Музика и уметностПод друга шапка

Под друга шапка со Елизабета Линднер Костадиновска – Мене не ми е целта со колеги да си ракоплескаме едни на други, туку да допреме до вистинска публика

Везилка Магазин

Поезијата едноставно доаѓа и бара начин да се „материјализира“ во зборови – на македонски, германски, а понекогаш и на англиски. Може да е љубов, политика, мистика, митологија… но секако неодвоив дел од мене. Потоа само избирам што ми се чини дека има соодветен квалитет и го издвојувам…

Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.

Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот ѝ го отстапуваме на наша авторка од Германија. Творечката шапка ќе ја поткрене Елизабета Линднер Костадиновска – писателка, уметница и преведувачка.

 

Опиши еден (работен) ден од твојот живот?

Елизабета: Како слободен уметник со самостална работа и повеќе сопствени проекти од доменот на книжевноста, уметноста и културата, работниот ден може да има и до 15 работни часови, но важно ми е сама да одредам кога и како ќе ги сработам, бидејќи ефективновста и притисокот не одат секогаш заедно. За мене најоптимална е работата ноќе, но важни ми се и отспивањето и сонот, па така за мене ретко постои претпладне (освен ако морам да толкувам на суд, каде заработувам додатно, бидејќи со уметност и култура не е доволно), во таа смила: денот ми почнува обично напладне, ритуал со појадок и јако капучино – а потоа мејлови, социјални мрежи – и во зависност од актуелниот проект – дали организација на фестивал, уредување и преведување на книга, моја уметност или текст, апликации, резиденција на друго место… следат соодветни работни активности – но секогаш во преден план е поезија или поетика. Човек би помислил дека животот ми е песна, ама да се дојде до тоа беше и уште е невидено мачна и тешка животна борба.

Доколку временските услови и времето што ми е на располагање дозволуваат, обавезно возам точак или одам на прошетка, – во околината каде живеам има многу можности – повремено се сретнувам со пријатели и колеги, да ја разбијам осаменоста на својата работа (која впрочем и не ми пречи), се разбира одам да пазарам во супер маркет, повремено секако и на некој настан… за жал веќе година дена немам можност за понеделничкиот курс по тајчи чуан, а тоа многу ми недостасува… како што спомнав обично работам до доцна во ноќта (до 3-4 часот), затоа и ги сакам зимите, бидејќи (во Берлин, за разлика од лето) ноќта е долга, па имам чувство дека имам повеќе време 🙂

 

Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?

Елизабета: Мислам дека општо земено животот се менува на полошо, – климатските услови, сиромаштијата, војните и бегалците, а сега особено со нејзиното височество – короната, светот ќе доживее вистински капиталистичко-системски катастрофи од невидени размери. Навестувањето на катастрофите беше присутно и претходно, но ми се чини дека подготвеноста тие да се спречат или ублажат воопшто не е човечка особина.

Секако дека кризата се забележува и во мојата околина, каде се чувствувам навистина дома, бидејќи сум среде вистинскиот лик на Берлин: разноликост од луѓе, јазици, култури, класи, дуќани, локали. Становите стануваат луксуз, но сепак постојат и голем број иницијативи кои се борат против алчниот однос на бизнисот со недвижнини, затоа учествувам во многубројни петиции, а пред корона бев и на многу протести, иако веќе не верувам дека тоа нешто многу ќе смени, капитализмот и тоталитаризмот веќе ја живеат својата кулминација во новиот светски поредок… но да се вратам на конкретниот одговор: Најголем проблем е губењето на просторот за живеење и невозможноста да се плати високата кирија, односно гентрификацијата, која веќе погази некои делови од Берлин, уништи егзистенции на луѓе, а воедно ја изобличи сликата на градот – ја направи здодевна и студена; со тој изглед овие делови од Берлин можат да бидат во кој било друг град, тие веќе го немаат оној берлинскиот шарм. Во мојот кварт нема да се случи тоа, барем не во следните десет-дваесет години, а се надевам дека до тогаш ќе се сменат многу работи на подобро, зашто во спротивно нема да можеме да очекуваме подобра иднина и општо земено.

Од неодамна на улицата каде често поминувам живее еден бездомник, па луѓето го почитуваат неговото катче дом. Решив да му носам празни пластични шишиња, па од кауцијата (25 центи по шише) ќе може секако да си купи нешто за јадење… Шишињата како и добрата облека и обувки, предмети за разна употреба во домаќинството и сл. кои јас веќе не ги употребувам ги оставам на улица за некој што ќе му се најдат. И јас наоѓам на улица нешта кои ги земам и ги употребувам понатаму. Тоа многу ми се допаѓа во Берлин и мислам дека секој треба да придонесе за доброто во својата околина, онолку колку може. Овој начин на размена и реупотреба на нештата му пркоси на капитализмот и конзумеризмот и е дефинитивно начин за поддршка на поголем социјален и еколошки придонес во општеството. Освен тоа, сметам дека воведувањето на утопистичкото „основно примање за сите“ може да смени многу работи на подобро, мислам дека луѓето тогаш ќе станат навистина посолидарни.

