Од денес започнуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои живеат надвор од Македонија т.е. под/во други шапки/земји. Ги повикуваме македонските автори кои живеат надвор од Македонија да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот ќе ѝ го отстапиме на гостинка од Скопје. Творечката шапка ќе ја поткрене Елена Пренџова – поетеса, слемерка и препејувачка.
ОПИШИ ЕДЕН (РАБОТЕН) ДЕН ОД ТВОЈОТ ЖИВОТ?
Елена: Работа, работа и само работа. Си ја сакам работата.
ДАЛИ ЖИВОТОТ ВО ТВОЈАТА СРЕДИНА СЕ МЕНУВА НА ПОДОБРО ИЛИ ПОЛОШО И ЗОШТО?
Елена: Сѐ тече, сѐ се менува. На подобро? На полошо? Зависи од перспективата на гледање.
КАКО СЕ ИНСПИРИРАШ, КАКО ТИ ДОАЃААТ ИДЕИ ЗА ПИШУВАЊЕ?
Елена: Од животот. Сите идеи за пишување се во животот.
ДАЛИ МИСЛИШ НЕКОГАШ ДА СЕ ВРАТИШ ДА ЖИВЕЕШ ВО МАКЕДОНИЈА (ДА/НЕ) И ЗОШТО?
Елена: Еден мудар човек еднаш ми рече: „Не го планирам животот, затоа што планирањето само ми задава стрес. Вака, сум отворен за што ѝ да се случи.“ Храбро, нели?
Следува дел од поезијата на Елена што таа ја одбра за Везилка
НЕКОГАШ УМЕЕВМЕ СВЕТОВИ ДА ГРАДИМЕ
1
некогаш умеевме
светови да градиме
умеевме стереотипи
со поглед
до согорување
да распалиме
умеевме студ и мрак
да разжариме
некогаш умеевме
со здивот на воздухот
да се галиме
во невротичниот трепет мир и спокој
да живееме
некогаш умеевме многу
умеевме стихови
да си подаруваме
и да склопуваме рими
што на школо нè учеа дека немаат природна звучност
оти нам
сè ни беше природно
оти нам
сè ни беше нормално
оти нам
сè ни беше љубов
некогаш умеевме
светови да градиме
некогаш умеевме многу
некогаш ни се чинеше просто умееме сè
се сеќаваш ли
некогаш умеевме
светови да градиме
кога ли
зошто ли
сето тоа го заборавивме
2
некогаш умеевме
светови да градиме
на животот
со пркос
во борбен ринг
да му влегуваме
некогаш умеевме
под кожа да си живееме
некогаш умеевме
само да раснеме созреваме и убавееме
некогаш умеевме
да бидеме наивно добри
некогаш умеевме
невино да се љубиме
умеевме искусни
еден во друга
слепо да се заљубиме
некогаш умеевме многу
се прашувам дали
воопшто
некогаш
повторно
ќе можеме пак така
од љубов да се излудиме
така жарко да љубиме
и кого
и кого
3
некогаш умеевме
светови да градиме
некогаш умеевме
себеси како личности
да се градиме
некогаш умеевме
да градиме
сега сè сме заборавиле
сега сè рушиме
сега се рушиме
Елена Пренџова е поетеса, слемерка и препејувачка од Скопје. Таа е магистерка по Филолошки науки и дипломирана професорка по Англиски јазик и книжевност. Менторира работилници за слем и креативно пишување. Авторка е на десетина поетски збирки, уредничка на две антологии, препејувачка на две книги поезија од англиски јазик и преведувачка на еден роман за деца од српски јазик. Пренџова е националната претставничка на Европското слем-првенство во 2016 година. Организира и соорганизира слем-настани и слем-натпревари. Остварила три книжевни резиденцијални престои.
(авторот на фотографијата е Крсто Златков)