одбравме за Везилка:





Гоце Давидов – Роден во Кавадарци во 1981 г, Република Македонија. Средно уметничко училиште Лазар Личеноски завршил во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, Скопје во класата на Васил Василев, на отсек вајарство, насока реставрација и конзервација.
2009 добитник на првата награда за најдобар дизајн на Јане Сандански во Скопје, општина Аеродром и ја изработува монументална скулптура на Јане Сандански.
По преселбата во САД во 2012 г. Станува член на неколку ателјеа за керамика Feet of Clay – Brookline, Harvard Ceramics Studio – Allston, Potter’s Shop and School in Needham.
Бил резидентен уметник во Вермонт студио арт во Јонсон, Вермонт и Дана Хал Велсли, Масачусетс.
Учесник на бројни самостојни и групни изложби земјата и странство меѓу кои во Кавадарци, Штип, Велес, Прилеп, Скопје, Љубљана, Парис, Бостон, Велсли, Нидам, Вашингтон, Силвер Сити Ну Мексико.