 

Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеи за пишување?

Елизабета: Со оглед на тоа дека пишувам на два јазика и во различни книжевни форми – поезија, проза (кратки раскази, есеи, критички текстови), има повеќе одговори. Поезијата едноставно доаѓа и бара начин да се „материјализира“ во зборови – на македонски, германски, а понекогаш и на англиски. Може да е љубов, политика, мистика, митологија… но секако неодвоив дел од мене. Потоа само избирам што ми се чини дека има соодветен квалитет и го издвојувам. Прозата може исто така да надојде како набој на мисли и слики (најчесто се тоа скици, па кога ќе го најдам текстот се исчудувам од каде ова? И продолжувам да работам на него), но често е јасен склоп од доживеано со примеси на фикција и надреализам, па е и еден вид сакана конструкција, композиција. Имам многу приказни, но немам време да им се посветам, бидејќи работам на многу други проекти истовремено, но сепак творечкиот процес си наоѓа начин да се манифестира. Кај и да е, ќе си одвојам малку повеќе време за своите дела и ќе почнам да објавувам повеќе. Проблемот е што пишувам на два јазика и никаде не припаѓам вистински – ниту во македонската, ниту во германската книжевна сцена, а тоа е воедно и добро и лошо – како и да е, спаѓам во групата на ретки автори распнати меѓу два јазика и две култури.

Апсорбирањето квалитетни дела е исто така важно за сопствениот творечки процес. Често ми се случува откако ќе напишам нешто, отпосле и случајно, да наидам на поврзаности со туѓи мисли или текстови – кои секогаш ги сметам за крајно возбудливи, зашто во суштина, иако мојата мисла на прв поглед е својствена и оригинална, сепак постои поврзаност со некоја исконската мудрост, во филозофски или во поинаков книжевен и културлошки контекст, па на некој начин изменета ја наоѓам кај други, најчесто за мене многу важни автори, со кои свесно (во есеј или концептуален процес на пишување) или несвесно (уметнички процес, поезија, експериментални дела), значи директно или индеректно се поврзувам или надоврзувам. Затоа и особено го почитувам постмодернистичкиот начин на творење.

Често ми се случува при истражување на некој збор да залутам во непознати и неочекувани текстови и да се заборавам со саати. Овие „неслучајни случајности“ и одушевеноста од нив ми се една од придобивките на на нашето време, бидејќи со интернет овие поврзувања се многу поедноставни и побрзи – а библиотеките и книгите се секако неопходни за продлабочување на овие процеси и хранење на духот.

Човечкиот дух на кој му е даден талент е една бескрајна можност за потрага по вистината проследена од уметничко творење и проширување на реалноста, затоа одговорот на ова прашање не може да биде сосема конкретен. Вдахновение звучи можеби архаично и застарено, меѓутоа сметам дека е многу повеќе од инспирација – тоа е творечкиот процес кој носи исклучителни и квалитетни уметнички и книжевни дела, да се биде свој во контекст на бескрајниот космос, каде егото е само пречка. Можеби повеќе одговара со илуминација… Но, за жал егото секогаш го диктира пазарот (и обратно), па така имаме многу дела што се инспирирани од егото и сопствената слава, па главна намера им е да бидат допадливи за поширока публика, да се продаваат, а тоа е за мене далеку од вдахновение, – но тие дела се продаваат, бидејќи мејнстримот и сè што спаѓа во него (пиар, медиуми и сл.) едноставно ги креваат на посебен пиедестал. Секако дека има и квалитетни дела во таа „книжевна џунгла“, но тешко е да се дојде до нив. Бидејќи работам и експериментално и со перформанс, не ни очекувам реакции од мејнстримот, но секако и со своите дела и со проектите што ги водам би сакала да допрам до потенцијална публика, која во преплавеноста од книги и дела, можеби сепак не го наоѓа она што го бара. Мене не ми е целта со колеги да си ракоплескаме едни на други, туку да допреме до вистинска публика.

 

Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?

Елизабета: Физички не мислам да се вратам во Македонија, бидејќи мојот дом е Берлин, а умствено, ментално, професионално и културолошки никогаш не сум ја ни напуштила земјата, бидејќи преку преводот веќе долги години работам паралелно на и со македонски и германски јазик, а јазикот е идентитет и не можеме да му се оттргнеме или да го запоставиме. Одамна се залагам за видливост на особени автори во македонската книжевна сцена и за промовирање на книжевноста и уметноста на (независни) македонски автори и уметници во Германија (и други земји). Затоа настана и биеналето СловоКулт :: литерАРТура и книжевната едиција СловоКулт :: Словотека во соработка со Арт Еквилибриум, каде квалитетниот книжевен и уметнички израз и повеќејазичноста се најважна карактеристика; за фестивалот имаме и интердисциплинарност и мултимедијална презентација, бидејќи современоста за мене значи и видна промена во презентацијата.

И покрај игнорирањето од страна на колегите и медиумите, проектите на СловоКулт оставаат трага во културните кругови во земјата и надвор од неа, а тоа ми е доволно. Мене не ми треба слава, напротив, никогаш не би можела да си замислам преполн календар со термини. Сакам да ја следам својата вокација, да го работам она што најдобро знам и умеам и воедно да останам слободен уметник, а што се однесува до делата, секако дека сакам да допрат до повеќе луѓе. Бидејќи пишувам и мислам на македонски, германски и англиски, – а уметничкиот процес не треба да се контролира, регулира или прилагодува според некои свои желби или потреби – јас никогаш нема да бидам национална авторка и никогаш нема да претставувам ниту една земја на ниеден интернационален фестивал – а тоа е сосема во ред и одговара на мојата личност: секогаш ќе останам интернационална и интердисциплинарна писателка и уметница во независната сцена, авангардата, андерграундот – во Берлин, Скопје, а можеби и други градови – идеален опис би бил: независна европска писателка, уметница, преведувачка (и др.) од Берлин со македонско потекло.

 

Следува дел од поезијата на Елизабета што ја одбравме за Везилка:

 

Прилагодени маси

 

отсекогаш и засекогаш
прилагодување
оптимизирање на масите
за нискоидејни цели
заглупување до бесвест
драгоценост
кон која секоја држава
тежнее, проста доблест
која со векови опстојува: маса истомисленици
налик едни на други
однатре и однадвор
униформирани лесни за манипулација
и деградација
без мозочни клетки
способни за сопствена мисла
и калкулација.

Државното татковство
порачува:
такви ве сакаме
такви ве имаме
такви ве чуваме:
со нови мерки за претпазливост
нови мерки за сигурност
нови закани со казна
нови закани со пари
нови закани со слобода
која и бездруго ја немате со нашите закони.

Зјапајте, да, зјапајте
во правилникот
што ви се сервира
и исполнувајте беспрекорно,
научивте да читате и тој
ви е доволен
научете го напамет
направен е за профит од вас за нас
сега секогаш и во вечни времиња

наши сте и таму ќе останете:

неслободни, несвои
неспособни, несвесни
недолични, недостојни
ненајдени и недојдени
на местото каде што копнеете
да сте.

 

Планетарна аптека

 

привидно се опсипуваме со материи за среќа
чии дејствија ни се непознати
држам чекор со анализите на својот пат
а не гледам истурено масло на раскрсницата
каде трамваите се разминуваат во склоп
со струјното поле над мислите од пешаците
збунети или замислени, може и зашеметени
од секојдневната доза лудило или слепило за сите
од кое се принудени да бараат спас

Во епрувета подадени капки занес
замeшани од згодна аптекарка со свилеста кожа
и измерени со пробивен поглед од темносини очи
со доверба да ги налеам врз рутината што ја немам
ама знам да си ја замислам
знам да ја почувствувам и кога треба и не треба
како и ред други одлики на човековиот живот
и неговата излишна потреба да стреми кон
недвосмисленост и не(до)мисленост.

Замислува среќа, а не знае каква е,
сака љубов, а сепак нема доволно ни за себе,
човечен се смета, а има его за десетмина
сее љубов и насмевки, само кога се забавува
па стреми да се забавува дури и вештачки
и заборава дека заборава што значи повеќе
повеќе среќа, повеќе љубов, повеќе човечност, повеќе
солзи и насмевки, повеќе живот.
Заборава дека знае и дека мора да може,
ама секогаш има десетина други поважни нешта.

Привидно се опсипуваме со материи за среќа
чии дејствија ни се непознати
шарени таблети за секоја дијагноза
и за секој ден по една
кои не доведуваат до револуција
ниту пак до недвосмисленост
туку до револуционерна недоумица
со незамисливо дејствие и нус-појави
непознати ни за згодната аптекарка
со свилеста кожа и продорен поглед
ни за било кое друго прекрасно суштество
што шета исправено по овоземните патеки
на изнемоштената планетарна аптека
во потрага по масла и супстанции
погодни за сечиј ум и разум, капки
со пипета или во епрувета, масти против
секаков вид рани, модрици и црвенила
за внатрешна, надворешна и оралана употреба
капсули, прав, тинктури и емулзии,
течности со или без алкохол
во боја или проѕирни кои лесно
се раствораат во мокрача и крв
и венозно се транспортираат до
сите делови од човековото битие,

за човек барем малку да остане присебен.

 

Елизабета Линднер Костадиновска – поетеса, писателка, преведувачка, приредувачка на книжевни дела, главна и одговорна уредничка на онлајн списанието СловоКулт, уметнички директор на биеналето за современи уметности СловоКулт :: литерАРТура:

Родена во Скопјe, дипломирала германски јазик и книжевност на филолошкиот факултет “Блаже Конески” при универзитетот “Свети Кирил и Методиј” во Скопје (2001), студирала Современа германска литература и Славистика на факултетите во Дрезден (ДААД стипендија 1999-2000) и Регенсбург, каде во 2005 и магистрирала. После специјалниот курс за културен менаџмент, од 2006 година  се преселува во Берлин, каде оттогаш живее и работи.

Преведувачката дејност ја започнува во 2004, а од 2008 интензивно соработува со Игор Исаковски и до 2015 за Блесок уредува и преведува автори од германското говорно подрачје. Досега има објавено околу 30 преведени дела меѓу другото проза од Томас Бернхард, Бенјамин Штајн, Вилхелм Генацино, Петер Хандке, Кристијан Крахт, Клеменс Ј. Зец и мн. др., поезија од Рајнер Марија Рилке, Паул Целан, Х.Ц. Артман и др. За преводите има добиено награди, признанија и стипендии. Редовно преведува и современи македонски поети на германски.

Пишува песни и раскази уште во деведесеттите, но не ги објавува – по иселувањето во Германија во 2001 почнува интензивно да се бави со германска книжевност, па затоа во последните десетина години пишува поезија и куса проза претежно на германски. Досега објавила песни, кратка проза и експериментални дела во неколку германски списанија (Prolog, Politisch Schreiben, Perspektive, Signaturen), како и есеи. На македонски уште во 2009 за Блесок го објави есејот за превод на поезија “Среброљубива или алчна за пари” http://www.slovokult.eu/index.php/stav-namesto-strav/prevod-na-poezija/, кој беше објавен и на германски на SlovoKult.de. Други текстови на македонски се публицирани во 11 март 1943, текстот за “Голем” и портрет на Бенјамин Штајн. http://www.slovokult.eu/wp-content/uploads/2016/04/Benjamin-Stein-Religijata-4.compressed.pdf и секако на СловоКулт во рубриката „Став наместо страв“ – http://www.slovokult.eu/index.php/stav-namesto-strav/

Во Германија во 2018 нејзина песна и расказ беа објавени во антлогијата „Rrrr“ (Gisela Verlag, Regensburg), a во 2019 во научната публикација “Окултна уметност” (Okkulte Kunst), приредена од Александер Греф, е застапена со есеј кој ја анализира и толкува кабалата во романот “Голем” на Густав Мајринк, (transcript, Bielefeld) – тема на магистерскиот труд напишан и одбранет 2005 на Универзитетот во Регенсбург.

Во 2020 конечно излезе нејзината двојазична збирка поезија „Двоински на гости кај бескрајната провалија“ за Арт Еквилибриум и СловоКулт, која содржи и англиски текстови и колор слики од неколку експериментални дела од ликовна уметност и текст.

Изработува колажи кои содржат песна од текст-монтажи и cut up (кои потоа ги преведува), цртежи (со или без експериментален текст) – засега сконцентрирани во две големи серии – Volksbühne и Деконструираниот роман Платно од Бенјамин Штајн (двојазична) и се бави со експериментална поезија и интердисциплинарни и мултимедијални изведби.

Учествувала на повеќе групни изложби и читања во Берлин, Скопје и Гевгелија, а во 2017 го имаше своето прво самостојно читање во (Бротфабрик) Берлин и својата прва самостојна изложба во (Концепт 37) Скопје. Уште во 2016 објавува свои текстови на поетскиот портал Fixpoetry (кој за жал веќе не постои). Нејзин колаж е на насловната страна на двојниот  број 94/95 на списанието Perspektive https://www.perspektive.at/themen/heft-94-95/

Повеќе: http://www.slovokult.eu/index.php/avtori/poezija/elizabeta-lindner-kostadinovska/

Везилка Магазин